Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ и членовите на Комисијата, остварија работна средба со министерот за јавна администрација, Горан Минчев на која беше нагласена заедничката посветеност за унапредување на меѓуинституционалната соработка и зајакнување на капацитетите на изборната администрација, како клучни предуслови за успешно спроведување на изборните дејствија и обезбедување на кредибилни изборни резултати.
Посебен фокус на средбата беше ставен на претстојниот избор на нови состави на Општинските изборни комисии (ОИК). Од страна на членовите на ДИК беше нагласено дека за успешно спроведување на овој процес, од суштинско значење е поседувањето ажуриран и точен Регистар на административни службеници, како основна база за селекција на квалификуван и стручен кадар за изборните органи.
Министерот Минчев ја потврди својата подготвеност и истакна дека Министерството стои на целосно располагање на Државната изборна комисија за навремена и ефикасна размена на податоци, со цел јавната администрација да продолжи да биде гарант за транспарентни и ефикасни избори.
Соговорниците се согласија дека оваа директна координација и партнерски пристап се од суштинско значење за ефикасно спроведување на законските обврски и за непречено функционирање на изборните органи.
Државната изборна комисија останува фокусирана на навремено екипирање и едукација на изборната администрација, обезбедувајќи професионално спроведување на изборите и зајакнување довербата на граѓаните во целиот процес.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА







































































