Претседателот на Државната изборна комисија проф. д-р Александар Даштевски во интервју за МИА вели дека интензивно се работи на подготовките за вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај. Даштевски ја објаснува постапката за гласање на изборите имајќи предвид дека за двојните избори гласачите ќе може само еднаш да излезат на гласање. Исто така тој ги повикува гласачите да го искористат своето право на глас на 8 мај достоинствено и без притисоци и да имаме фер, демократски и слободни избори.

-Сега со оглед дека се работи за вториот круг и некои работи веќе се завршени за вториот круг во првиот круг, уште подобро се одвиваат подготовките, дури и за викенд се работеше. Во петокот го утврдивме изгледот на гласачкото ливче кое ќе биде за вториот круг на претседателски избори, а овие другите за парламентарни веќе се печатат, при крај се записниците и другите доверливи материјали, така што веќе сме во добра подготовка, рече Даштевски.

Вратени се сите уреди за биометриска идентификација, се празнат, а потоа се ставаат податоците за вториот круг од изборите, додава претседателот на ДИК, потенцирајќи дека лицата ангажирани за изборите работеле напорно и за време на викендот за да може навреме се да биде завршено. Даштевски ја нагласува и позитивната оценка што ДИК ја доби од ОБСЕ/ОДИХР.

-Значи, многу работа, меѓутоа се надевам дека бидејќи во првиот круг испадна се’ добро, еве јас малку би рекол тука – мора да се каже дека една од ретките светли точки ако не и единствена во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР е пофалбата за ДИК дека добро ја извршила својата работа, што не беше случај со другите државни органи. Значи, кога ќе се стават вистински луѓе на вистински места може да се заврши добро работата што би требало да биде пракса кај нас, да не биде исклучок, изјави тој.

Видеото од интервјуто можете да го погледнете на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=asRp2R_MvnI&t=61s&ab_channel=MIAMediaInformationAgencyVIDEO

.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content