Претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ, потпретседателот Абдуш Демири и членот на Комисијата Ангелчо Ристов, остварија работна средба со министерот за правда, Игор Филков, на која теми на дискусија беа претстојните измени на изборното законодавство и потребата од активна вклученост на ДИК во процесот.
Во рамките на состанокот, членовите на Комисијата потенцираа дека новото законско решение мора да биде технички изводливо и оперативно одржливо и затоа ДИК, како институција одговорна за спроведување на изборите, треба да биде активно вклучена во разгледувањето на прашањата поврзани со имплементацијата на Изборниот законик.
Исто така, раководството на ДИК нагласи дека веќе е подготвен стручен материјал кој нуди конкретни решенија за надминување на идентификуваните системски предизвици во делот на спроведувањето на изборите. Овие предлози се темелат на долгогодишната институционална пракса на Комисијата и се насочени кон усогласување на техничките процеси со меѓународните стандарди и релевантните препораки на ОБСЕ/ОДИХР кои се во надлежност на ДИК.
Во текот на разговорот, соговорниците се согласија дека Министерството за правда и Државната изборна комисија мора да работат заедно за да се дојде до закон кој ќе гарантира вистинска ефикасност во спроведувањето на изборните дејствија и зајакнување на довербата кај граѓаните во изборните процеси.
Официјалните предлози на ДИК идната недела ќе бидат доставени до Министерството за правда и Собранието на Република Северна Македонија, со верување дека истите ќе бидат интегрален дел од идните законски измени.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА



