Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ и членовите на Комисијата, Светлана Карапетрова, Дитмире Шеху и Борис Кондарко, присуствуваа на настанот организиран од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и ИФЕС, на кој беа презентирани Посебните извештаи за финансирањето на кампањите за Локалните избори 2025 и Повторните избори 2026 година.

Претседателот на ДКСК, г. Адем Чучуљ, кој ги презентираше деталните наоди од извештаите, нагласи дека законитоста на изворите на средства за финансирање на кампањите и нивното наменско трошење се фундаментални предуслови за фер политички натпревар меѓу учесниците во изборната кампања.

Во таа насока Чучуљ истакна дека е важна меѓуинституционалната соработка и дека ДКСК заедно со ДИК, во рамки на своите законски надлежности утврдени со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Изборниот законик, успешно соработуваат во превенцијата и спречувањето на корупцијата за време на целиот изборен процес. Оваа институционална поврзаност е клучна за воспоставување на ефикасен систем за мониторинг, кој се спроведува од моментот на распишување на изборите па сè до нивното завршување.

Заедничкиот заклучок од настанот е дека само преку силна меѓуинституционална соработка и координиран пристап може да се обезбеди ефикасна превенција од коруптивни дејства. ДИК и ДКСК остануваат посветени на зајакнување на овој партнерски однос, со цел обезбедување транспарентност и демократска отчетност кои се клучни за довербата на граѓаните во законитоста и легитимноста на изборниот процес.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content