На седницата ДИК во законски определениот рок одлучуваше по Приговорот за заштита на избирачко право на подносител на листа Уп1 09-5 од 26.4.2024 година, за ИМ 1112/1 Општина Липково и по извршениот увид во доверливиот изборен материјал, со мнозинство гласови истиот го отфрли како неоснован.

Истовремено, бидејќи на 8 мај 2024 година ќе се спроведува вториот круг на Претседателски избори 2024 година како и Парламентарни избори 2024 година, ДИК ја донесе Одлуката за доделување на дополнителни средства за општинските изборни комисии за спроведување на изборите.

Исто така, ДИК по барањата за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и за Изборите на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година поднесени од: Австриската Радио Телевизија, Изборниот панел за жалби и претставки, Косово, Европскиот парламент, Фондацијата Ромите за демократија Скопје, Советот на Европа, Иницијативата за дијалог и демократија СИЛБА, ОБСЕ / ОДИХР – Канцеларија за демократски институции и човекови права, ОБСЕ ПА, Амбасадата на Кралство Холандија во Скопје и Здружението на граѓани Цивил – Центар за слобода, Скопје, издаде овластувања за набљудување.

ДИК ќе издаде беџови за секој акредитиран набљудувач кој ќе мора да го почитува Кодексот за правилата на набљудување на изборите и изборната постапка на домашни и странски набљудувачи, донесен од Државната изборна комисија.

На седницата ДИК ја информираше јавноста дека на 30 април 2024 година (вторник, 00:00 часот) истекува рокот за пријавување на гласање на немоќни и болни лица, за Парламентарните избори 2024 година, кои во предвидениот рок треба до соодветната општинската изборна комисија да достават барање со комплетна документација дека не се во можност да гласаат на гласачкото место.

Додека пак болните и немоќни лица кои доставиле барање до општинската изборна комисија за првиот круг Претседателски избори, не треба повторно да доставуваат ново барање, за вториот круг Претседателски избори.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content