Денес, Државната изборна комисија во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи, ИФЕС одржа едукативна работилница за претставници на граѓанските организации и здруженија во Република Северна Македонија.  Работилницата беше наменета за организации и здруженија кои изразуваат интерес за набљудување на изборниот процес на претстојните Избори за Претседател на државата и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Целта на оваа едукативна сесија беше присутните да се запознаат со процесот на акредитација на домашни набљудувачи како и со правата и одговорностите кои тие ги имаат согласно Изборниот закон. Преку презентација на Упатството за набљудување на изборите и изборната постапка и запознавање со Кодексот за набљудување на изборите за Претседател на Република Северна Македонија и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 2024 година, претставниците на организациите и здруженијата детално се запознаа со правилата за набљудување, со стручните и технички можности на процесот.

Преку примена на интерактивна методологија од страна на обучувачите, лицата кои ја посетија работилницата  симулираа процес на набљудување и практично се соочија со ситуации кои се случуваат на денот на изборите. На тој начин, потенцијалните набљудувачи на изборите се стекнаа со познавања во областа на набљудување на избори, ги унапредија своите знаења и вештини и добија одговори на сите прашања кои беа предмет на нивен интерес. 

Дел од сесијата беше фокусирано наменет за тоа кој дел од изборниот процес  се набљудува од страна на акредитираните набљудувачи, како се евидентираат евентуалните забелешки кои набљудувачите ги стекнале на избирачките места и како за истите се известува по завршување на изборите.

Оваа едукативна работилница е предвидена во Програмата за едукација на други чинители во изборниот процес, пракса која Државната изборна комисија за прв пат ја воспоставува во своето работење.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Членовите на Државната изборна комисија остварија средба со претседателот Џељаљ Бајрами и членовите на Комисијата за следење евентуални нерегуларности и кривични дела поврзани со изборите во Јавното обвинителство, на која се разговараше за подготвеноста на двете институции за претстојните претседателски и парламентарни избори.

На координативната средба, претставниците на двете институции разменија информации за активностите поврзани со изборниот процес, за предизвиците со кои се соочуваат за време на избори а беа разгледани и можни решенија за надминување на истите.

Државната изборна комисија и Комисијата во Јавното обвинителство изразија неопходност за интензивна соработка и комуникација во процесот на спроведување на претстојните избори во државата како и навремена, точна и интензивна информираност за сите евентуални нерегуларности кои може да бидат предмет на кривична одговорност.

На крајот на средбата, претставниците на двете институции заклучија дека координираноста во делувањето согласно своите надлежности е особено значајна за обезбедување на фер и демократски избори и заштита на гласачкото право.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Се известуваат правните лица кои стопанисуваат со рекламни паноа и билборди дека се должни да се придржуваат кон спроведената постапка од Државната изборна комисија за распределба на локации за рекламни паноа и билборди, направена согласно утврдените критериуми од член 78-а став (4) од Изборниот законик.

            Правните лица кои стопанисуваат со рекламни паноа и билборди се должни со политичките партии кои учествуваат по постапката за политичко рекламирање да склучат договор за политичко рекламирање на рекламни паноа и билборди почитувајќи ја класификацијата на учесниците по припадност согласно воспоставените процентуални делови од член 78-а став (4) од Изборниот законик и утврдените пакети на локации на рекламни паноа и билборди, кои правните лица кои стопанисуваат со истите ги имаа понудено како пакет во спроведената жрепка од Државната изборна комисија.

            Правните лица кои стопанисуваат со рекламни паноа не можат да склучат договор за политичко рекламирање на рекламни паноа и билборди со учесници во изборната постапка кои не припаѓаат во соодветниот процентуален дел определен со член 78-а став (4) од Изборниот законик и не може да се воспоставуваат одредби, услови и рокови при склучување на договорот, кои не се предвидени со одредбите со кои што се регулира политичкото рекламирање од Изборниот законик.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На 91-та седница на Државната изборна комисија, која се одржа на 27 март 2024 година, беа разгледувани и донесени следните подзаконски акти:

  • Упатството за начинот за утврдување на идентитетот на гласачот, во кое се предалага откако ќе го остварат своето избирачко право и откако по сопствен избор ќе гласаат или само за претседателски или само за парламентарни избори, граѓаните потоа НЕМА да можат повторно во текот на денот да дојдат на избирачкото место и да гласаат за оној вид на избори за кои не гласале и претходно не го искористиле даденото право на избор. Според Упатството избирачкиот одбор задолжителнио ќе ги прашува граѓаните за кој вид на избори сакаат да гласаат, а граѓаните имаат право да изберат и да се изјаснат за кој вид на избори ќе гласаат и тоа:
    само за претседателски избори,
    само за парламентарни избори или
    и за претседателски и за парламентарни избори.

Следствено на тоа, Државната изборна комисија информираше дека Упатството за начинот за утврдување на идентитетот на гласачот, кое е сеуште во сила ќе се применува во првиот круг на гласање, во кое дополнително ќе стои измената согласно преодната одредба од измените на Изборниот законик која ќе се применува само за изборите во 2024 година, односно избирачите да може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржување на изборите.

  • Упатството со кое се уредува начинот и постапката за чување, обработка и бришење на податоците за отпечатоци од прсти од електронскиот избирачки список, кои во електронски облик се внесени во централниот систем инсталиран во просториите на Државна изборна комисија и во уредите за биометриска идентификација на гласачите.
  • Упатството за начинот на именување на членови на избирачките одбори по предлог на политичките партии за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година, во кое за потребите на политичките партии при формирањето на избирачките одбори, во прилог на истото е содржано конкретно и прецизно појаснување на постапката.
  • По завршувањето на рокот за поднесување на пријави, утврден во член 50-а став 8 од Изборниот законик за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларни канцеларии на Република Северна Македонија, Државната изборна комисија утврди дека на Претседателските избори 2024 година своето право на глас во странство ќе можат да го остварат вкупно 2.571 граѓани во 31 ДКП и конзуларни канцеларии и тоа во: Абу Даби, Белград, Берлин, Берн, Бон, Брисел, Вашингтон, Венеција, Виена, Детроит, Загреб, Камбера, Копенхаген, Лондон, Љубљана, Мелбурн, Минхен, Њујорк, Осло, Париз, Прага, Рим, Стокхолм, Торонто, Хаг, Чикаго, Анкара, Варшава, Мадрид, Пекинг, Софија и согласно на тоа го усвои Заклучокот за усвојување на извештајот во врска со поднесените пријави со кои граѓаните се пријавуваа за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларни канцеларии на Република Северна Македонија во странство.
  • Воедно, Државната изборна комисија го донесе и Решението за неспроведување на гласањето во дипломатско – конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Северна Македонија во странство по поднесените листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија за Изборна единица 7. Сите избирачи кои се пријавиле за гласањето а кои ги исполнуваат законските услови, ќе бидат запишани во изводите и во посебните изводи од Избирачкиот список за гласање во Република Северна Македонија, на избирачките места според адреса на живеење, каде ќе можат да го остварат своето гласачко право на Избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија кои ќе се одржат на 8 мај 2024 година.
  • Заради успешно спроведување на изборите и олеснување на работата на изборната адимистрација, Државната изборна комисија ги донесе Прирачникот за едукација на општинските изборни комисии и Прирачникот за едукација на избирачките одбори.
  • Државната изборна комисија ги усвои Образецот број 16а за гласање, сумирање и утврдување на резултати од ИО за избирачко место за избор за Претседател на Република Северна Македонија и Образецот бр.21 за сумирањето на резултатите од гласањето.

Понатаму, Државната изборна комисија одлучуваше по барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии и по истите беше извршен случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии чии барања за изземање беа прифатени од Државната изборна комисија.

Истовремено, по поднесените барања за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година од страна на Меѓународна организација за изборни системи ИФЕС – канцеларија во Северна Македонија и Набљудувачката мисија за изборите на ОБСЕ ПА, Државната изборна комисија издаде овластувања за набљудување.

На седницата беше спроведена и ждрепка за распределба на локациите на рекламните паноа и билборди врз основа на 78-а од Изборниот законик за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија.

Исто така, Државната изборна комисија по Известувањето од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за одземена дозвола на радио дифузер направи измена на регистрите на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за изборите за претседател на Република Северна Македонија и за изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Членовите на Државната изборна комисија остварија средба со претставниците на МЕТА, компанија сопственик и оператор на социјалните мрежи Facebook, Instagram  и Whats App и претставници на Националниот демократски институт.

На средбата се разговараше за правилата за одговорна кампања и одобрување на политички и изборни реклами на социјалните мрежи, новите правила кои го уредуваат користењето на вештачката интелегенција за креирање реклами за избори и политики, се споделија најдобрите практики за сигурност и безбедност на информациите. Од страна на претставниците на компанијата Мета се споделија информации околу техниките за заштита од ширење на дезинформации, говор на омраза, испраќање на несоодветни и заканувачки содржини на социјалните мрежи како и се споделија информации за користење на канали за решавање на проблеми со ширењето на информациите и пријавување на проблеми.

Значењето на оваа средба е особено од аспект на пласирање и ширење на информации за време на изборен процес и превенција од влијание на гласачи, притисок врз гласачите преку ширење на лажни информации или дезинформации. Се разгледаа и можностите за креирање на најдобри креативни практики и користење на Фејсбук и Инстаграм за изборна кампања, како и воспоставувањето на  контакт со гласачите и нивно вклучување во процесот на точно и непристрасно информирање од страна на Државната изборна комисија.

Двете страни на средбата изразија задоволство од можноста да се соработува во областа на информирањето и заштитата на гласачите од лажни информации, дезинформации и притисоци за време на изборите во насока на спроведување на фер и демократски избори.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, учествуваше на панел дискусија за „Зајакнување на соработката помеѓу институциите за проценка на изборните ризици“, заедно со министри и одговорни лица на институции кои имаат надлежност во областа на изборните ризици.

Во своето излагање на панелот, Претседателот Даштевски истакна дека заштитата на интегритетот и правичноста на изборите е најважна за одржување на принципите на демократијата и дека Државната изборна комисија континуирано се залага за силна меѓуинституционална соработка, каде што различните засегнати страни работат рака под рака со цел справување со предизвиците и заштита на изборниот систем од ризици.

„Во соочувањето со предизвиците од областа на изборните ризици, Државната изборна комисија не може да работи изолирано. Од суштинско значење е заедничкиот пристап кој вклучува повеќе институции на различни нивоа на управување. Соработката поттикнува синергија, здружувајќи ја експертизата, ресурсите и перспективите за да се изградат сеопфатни стратегии кои најсоодветно ќе се справат со ризиците.“ истакна Претседателот Даштевски во своето обраќање на панел дискусијата.

Како клучни партнери во меѓуинституционалната соработка за проценка на изборните ризици, Даштевски ги посочи минстерствата кои што играат важна улога за да се обезбеди непречено спроведување на изборите, агенции за сајбер безбедност, граѓанските организации и медиумите.

На крајот од своето обраќање, претседателот на ДИК апелираше до сите присутни претставници од засегнатите институции и организации да ги негуваат партнерствата и дека само со неуморна работа може да се ублажат изборните ризици.

„Меѓуинституционалната соработка не е само прагматична неопходност, туку морален императив за заштита на интегритетот на нашите изборни процеси. Како претседател на Државната изборна комисија, би апелирал до сите вас да се заложиме да негуваме партнерства, да создаваме сојузи и да работиме неуморно со партнерските институции за да ги ублажиме изборните ризици и да ги поддржуваме демократските идеали врз кои е изградена нашата држава. Заедно, можеме да ја зајакнеме демократијата, осигурувајќи дека гласот на секој граѓанин се слуша и секој глас е важен.“ додаде Даштевски.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беше спроведена ждрепка со која се утврди редоследот на листите на кандидати за избор на Претседател на Републиката за 2024 година.

Овластените претставници на подносителите на листите на кандидати според азбучниот редослед на името на кандидатот влечеа број по кој се утврди единствената листа на кандидати:

1.            Стево Пендаровски со реден број 1.

2.            Гордана Сиљановска – Давкова со реден број 2.

3.            Стевчо Јакимовски со реден број 3.

4.            Бујар Османи со реден број 4.

5.            Билјана Ванковска – Цветковска со реден број 5.

6.            Арбен Таравари со реден број 6 и

7.            Максим Димитриевски со реден број 7.

Согласно одредбите од Изборниот законик, Државната изборна комисија утврдената единствена листа на кандидати ќе ја објави во Службен весник на Република Северна Македонија.

Истовремено, Државната изборна комисија спроведе и ждрепка за распределба на локациите на рекламните паноа и билборди врз основа на член 78-а  од Изборниот законик за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес,  претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски  се обрати на форумот „Граѓанските организации и изборите“ на кој учествуваа претставници на граѓанскиот сектор и претставници од државните институции. Покрај Претседателот Даштевски со поздравни обраќања форумот го отворија и заменичката на шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Сузан Пенкса,   Џевахире Прути Зајази, претставник на  Швајцарска амбасада во Скопје и Иоана Козма, директорка на ИФЕС во Скопје.

На форумот се дискутираше за предизвиците и можностите за учество на граѓанските организации во изборниот процес, за пречките и решенијата за зголемено учество на недоволно застапените групи во изборниот процес како и за предизвиците и можностите за соработка меѓу граѓанските организации кои застапуваат различни таргет групи и меѓу граѓанските организации и релевантните институции вклучени во изборниот процес.

Претседателот Даштевски изрази благодарност до ОБСЕ мисијата во Скопје и ИФЕС, што ја идентификуваа потребата да се разговара на оваа тема бидејќи ова е добар начин да се споделат искуствата од поминати изборни циклуси и да се вкрстат сознанијата и практиките.

„Ние како институција, години наназад бележиме напредок во обезбедување на услови за непречено остварување на правото на глас на граѓаните од различни категории, лица со попреченост, млади гласачи, жени и различни возрасни категории, гласачи од различна националност, согласно законските надлежности и можности. За таа цел сакам да се заблагодарам и на организациите со кои досега сме имале соработка и заедно сме креирале пракса која од една страна била во согласност со потребите на граѓаните а од друга страна за нас значајно што сме овозможиле напредок во изборниот процес. “ истакна Претседателот Даштевски во своето обраќање на форумот.

На крајот од своето излагање, Даштевски апелираше за поголема вклученост на граѓанските организации во креирањето на политиките .

„Имајќи ја предвид нашата заложба за еднаков третман на сите граѓани како и нашата цел за спроведување на фер, слободни и  демократски избори, потенцирам дека сме отворени  за соработка со сите чинители во изборниот процес.“ рече Даштевски.

Државната изборна комисија беше ко организатор на Форумот „Граѓанските организации и изборите“  заедно со ОБСЕ Мисијата во Скопје и ИФЕС.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија оствари координативен состанок со претставници од НДИ на кој што се разговараше за понатамошната соработка за предстојните Избори за Претседател и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

На средбата се разговараше за Кодексот за фер и демократски избори и дополнително двете страни се согласија и ја потврдија досегашната успешна соработка и изразија подготвеност да продолжат и понатаму да работат заедно за унапредување на демократските вредности и практики со цел успешно спроведување на предстојните избори.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија ги известува овластените претставници на подносителите на Листи на кандидат за Претседател на Република Северна Македонија, дека ждрепката за утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати ќе се одржи во понеделник, 25 март 2024 година со почеток во 12:00 часот.

Ждрепката ќе се одржи во седиштето на Државната изборна комисија, голема сала, 4 кат.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Согласно член 78-а став 5 и 6 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“, број 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 44/11, 51/11, 54/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16, 142/16, 67/17,125/17,35/18, 99/18,140/18, 208/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“, број 98/19, 42/20, 74/21 и 215/21), Државната изборна комисија спроведува ждрепка со која ќе ги распореди локациите на рекламните паноа и билборди кои се нудат за политичко рекламирање од страна на правните лица кои стопанисуваат со истите, а во врска со Изборите за Претседател на Република Северна Македонија, кои ќе се одржат на 24 април 2024 година.

Се повикуваат претставниците на правните лица да достават понуди за рекламни паноа и билборди со локации и ценовници до Државната изборна комисија за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија, согласно Упатството за распределба на рекламни паноа и билборди по пат на ждрепка со број 10-691/1 од 03.03.2020 година, објавено на веб страната на Државната изборна комисија, најдоцна до понеделник, 25.03.2024 година, до 10:00 часот.

Максималниот број на рекламни паноа и билборди кои може да се користат за политичко рекламирање изнесува 50% од вкупниот број на територијата на определена општина, градот Скопје, односно на територијата на кое определено правно лице стопанисува со истите за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија.

Ждрепката за распределба на рекламни паноа и билборди ќе се одржи во големата сала на Државната изборна комисија на 25.03.2024 година во 13:30 часот.

Овластените лица на правните лица кои доставиле понуди за распределба на рекламни паноа и билборди кои ќе учествуваат во ждрепката потребно е со себе да имаат овластување од правното лице.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија (ДИК) се состана со Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР предводена од Амбасадорката Џилијан Стирк.

Средбата, одржана на 20 март во просториите на ДИК, обезбеди платформа за дискусија за различни аспекти на изборниот процес, вклучително и тековните подготовки за претстојните Претседателски и Парламентарни избори, како и скорешните измени и дополнувања на Изборниот законик. Двете страни разменија искуства и најдобри практики за дополнително зајакнување на интегритетот и кредибилитетот на изборниот процес.

За време на состанокот, ДИК ја потврди својата заложба за почитување на демократските принципи и го поздрави конструктивниот ангажман на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во следењето и оценувањето на изборните процеси. Соработката ја нагласува заедничката цел за промовирање на транспарентност, инклузивност и доверба на јавноста во изборната администрација.

„Задоволни сме што сме домаќини на оваа средба со Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР“, рече Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија. „Вашата експертиза и непристрасно набљудување играат клучна улога во зајакнувањето на кредибилитетот и транспарентноста на нашите изборни процеси. Го цениме вашето партнерство и очекуваме континуирана соработка.“

Претставниците на НМ на ОБСЕ/ОДИХР ги поздравија напорите на ДИК за унапредување на изборниот процес и ја истакнаа важноста од одржлива соработка во зајакнувањето на демократското владеење.

И ДИК и НМ на ОБСЕ/ОДИХР изразија подготвеност да продолжат да работат заедно за унапредување на демократските вредности и практики.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата Државната изборна комисија одлучуваше по поднесените Листи за кандидат за претседател на Република Северна Македонија 2024 година. Имајќи предвид дека Листите на кандидати беа поднесени согласно законски утврдените услови и во законски утврдениот рок Комисијата ги потврди Листите за кандидати за претседател на Република Северна Македонија 2024 година по редоследот на нивното доставување во Државната изборна комисија, со што на Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година ќе учествуваат следните кандидати:

–        Стево Пендаровски

–        Стевчо Јакимовски

–        Максим Димитриевски

–        Арбен Таравари

–        Билјана Ванковска – Цветковска

–        Бујар Османи и

–        Гордана Сиљановска Давкова.

Истовремено, на седницата беше донесено Упатството за изгледот на беџовите за идентификација на изборните органи, изборната администрација, овластените претставници на подносителите на листа на кандидат, меѓународните и домашните набљудувачи за изборите за претседател на Република Северна Македонија и изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои Државната изборна комисија ги издава како исправа за идентификација.

Исто така, Државната изборна комисија, по поднесените барања за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година од страна на ОБСЕ/ОДИХР, издаде 34 овластувања за набљудување.

Врз основа на тоа ќе бидат издадени беџови за секој акредитиран набљудувач кој ќе мора да го почитува Кодексот за правилата на набљудување на изборите и изборната постапка на домашни и странски набљудувачи.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, Државната изборна комисија ја одржа 88 – та седница на која ги разгледа и едногласно ги потврди кандидатските листи за Избор на Претседател на Република Северна Македонија 2024 година. Комисијата заклучи дека кандидатските листи на Стево Пендаровски, Стевчо Јакимовски, Максим Димитриевски, Арбен Таравари, Билјана Ванковска Цветковска, Бујар Османи и Гордана Сиљановска Давкова се навремено доставени и даде рок од 48 часа за кандидатите Стефчо Јакимовски и Арбен Таравари да достават трансакциска сметка и единствен даночен број.

Државната изборна комисија на седницата едногласно го усвои Упатство за изгледот на беџовите за идентификација на изборните органи, изборната администрација, овластените претставници на подносителите на листа на кандидат, меѓународните и домашните набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 2024 година.

На дневен ред на денешната седница на Државната изборна комисија беа разгледани барањата за акредитација на набљудувачи за претстојните избори во државата,  доставени од ОБСЕ/ОДИХР. Комисијата едногласно ги прифати сите 34 барања од ОБСЕ/ОДИХР и согласно тоа, на набљудувачите ќе им достави соодветни овластувања и беџови со кои ќе се идентификуваат за време на изборниот процес.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, во просториите на Државната изборна комисија се одржа брифинг за новинари. На средбата, членовите на Државната изборна комисија ги презентираа измените на Изборниот законик, ги образложија сите актуелни теми поврзани со претстојните избори и одговараа на поставените новинарски прашања.

Членовите на комисијата детално ги образложија измените и дополнувањата на Изборниот законик меѓу кои е и воведување на Центар за континуирана едукација во Државна изборна комисија со што ќе се обезбеди континуирана обука за изборната администрација, гласачите, учесниците во изборниот процес, овластените претставници на подносителите на листи, медиумите, набљудувачите на изборите и сите заинтересирани кои на било каков начин имаат учество во изборите. Исто така. Центарот ќе изработува истражувања и анализи за потребите и по барање на Државната изборна Комисија.

Со овие измени и дополнувања на Изборниот законик се воведе нов член 173 а со кој се прецизира дека условите за пристапност за сите категории на лица со попреченост до објектите каде што се наоѓаат гласачките места се грижат соодветните институции и органи во чија сопственост се објектите.

Објаснета беше и измената во делот на потребни потписи за кандидирање за пратеници, градоначалник и членови на совет, односно потребно е да се соберат 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за изборната единица односно општината.

Во однос на учесниците во изборната кампања, се додаваат две нови одредби кои се во насока на ограничување на трошењето на средства од трансакциската сметка наменета за изборната камапања. Не смеат да се трошат средства од транскациската смета наменета за изборна кампања од моментот на потврдување на кандидатските листи до започнување на изборната кампања. Исто така, од моментот на потврдување на кандидатските листи до започнување на изборната кампања,учесниците во изборите имаат право да организираат по еден јавен настан за промоција на нивните потврдените листи на кандидати и изборните програми.

Понатаму, се дорегулираат и допрецизираат одредбите во однос на финансирањето на изборите и доставувањето и објавувањето на извештаите за примени донации на тансакциската сметка за изборна кампања. Во однос на донациите одредбата гласи: “Исто правно лице или исто физичко лице доколку донира средства на жиро-сметка на политичка партија и на трансакциска сметка за изборна кампања на учесникот во изборна кампања, износот на средствата кумулативно на трансакциската сметка за изборна кампања не смее да биде поголем од 3000 евра во денарска противредност за физичко лице или 30.000 евра во денарска противредност за правно лице.“

Со предлог законот се предлага да се одреди јасна временска рамка за одржување на повторените избори во случаите кога условот за излезност не е исполнет во првиот круг од изборите за градоначалник, се со цел да се намали ризикот од неуспешни избори.

Измените предвидени во ова законско решение го уредуваат рокот за одлучување на Управниот суд во случај на поднесена тужба за заштита на избирачкото право на подносителите на листи и на избирачите.

Со преодната одредба од измените на Изборниот законик која ќе се применува само за изборите во 2024 година, избирачите ќе може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржување на изборите.

На претседателските избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ им истекле личните документи од 24.07.2023 година до денот на изборите односно до 24.04.2024 година.

На парламентарните избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ им истекле личните документи од 08.08.2023 година до денот на изборите на 08.05.2024 година.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија информира дека заклучно со 14.03.2024, во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, увид на своите податоци во избирачкиот список направиле 4859 лица. 7 лица поднеле барање за промена на своите податоци, 19 лица поднеле барање за запишување на своите податоци и 5 лица поднеле барање за бришење на податоци во Избирачкиот список.

Преку електронски пат заклучно со 14.03.2024, се провериле вкупно 22122 граѓани. Поднесени се 25 барања за промена на податоци, 6 барања за бришење на податоци и 10 барања за запишување на податоци во Избирачкиот список.

По однос на пристигнати барања за регистрација на гласачи во дијаспората, ве информираме дека досега се пристигнати вкупно 1451 пријави од кои 1101 се прифатени, 159 се одбиени и 191 необработени пријави. Напоменуваме дека овие податоци се јавно достапни на веб страната www.dijaspora.sec.mk.

Потсетуваме дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена , запишување и бришење на податоци од страна на граѓаните ќе може да се направи најдоцна до 18 март 2024 година, 24 часот.

Апелираме, граѓаните да се проверат во избирачкиот список односно доколку е потребно да побараат промена, запишување или бришење на своите податоци од Избирачкиот список за претстојните претседателски и парламентарни избори да го сторат тоа до дадениот рок.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија информира дека заклучно со 13.03.2024, во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, увид на своите податоци во избирачкиот список направиле 4527 лица. 7 лица поднеле барање за промена на своите податоци, 13 лица поднеле барање за запишување на своите податоци и 5 лица поднеле барање за бришење на податоци во Избирачкиот список.

Преку електронски пат заклучно со 13.03.2024, се провериле вкупно 13056 граѓани. Поднесени се 24 барања за промена на податоци, 5 барања за бришење на податоци и 9 барања за запишување на податоци во Избирачкиот список.

По однос на пристигнати барања за регистрација на гласачи во дијаспората, ве информираме дека досега се пристигнати вкупно 1288 пријави од кои 887 се прифатени, 137 се одбиени и 264 необработени пријави. Напоменуваме дека овие податоци се јавно достапни на веб страната www.dijaspora.sec.mk.

Потсетуваме дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена , запишување и бришење на податоци од страна на граѓаните ќе може да се направи најдоцна до 18 март 2024 година, 24 часот.

Апелираме, граѓаните да се проверат во избирачкиот список односно доколку е потребно да побараат промена, запишување или бришење на своите податоци од Избирачкиот список за претстојните претседателски и парламентарни избори да го сторат тоа до дадениот рок.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беа донесени Решението за изменување и дополнување на Решението за регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за избори за претседател на Република Северна Македонија бр.09-696/1 од 29.2.2024 година и Решението за изменување и дополнување на Решението за регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија бр.09-698/1 од 29.2.2024 година, во кои се впишуваат и оние радиодифузери, телевизии,  радиостаници и електронски медиуми (интернет портали) кои навремено доставиле корегирани ценовници во законски предвидениот рок од 72 часа, согласно член 75-ѓ став (11) од Изборниот законик.

Истовремено, Државната изборна комисија во врска со Упатството со Методологија за примена на член 21 став (2), (3) и (4) од Изборниот законик за избор на претседател, членови и нивни заменици во општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје, донесено на 85-та седница на Државната изборна комисија, одржана на 6 и 7 март 2024 година, во делот на тоа дали во предвид ќе се земе резидентното или нерезидентното население при примена на методологијата, а по повод пресудата на Вишиот управен суд, информираше дека за спроведување на член 21 став (2) од Изборниот законик, во општините во кои живеат најмалку 20% од граѓаните припадници на другите заедници каде се одразува принципот на соодветна и правична застапеност на сите заедници, изборот ќе го врши по национална припадност според Пописот на населението од 2021 година, притоа земајќи го предвид резидентното население.

Исто така, Државната изборна комисија информираше дека согласно преодната одредба од измените на Изборниот законик која ќе се применува само за изборите во 2024 година, избирачите ќе може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржување на изборите.

Односно, на Претседателските избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ (сила на закон или по рок на важност) им истекле личните документи од 24 јули 2023 година до денот на одржување на изборите 24 април 2024 година, а на Изборите за избор на пратеници во Собранието, ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ (по сила на закон или по рок на важност) им истекле личните документи од 8 август 2023 година до денот на одржување на изборите 8 мај 2024 година.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Согласно измените на изборниот законик, во избирачкиот список се запишуваат сите граѓани со наполнети 18 години живот заклучно со денот на изборите, според актот за распишување на изборите, кои имаат живеалиште на територијата на Република Македонија.

Овие податоци за граѓаните се доставуваат до ДИК од страна на МВР.

Согласно преодната одредба од измените на изборниот законик која ќе се применува само за изборите во 2024 година, избирачите ќе може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржување на изборите.

Тоа конкретно значи дека:

  1. На претседателските избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ (по сила на закон или по рок на важност) им истекле личните документи од 24.07.2023 година до денот на изборите 24.04.2024 година и
  2. На парламентарни избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ (по сила на закон или по рок на важност) им истекле личните документи од 08.08.2023 година до денот на изборите 08.05.2024 година

Ова известување ќе биде составен дел на Упатството на Државната изборна комисија за начинот на утврдување на идентитетот на гласачите, според кое ДИК ќе ја врши и законската задолжителна обука на сите избирачки одбори.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата Државната изборна комисија ја донесе Одлуката за дополнување на Годишниот план за јавни набавки по програма 21 (за потребите на Изборите за претседател на Република Северна Македонија и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија) како и Изменувањето и дополнувањето на Одлуката за утврдување на потреба од формирање на помошни тела на Државната изборна комисија за спроведување на Избор за Претседател на Република Северна Македонија и Избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои ќе се одржат на 24 април 2024 година и на 8 мај 2024 година, за потребите на Комисијата за непречено функционирање на изборниот процес.

Понатаму, Комисијата го дополни Упатството за начинот и постапката за поднесување, прием и потврдување на кандидатските листи за избор на претседател на Републиката (бр.08-528/1 од 17.2.2024 година), со што кандидатот за претседател може да овласти друго лице кое истовремено ќе биде и овластен претставник на подносител на листа за претседател, кој ќе може во негово име и за негова сметка да ги презема неопходните дејствија согласно Изборниот законик пред изборните органи и други надлежни државни институции, а поврзани со постапката за организација на Изборите за Претседател на Републиката, а врз основа на ова генерално овластување кандидатот за претседател може да го овласти истото лице да може во име и за сметка на кандидатот за претседател да овластува и други лица за преземање на определени дејствија во изборниот процес согласно Изборниот законик.

Истовремено, Комисијата го донесе и Упатството за примена на член 112-а од Изборниот законик, за лица со попреченост, со цел на истите да им се овозможи на соодветен начин да влезат, односно пристапат во гласачкото место за да го остварат своето право на глас. За истата цел е донесено и Упатството за гласање на слепи лица и лица со оштетен вид, со кое доколку лицето со оштетен вид одбие да гласа со помош на шаблон и Браева азбука ќе има право да побара од избирачкиот одбор да гласа со помош на друго лице.

Државната изборна комисија го донесе и Упатството за работата на Општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје, кое ги уредува и разработува нивните обврски и процедури за работа во рамките на нивните законски надлежности.

Понатаму, на оваа седница е донесена и измената на Упатството за примена на член 21 став (2), (3) и (4) од Изборниот законик за избор на претседател, членови и нивни заменици во Општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје, во кое како критериум за избор е земен пописот на населението од 2021 година, наместо пописот од 2022 година.

Исто така, на седницата беа разгледувани барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии и по истите беше извршен случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии чии барања за изземање се прифатени од Државната изборна комисија.

Имено, за целта на транспарентноста на изборниот процес, а за олеснување на постапката за кандидирање на кандидати за претседател на Републиката и кандидати за избор на пратеници во Собранието во Државната изборна комисија, Комисијата информираше дека на својата веб страница ќе ги објави и донесените акти на Централниот регистар на Република Северна Македонија, во кои е уредена целокупната постапка за обезбедување на единствен даночен број и трансакциска сметка со назнака „за изборна кампања“.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content