Деловник
Деловник на Државна изборна комисија
Врз основа на член 31 став 2 точка 35 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија„ број 40/2006), Државната изборна комисија на седницата одржана на 4 јули 2006 година, донесе
ПРИВРЕМЕН ДЕЛОВНИК
НА ДРЖАВНАТА ИЗБОРНА КОМИСИЈА
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој привремен деловник се уредуваат организацијата и функционирањето на Државната изборна комисија (во натамошниот текст: Комисија).
Член 2
Седниците на Kомисијата се јавни.
Kомисијата може да одлучи да работи без присуство на јавноста, под услови утврдени со Изборниот законик и со овој привремен деловник.
Член 3
Во работата на Комисијата службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Член 4
Комисијата за сите прашања одлучува со јавно гласање.
Член 5
Претседателот на Комисијата ја претставува Комисијата.
Член 6
Комисијата има печат и штембил.
Печатот има облик на круг со пречник од 2 см и 8 мм. Во првиот круг стои „Република Македонија - Скопје„ во вториот круг стои „Државна изборна комисија„, а во средината на печатот е грбот на Република Македонија.
Печатот на Комисијата се става на одлуките, заклучоците, решенијата, уверенијата и другите акти што ги донесува Комисијата.
Штембилот има правоаголен облик со должина од 6 сантиметри, а ширина 2 сантиметри. Над горниот дел од штембилот стои „Република Македонија – Државна изборна комисија – Скопје„. Во првиот дел стои „Примено„, во вториот дел има четири графи: организациона единица, број, прилог и час.
Штембилот се става на материјалите што се доставуваат до Комисијата и се заведуваат во Деловодна книга


