Ги известуваме членовите на избирачките одбори дека исплатата на надоместоците е започната и истата е во тек за Претседателските и Парламентарните избори 2024 година. Динамиката за постапката на исплата на надоместоците зависи од ажурноста и точноста на податоците за ИО внесени од страна на Општинските изборни комисии, односно доставени се податоци кои содржат многу технички грешки за личните податоци и истите мора да бидат проверени и корегирани поединечно во Државната изборна комисија за да бидат прифатени во системот за трезор за исплата во Министерството за финансии.

Напоменуваме дека се работи за податоци за околу 35 000 членови на избирачки одбори со податоци од единствени матични броеви и трансакциски сметки, за чија точност при внес беа задолжени општинските изборни комисии.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, Државната изборна комисија ја одржа 109–тата седница на која Комисијата го разгледа Известувањето доставено од Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија со кое информира дека Собранието на седницата одржана на 05.07. 2024 констатира дека на избраните пратеници Синиша Стојаноски и Бобан Николовски од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО- ДПМНЕ им престанува мандатот на пратеници согласно чл. 152 од Изборниот закон.

На седницата, Комисијата информираше дека согласно чл. 153 ст.2 од Изборниот закон, ДИК со допис ги извести наредните кандидати од листите за кандидати за пратеници во Собранието на РСМ за ИЕ 1 и ИЕ 2 од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО – ДПМНЕ, Јане Мицевски и Малиша Станковиќ кои стануваат нови пратеници во Собранието на РСМ. Согласно ова, ДИК издаде уверенија за избрани пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА


Заклучок за завршување на изборите за пратеници во Собранието на РСМ одржани на 08.05.2024 година

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата ДИК го донесе Заклучокот за објавување на конечни резултати и распределба на мандати за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија за Изборна единица бр.5 од спроведените Избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, одржани на 8 мај 2024 година, по конечно завршување на постапките по поднесени приговори.

Истовремено, ДИК одлучуваше по Приговорот за заштита на избирачко право на подносител на листа УП 10 33 од 24 мај 2024 година, поднесен од Коалиција Европски фронт, за ИМ 2101, Општина Желино, ИЕ 6 и истиот беше одбиен како неоснован.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата ДИК го донесе Заклучокот за објавување на конечни резултати и распределба на мандати по изборни единици за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија од спроведените Избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија одржани на 8 мај 2024 година.

Бидејќи во законскиот рок Управниот суд ги одби како неосновани сите тужби на Коалицијата Европски фронт и ги потврди решенија на ДИК за поништување на гласањето, ДИК ги донесе решенијата за повторување на гласање во Изборна единица 5 на ИМ 1470/1, ИМ 1470 во Општина Долнени, ИМ 1194 и ИМ 1202 во Општина Крушево, ИМ 1844 во Општина Струга и ИМ 1272 во Општина Охрид, согласно член 151 став 3 од Изборниот законик и Решението за повторување на гласање во Изборна единица 6, ИМ 2101 во Општина Желино, согласно член 151 став 3 од Изборниот законик.


Согласно тоа, ДИК донесе решенија за разрешување на избирачките одбори кои го спроведуваа гласањето на овие избирчаки места.
На седницата ДИК информираше дека сите претходно пријавени болни и немоќни лица ќе можат да гласаат на 21 мај 2024 година.
Истовремено, ДИК информираше дека изборниот молк настапува на 20 мај 2024 година, во 00:00 часот.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборнакомисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, членовите на Државната изборна комисија остварија средба со амбасадорката на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР Џилијан Стрик, заменик шефот на мисијата, Марцел Наги и аналитичар од набљудувачкиот тим.
На состанокот и двете страни изразија задоволство од соработката за време на изборниот процес и ја потврдија потребата од интензивната меѓусебна комуникација во однос на нотирање на воочени потреби за подобрување на процесот како и конкретни препораки за следните изборни процеси.

Во рамките на завршната средба на набљудувачката мисија на ОБСЕ ОДИХР за изборите во нашата држава, присутните споделија искуства од изборниот процес со кратка анализа и предлози за понатамошните активности и можности за подобрување и развивање на изборниот процес.

Претседателот на ДИК, Проф. Др. Александар Даштевски се заблагодари на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за ангажманот и поддршката што континуирано ја добива ДИК за изборите и го истакна значењето на мисијата за развој на изборниот процес и демократските вредности.

„Изборите поминаа во најдобар ред и продолжуваме со исполнување на нашите обврски. Очекувам до крај и овие денови да поминат во демократска атмосфера онака како што и го започнавне изборниот процес“ истакна претседателот Даштевски на средбата.

На средбата, амбасадорката Стрик сподели дека е привилегија да се работи на изборните активности во Македонија.
„Нашиот прелиминарен извештај даде позитивна оценка за изборниот процес со мали нерегуларности. Внимателно го следиме процесот на приговорите и истиот ќе го оценуваме според транспарентноста, навременото постапување и основаност. Нашата работа е да ги оцениме изборната постапка и процесот а не политичката страна, затоа не интересира само административниот аспект“, изјави шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Стрик.

Пред претставниците на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, се обратија и потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху и членовите Борис Кондарко и Бобан Стојановски.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија ги усвои следните приговори:

Желино,   ИМ 2101  поднесен од Коалицијата„ Влен“

Охрид,  ИМ 1272   поднесен од Коалицијата „ Твоја Македонија“

Крушево,  ИМ 1194 и ИМ1202  поднесен од Коалицијата „ Твоја Македонија“

Струга,  ИМ 1844 поднесен од Коалицијата „ Твоја Македонија“ и Коалицијата „ За Европска иднина“

Долнени,  ИМ 1470 и ИМ 1470/1 поднесен од Коалицијата „ Твоја Македонија“

Останатите приговори за избирачки места во Битола, Ресен, Гостивар, Долнени, Струга, Кичево, Демир Хисар, Чаир, Гази Баба,  се одбиени или повлечени. Секоја заинтересирана страна има право на тужба до Управен суд во рок од 24 часа по одлуката на ДИК, а Управниот суд одлучува во рок од 48 часа по поднесена тужба. После одлуката на Управниот суд, ДИК ќе излезе со конечен извештај за резултатите, односно доколку има избирачки места каде што ќе се поништи гласањето, дополнително ќе се направи симулација дали бројот на запишани гласачи во избирачките места каде што би се поништило гласањето, влијае на резултатот во распределба на мандатите. Во зависност од тоа ДИК по одлуките на Управниот суд, ќе донесе заклчок за евентуално прегласување на определени избирачки места.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, Државната изборна комисија издаде Уверение за избран Претседател на Република Северна Македонија, на Гордана Сиљановска Давкова, која според резултатите од спроведените избори за избор на Претседател на Република Северна Македонија, одржани на 24 април и 8 мај 2024 година, беше избрана за Преседател на државата.

На седницата која ја одржа Државната изборна комисија, беше усвоен Заклучокот за конечност на резултатите од гласањето за Избор на Претседател на Република Северна Македонија, одржано на 8 мај 2024 година.

Државната изборна комисија утврди дека вкупниот број на запишани избирачи за претседателските избори кои биле запишани во Избирачкиот список изнесува 1.814.317, вкупниот број на избирачи кои гласале бил 861.218, вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња 953.121, вкупниот број на важечки ливчиња 812.899, вкупниот број на неважечки ливчиња 48.289 а процентот на избирачи кои гласале е 47.47%.

На гласањето по листите за кандидат за Претседател на Република Северна Македонија, во законски утврдениот рок, по истекот на рокот определен за приговори на постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите и објавените првични резултати, Државната изборна комисија ги објави и следните конечни резултати:

  1. Стево Пендаровски, освоени 251.899 гласови
  2. Гордана Сиљановска Давкова, освоени 561.000 гласови

За Претседател на Република Северна Македонија е избрана Гордана Сиљановска Давкова со мнозинство гласови од избирачите кои гласале.

Претседателот на ДИК, Проф.Др. Александар Даштевски и го предаде Уверението на Гордана Сиљановска Давкова и од име на Комисијата и посака успешен мандат како шеф на државата.

.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Скопје – 8 мај 2024 – Државната изборна комисија беше домаќин на високи претставници од различни меѓународни тела за управување со изборите кои добија акредитации за набљудување на изборите во државата. Доаѓајќи од Грузија, Молдавија, Црна Гора, Украина и Косово, овие набљудувачи се интересираа за правната рамка за изборите во Македонија, процедурите пред и на денот на изборите, како и начинот на сумирање и презентирање на изборните резултати.

За време на нивната посета, меѓународните набљудувачи одржаа средба со претседателот, потпретседателката и членовите на Државната изборна комисија, кои ги воведоа во процесот на подготовки за спроведување на Претседателските и Парламентарните избори, како и во очекувањата од изборниот ден од аспект на организирање на слободни и фер избори. Набљудувачите беа особено импресионирани од напорите на Комисијата да обезбеди интегритет и правичност на изборите, поттикнувајќи постојано унапредување на демократијата во државата.

Делегацијата го посети и Собранието на Република Северна Македоноја, пришто се запозна со законодавната динамика на земјата. Ова искуство им понуди на набљудувачите подлабоко разбирање на структурата на управување на земјата и клучната улога на законодавниот дом.

Меѓународните набљудувачи беа импресионирани од нивото на професионализам на изборните органи на сите нивоа, како и од демократското однесување на гласачите на денот на изборите и нивната мотивација за учество на изборите. Тие го пофалија духот на соработка што го покажа Државната изборна комисија и ја повторија важноста на меѓународната соработка во промовирањето на демократските вредности ширум светот.

.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Претседателот на Државната изборна комисија проф. д-р Александар Даштевски во интервју за МИА вели дека интензивно се работи на подготовките за вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај. Даштевски ја објаснува постапката за гласање на изборите имајќи предвид дека за двојните избори гласачите ќе може само еднаш да излезат на гласање. Исто така тој ги повикува гласачите да го искористат своето право на глас на 8 мај достоинствено и без притисоци и да имаме фер, демократски и слободни избори.

-Сега со оглед дека се работи за вториот круг и некои работи веќе се завршени за вториот круг во првиот круг, уште подобро се одвиваат подготовките, дури и за викенд се работеше. Во петокот го утврдивме изгледот на гласачкото ливче кое ќе биде за вториот круг на претседателски избори, а овие другите за парламентарни веќе се печатат, при крај се записниците и другите доверливи материјали, така што веќе сме во добра подготовка, рече Даштевски.

Вратени се сите уреди за биометриска идентификација, се празнат, а потоа се ставаат податоците за вториот круг од изборите, додава претседателот на ДИК, потенцирајќи дека лицата ангажирани за изборите работеле напорно и за време на викендот за да може навреме се да биде завршено. Даштевски ја нагласува и позитивната оценка што ДИК ја доби од ОБСЕ/ОДИХР.

-Значи, многу работа, меѓутоа се надевам дека бидејќи во првиот круг испадна се’ добро, еве јас малку би рекол тука – мора да се каже дека една од ретките светли точки ако не и единствена во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР е пофалбата за ДИК дека добро ја извршила својата работа, што не беше случај со другите државни органи. Значи, кога ќе се стават вистински луѓе на вистински места може да се заврши добро работата што би требало да биде пракса кај нас, да не биде исклучок, изјави тој.

Видеото од интервјуто можете да го погледнете на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=asRp2R_MvnI&t=61s&ab_channel=MIAMediaInformationAgencyVIDEO

.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата ДИК во законски определениот рок одлучуваше по Приговорот за заштита на избирачко право на подносител на листа Уп1 09-5 од 26.4.2024 година, за ИМ 1112/1 Општина Липково и по извршениот увид во доверливиот изборен материјал, со мнозинство гласови истиот го отфрли како неоснован.

Истовремено, бидејќи на 8 мај 2024 година ќе се спроведува вториот круг на Претседателски избори 2024 година како и Парламентарни избори 2024 година, ДИК ја донесе Одлуката за доделување на дополнителни средства за општинските изборни комисии за спроведување на изборите.

Исто така, ДИК по барањата за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и за Изборите на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година поднесени од: Австриската Радио Телевизија, Изборниот панел за жалби и претставки, Косово, Европскиот парламент, Фондацијата Ромите за демократија Скопје, Советот на Европа, Иницијативата за дијалог и демократија СИЛБА, ОБСЕ / ОДИХР – Канцеларија за демократски институции и човекови права, ОБСЕ ПА, Амбасадата на Кралство Холандија во Скопје и Здружението на граѓани Цивил – Центар за слобода, Скопје, издаде овластувања за набљудување.

ДИК ќе издаде беџови за секој акредитиран набљудувач кој ќе мора да го почитува Кодексот за правилата на набљудување на изборите и изборната постапка на домашни и странски набљудувачи, донесен од Државната изборна комисија.

На седницата ДИК ја информираше јавноста дека на 30 април 2024 година (вторник, 00:00 часот) истекува рокот за пријавување на гласање на немоќни и болни лица, за Парламентарните избори 2024 година, кои во предвидениот рок треба до соодветната општинската изборна комисија да достават барање со комплетна документација дека не се во можност да гласаат на гласачкото место.

Додека пак болните и немоќни лица кои доставиле барање до општинската изборна комисија за првиот круг Претседателски избори, не треба повторно да доставуваат ново барање, за вториот круг Претседателски избори.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата ДИК врз основа на оригиналните записници за сумирање и утврдување на резултати доставени од избирачките одбори и општинските изборни комисии, утврди дека од вкупно запишаните 1.814.317 гласачи во Избирачкиот список, гласале вкупно 905.971 граѓани, односно 49.9 %. Во првиот круг на Претседателски избори 2024 година, бројот на неупотребени гласачки ливчиња е 908.384, бројот на важечки гласачки ливчиња е 881.376, а бројот на неважечки гласачки ливчиња е 24.562.

ДИК информираше дека постапила по добиените приговори кои се однесуваат на постапката за гласање. Усвоените приговори се однесуваат на запишување во Избирачкиот список на денот на гласање. Од друга страна ДИК дел од приговорите ги одби поради неколку причини: поништување на живеалиште, одземена деловна способност, неважечки лични документи за идентификација, лица кои немале постојано живеалиште и се запишани во посебните изводи на Избирачкиот список. Оние приговори кои не биле уредно доставени ДИК ги отфрли.

ДИК на гласањето по листите за кандидат за Претседател на Република Северна Македонија, во законски утврдениот рок, ги објави следните првични резултати:
Стево Пендаровски: 180500.
Гордана Сиљановска-Давкова:363086.
Стевчо Јакимовски:8121.
Бујар Османи: 121088.
Билјана Ванковска-Цветковска: 41331.
Арбен Таравари: 83393.
Максим Димитриевски: 83856.

Подносителите на листа на кандидати имаат право да поднесат приговор до ДИК за постапката на гласање, во рок од 48 часа по завршување на гласањето, а приговорите кои се однесуваат на постапката за сумирање и утврдување на резултатите се поднесуваат во рок од 48 часа од објавување на првичните резултати.

Рокот за поднесување на приговори во постапката за гласање истекува на 26 април 2024 година (петок, во 19 часот), а рокот за поднесување на приговори кои се донесуваат на постапката за сумирање и утврдување на резултати истекува на 27 април 2024 година (сабота во 19:00 часот).

ДИК е должна во рок од 72 часа по приемот на приговорот да донесе одлука.

Против одлуката на ДИК подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението, а Управниот суд одлучува во рок од 48 часа по приемот на тужбата.

ДИК конечните резултати од изборите ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Истовремено, ДИК информираше дека во текот на денот имаше прекин на гласањето на три избирачки места, 1075, 1100, 1090 во Куманово, и бидејќи прекинот траел повеќе од 3 часа, ДИК согласно член 151 став (1) алинеја 3 од Изборниот законик, со решение го поништува гласањето на гласачкото место, но бидејќи вкупниот број на запишани гласачи во овие избирачки места нема влијание на вкупните резултати, гласањето нема да се повтори.

Исто така, бидејќи согласно член 151 став (1) алинеја 1 избирачките одбори не го спроведувале гласањето на начин утврден со овој законик, а неправилностите влијаеле на постапката за гласање или постапката за сумирање и утврдување на резултатите, ДИК со решение го поништува гласањето во гласачкото место, а од увидот во записниците од овие три ИМ е утврдено дека ИО не постапувале согласно упатствата на ДИК, истите се разрешуваат.

Дополнително на тоа се задолжува стручната служба на ДИК да утврди дали има основ за постапување и по член 177 б од Изборниот законик, во однос на утврдување на одговорност на работата на членовите и нивните заменици во овие избирачки одбори.

Всушност, тоа е генералната порака на ДИК за вториот круг избори особено поради фактот дека од страна на ДИК се обезбедени прирачници, обуки и сите потребни услови за непристрасно, професионално работење на ИО и следствено на тоа ДИК нема да толерира неправилно и незаконско работење.

Со оглед на тоа дека на 8 мај 2024 година ќе се спроведуваат два вида на избори и поради тоа ќе биде потребна максимална посветеност и професионалност на избирачките одбори, за поефикасно работење и во интерес на законитоста на изборниот процес и избегнување на грешки, а со цел да се подобри организацијата на ИО, на гласањето на 8 мај 2024 година ДИК одлучи ИО да го спроведува гласањето со седум членови или заменици од ИО, односно:

  1. Лице кое врши идентификација на гласачите (лична карта или патна исправа),
  2. Лице кое ракува со УБИГ кое потребно е најпрво задолжително да праша за кој вид на избори граѓаните сакаат да гласаат, дали за парламентарни или претседателски избори, или за двата вида на избори и тоа соодветно да го нотификува во УБИГ, со што да се напомене дека граѓаните потоа НЕМА да можат повторно во текот на денот да дојдат на избирачкото место и да гласаат за оној вид на избори за кои не гласале и претходно не го искористиле даденото право на избор.
  3. Лице кое ќе ракува само со ИС за Претседателски избори и ќе го контролира потпишувањето на гласачите во ИС
  4. Лице кое ќе ракува само со ИС за Парламентарни избори и ќе го контролира потпишувањето на гласачите во ИС
  5. Лице кое ќе биде задолжено само за гласачките ливчиња за Претседателски избори, ќе ги издава и на нив ќе става печат
  6. Лице кое ќе биде задолжено само за гласачките ливчиња за Парламентарни избори, ќе ги издава и на нив ќе става печат
  7. Лице кое ќе биде одговорно за проверка односно за обезбедување на тајноста на гласањето зад параванот и гласачката кутија, односно правилно ставање на гласачките ливчиња во гласачката кутија.

ДИК апелираше до ИО и ОИК да продолжат да ги почитуваат законите и Изборниот законик, упатствата и правилниците донесни од ДИК, со цел успешно спроведување на изборите и сите задолжително да учествуваат на дополнителните обуки кои ќе бидат спроведени од сертифицираните обучувачи за едукација на изборните органи.

ДИК се заблагоради на сите членови на ИО и ОИК за нивниот ангажман и работа во спроведувањето на првиот круг на Претседателски избори 2024 година.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата ДИК по барањата за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и за Изборите на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година поднесени од: ОБСЕ ПА, Еуроњуз Албанија,  Агенцијата за информирање Косова Прес, Фондацијата Ромите за демократија, Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје, АБЦ Њуз Албанија, Асошиејт Прес, Телевизијата АРД Германија, Прва ТВ Србија, Радио Телевизија Косово, телевизијата ЗДФ Германија, Македонскиот центар за културен развој, Вејк – уп, ТВ Н1 Србија, Бугарската Национална Телевизија, ИФЕС – канцеларија во Северна Македонија, издаде овластувања за набљудување.

ДИК ќе издаде беџови за секој акредитиран набљудувач кој ќе мора да го почитува Кодексот за правилата на набљудување на изборите и изборната постапка на домашни и странски набљудувачи, донесен од Државната изборна комисија.

Истовремено, ДИК информираше дека истите ќе може да се движат слободно на секое ИМ и ОИК на денот на изборите, како и да снимаат во текот на гласањето во ИМ. Она што не е дозволено е да се снима или фотографира зад параванот за гласање и Избирачкиот список, имајќи предвид во него се содржани лични податоци на граѓаните.

ДИК повторно ја информираше јавноста дека на Претседателските избори ќе може да гласаат граѓаните со важечки документи за лична идентификација како и граѓаните на кои по било кој основ (сила на закон или по рок на важност) им истекле личните документи од 24 јули 2023 година до денот на одржување на изборите 24 април 2024 година.

Воедно, ДИК информираше и дека во текот на денот се одвива гласањето на немоќни или болни лица и лица во куќен притвор, лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор, внатрешно раселени лица и лица кои за време на изборите се згрижени во установи за вонсемејна грижа, како и гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларни канцеларии на Република Северна Македонија во странство.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Со право на глас на Претседателските избори 2024 во Избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.317 гласачи.

На 31 гласачко место во дипломатско конзуларни претставништва во странство, 2.569гласачи кои се пријавиле и чии пријави се прифатени од Државната изборна комисија имаа можност да го остварат своето гласачко право.

Се уште се отворени шест гласачки места каде гласањето ќе трае до 19 часот според временската зона на земјата каде што се гласа.

До 19 часот, според информациите кои ги добиваме од избирачките одбори, вкупната излезност од гласањето во странство изнесува 891 гласачи, односно35 %. Напоменуваме дека во оваа излезност поради временската зона не се вклучени шест избирачки места каде што сеуште трае гласањето.

14-те гласачки места во казнено поправни установи каде своето гласачко право денеска можеа да го остварат 2.147 гласачи се затворени. Гласањето таму течеше без проблеми, а до 19 часот, според информациите од избирачките одбори, гласаа 1.380 гласачи или 64% од запишаните.

Во текот на денешниот ден своето гласачко право во единствениот центар за внатрешно раселени лица можеа да го остварат и 2 гласачи кои се водат како внатрешно раселени и истите го отвариле своето право. Гласачкото место и во центарот за раселени лица е затворено.

Вкупно 534 гласачи кои се сместени во 20 центри за вонсемејна грижа имаа можност да го остварат своето право на глас во центарот каде што се сместени.

Од вкупно 250 гласачи од 7 центри, гласале 208 гласачи или 83%.

Во текот на денешниот ден избирачките одбори во Република Северна Македонија го спроведуваат и гласањето на лица кои се болни или немоќни, а кои до општинските изборни комисии доставиле известувања со соодветна документација. Во своите домови гласачкото право го остваруваа 6.935 граѓани кои се пријавиле како болни и немоќни. До сега, според информациите од општинските изборни комисии, гласале 6.543 односно 94% болни или немоќни лица.

Потсетуваме дека Државната изборна комисија досега издаде акредитации за набљудување на 915 домашни, 628 странски и меѓународни набљудувачи и 38 странски новинари.

На сите граѓани на располагање им се и интернет страницата на ДИК www.sec.mk, како и страниците на социјалните мрежи Фејсбук, Х, Инстаграм и каналот на Јутјуб. Таму можете да најдете правовремени и точни информации поврзани со изборите.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата ДИК ја донесе Одлуката за организирање на транспорт на доверлив и недоверлив гласачки материјал за избори и членови на ИО од ОИК до ИМ и обратно, со која се задолжуваат ОИК преку ИО да го организираат и спроведат транспортот на доверлив и недоверлив гласачки материјал за избори и членови на ИО од ОИК до ИМ и обратно, до сите избирачки места во Република Северна Македонија за двата изборни циклуси.

Истовремено, ДИК го донесе Правилникот за критериумите за определување на надоместок на членовите на изборните органи и изборната администрација за спроведување на Изборите за претседател на Република Северна Македонија и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија. Овој Правилник се однесува на членовите на ОИК, ИО, вработените во стручната служба, ПО на ДИК, помошните тела и сите стручни лица ангажирани за успешно спроведување на изборите. Овие ангажирани лица надоместокот за нивниот ангажман ќе го добијат врз основа на повеќе критериуми и градации, односно врз основа на нивната вклученост во изборните дејствија.

Имено, надоместоците се определени врз основа на сложеноста и обемот на работата, особено имајќи предвид дека ќе се спроведуваат два изборни циклуси, кои несомнено бараат повеќе вклученост, дејствија, задачи и активности.  Исто така, за висината на надоместокот кај ОИК и ИО во предвид се земени и бројот на ИМ кај ОИК, како и бројот на запишани гласачи кај ИО.

Согласно горенаведеното, надоместокот за ОИК ќе биде зголемен за 50 % во споредба со Изборите од 2021 година, а додека за ИО, претседателот на ИО со најмалку избирачи ќе добие надомест од 16.000 денари за двата вида избори, а претседателот на ИО со најмногу избирачи ќе добие надомест од 24.000 денари за двата вида избори.

Додека пак, членовите и заменик членовите на ИО ќе земат надоместок од 12.000 до 20.000 денари за двата вида избори.

Со оглед на фактот дека започнува изборната кампања за изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година, ДИК информираше дека склучувањето на договорите за платено политичко рекламирање помеѓу политичките партии и медиумите според член 76-д став (5) од Изборниот законик, треба да биде во рамките на износите предвидени во меѓусебните задолжителни писмени договори за распределбата на износите на средствата помеѓу соодветните политички партии. Доколку за користење на платено политичко рекламирање од страна на партиите се надминат износите наведени во писмените договори, ДИК нема законски основ да врши исплата на средства за платено политичко рекламирање кон медиумите за делот на износот кој не е предвиден во истите договори. Дотолку повеќе, ако не потпишат меѓусебни договори, ДИК нема законски основ да врши никакви исплати.

Ова ќе се објави на веб страницата на Државната изборна комисија и ќе се достави до сите медиуми и политички партии – подносители на листи за изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Исто така, по барањата за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и за Изборите на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година поднесени од: Здружението за развој на опшествено – социјални иновации „ВАКЕ УП“ – Скопје, Здружението на граѓани ЦИВИЛ – Центар за слобода – Скопје, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество Инклузива Куманово, Фондацијата Ромите за демократија – Скопје, Еуроњуз Албанија, Новинската агенција Ројтерс, Европската прес фото агенција – ЕПА, Ал Џазира Балкан, Гласот на Америка – македонска редакција, Парламентарното Собрание на Советот на Европа – ад хок комисија за набљудување претседателските избори во Република Северна Македонија, Националниот демократски институт за Надворешни работи, Вашингтон САД – подружница Република Северна Македонија, Центарот за развој на изборни системи, реформи и обука (тренинг центар) на Централна Изборна Комисија на Грузија, Топ Канал Албанија – отсек Косово, ОБСЕ / ОДИХР – Канцеларија за демократски институции и човекови права- (ТРЕТО ДОПОЛНУВАЊЕ – краткорочни набљудувачи), Амбасадата на Република Словачка во Скопје, Центарот за развој на изборни системи, реформи и обука (тренинг центар) на Централна Изборна Комисија на Грузија и Европската асоцијација за дијалог и демократија – Берген, Норвешка, ДИК издаде овластувања за набљудување.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

ДО

СИТЕ МЕДИУМИ и

ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ – Подносители на листи за Изборите за Претседател на РСМ и Изборите за пратеници во Собранието на РСМ

Склучувањето на договорите за платено политичко рекламирање помеѓу политичките партии и медиумите според член 76-д став (5) од Изборниот законик, треба да биде во рамките на износите предвидени во меѓусебните задолжителни писмени договори за распределбата на износите на средствата помеѓу соодветните политички партии.

Доколку за користење на платено политичко рекламирање од страна на партиите се надминат износите наведени во писмените договори, ДИК нема законски основ да врши исплата на средства за ППР кон медиумите за делот на износот кој не е предвиден во истите договори.

Без меѓусебно склучени договори помеѓу политичките партии за распределба на средствата за платено политичко рекламирање по член 76-д став (5) од Изборниот законик, Државната изборна комисија ќе нема законска можност да врши било какви исплати за платено политичко рекламирање.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, во организација на Државната изборна комисија,  вкупно десет претставници на подносителите на листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои ќе учествуваат на претстојните парламентарни избори го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори.

Со потпишување на овој Кодекс, потписниците се обврзаа и ветија дека ќе се придржуваат и активно ќе го промовираат кодексот како етички чин кој ќе го почитуваат при своите настапи во изборниот процес.

На церемонијата се обратија претседателот на Државната изборна комисија, проф. д-р Александар Даштевски и потпретседателката Дитмире Шеху.

Претседателот Даштевски порача дека со потпишувањето на овој кодекс се испраќа порака за фер и демократско однесување, почитување на законите, правилата и прописите и почитување на владеење на правото при организирање и спроведување на изборите.

„Кодексот за фер и демократски избори е потврда за демократскиот капацитет на сите учесници во изборите, за демократскиот развој на нашето општество но и можност сите заедно да се обврземе на принципите на демократијата. Преку потпишувањето на овој Кодекс, потписниците  испраќаат порака за фер и демократско однесување, почитување на сите закони, правила и прописи и почитување на владеењето на правото при организирање и спроведување на изборите.  Овој чин претставува израз на волја да се зачува интегритетот на изборниот процес, да се придонесе во развојот на демократските вредности и изборните стандарди.“ – кажа во обраќањето Даштевски.

Седум претставници на  подносителите на листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, меѓу кои претставници од коалиција Храбро за Македонија, партија Македонска ера трета, партија Левица, партија Единствена Македонија, партија Демократи, Работничка партија и Родина, не присуствуваа и не го потпишаа Кодексот за фер и декомратски избори.

Потпишување на Кодексот за фер и демократски избори се реализираше согласно чл.8 в ст.1 од Изборниот закон според кој од денот на донесување на одлуката за распишување на избори, политичките партии учесници во изборниот процес, потпишуваат Кодекс за фер и демократски избори.

Чинот на потпишување на Кодексот се одржа во Собранието на Република Северна Македонија и на истиот присуствуваа претставници на дипломатскиот кор во државата, меѓународни организации, претставници на медиумите и политичките партии.

.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата ДИК спроведе Ждрепка за распределба на локациите на рекламните паноа и билборди врз основа на член 78-а од Изборниот законик за Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Истовремено, ДИК ги потврди листите на кандидати за Изборите на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година, кои што во законски утврдениот рок требаше да бидат корегирани согласно укажувањата на ДИК.

Следствено на тоа, се спроведе жрепка за утврдување на редоследот на листите на кандидати за избор на пратеници врз основа на член 31, став 2, точка 5 од Изборниот законик за Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, по која се утврди единствената листа на кандидати.

Согласно одредбите од Изборниот законик, Државната изборна комисија утврдената единствена листа на кандидати ќе ја објави во Службен весник на Република Северна Македонија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата ДИК во законски определениот рок ги утврди листите на кандидати за Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година.

Имајќи предвид дека определени подносители на листи на кандидати потребно е да постапат по укажувањата на ДИК и да направат корекции во листите во одредени изборни единици, истите ќе се разгледуваат и потврдуваат на наредната седница на ДИК.

Истовремено, по барањата за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и за Изборите на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година поднесени од: Амбасадата на Република Унгарија во Република Северна Македонија, Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, Албанскиот сервис на Гласот на Америка, ОБСЕ/ОДИХР Канцеларија за демократски институции и човекови права и Амбасадата на Црна Гора  во Република Северна Македонија, ДИК издаде овластувања за набљудување.

На седницата ДИК согласно член 93 и член 95 од Изборниот законик го утврди изгледот и содржината на гласачкото ливче за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија 2024 година, додека пак посебните скриени заштити на гласачкото ливче беа утврдени на затворениот дел на седницата.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content