
Државната изборна комисија на 16.04.2026 година, во полн состав ја одржа 3-та седница на која едногласно беа донесени неколку клучни акти насочени кон унапредување на внатрешните стандарди за работа и зајакнување на институционалните капацитети.
Во рамки на дневниот ред беа усвоени процедурите за прекувремена работа и исплата на додатоци на плата, како и процедурата за отсутност од работните простории, со што институцијата ги формализира досегашните позитивни практики и воспоставува прецизни механизми за евиденција и вреднување на трудот согласно современите стандарди. Како точка на дневен ред беше усвоен и Акцискиот план за унапредување на родовата перспектива (РАП) 2026 – 2028 година, стратешки документ за интегрирање на принципите на инклузивност и за унапредување на институционалната култура, професионалните стандарди и инклузивноста на изборниот процес во Република Северна Македонија.
Во насока на зајакнување на административната подготвеност, Комисијата ја донесе и Програма за обуки на раководството и вработените во Државната изборна комисија, со План за обуки од областа на заштита на личните податоци за 2026 година. Овој акт произлегува од законските обврски за целосно усогласување со домашните прописи и европската Регулатива (GDPR).
Под точката „Разно“, претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ, го отвори прашањето за доцнењето и нецелосната исплата на надоместоците на членовите на изборните органи за Локалните избори 2025 година од страна на дел од општините. Во своето излагање, тој потенцираше дека согласно Изборниот законик, одговорноста за исплата на овие средства е исклучива обврска на општините и на Градот Скопје. Истовремено укажа дека ДИК е единствениот орган надлежен за донесување на Правилникот за надоместоци, поради што секоја самостојна одлука на локалните власти за негово ревидирање или намалување на износите е законски неоснована и ништовна.
Со цел надминување на состојбата во општините со блокирани сметки, Комисијата веќе презеде конкретни чекори и се обрати до Министерството за финансии и до Владата за изнаоѓање соодветен механизам за обезбедување на потребните средства. Маричиќ рече дека Државната изборна комисија останува ангажирана за надминување на проблемот и најави дополнителна координација со раководството на ЗЕЛС и градоначалниците на дел од општините, со цел изнаоѓање заедничко решение за итно исплаќање на надоместоците и целосна заштита на законските права и достоинството на сите граѓани вклучени во изборниот процес.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА


