На седницата ДИК ја донесе Одлуката за организирање на транспорт на доверлив и недоверлив гласачки материјал за избори и членови на ИО од ОИК до ИМ и обратно, со која се задолжуваат ОИК преку ИО да го организираат и спроведат транспортот на доверлив и недоверлив гласачки материјал за избори и членови на ИО од ОИК до ИМ и обратно, до сите избирачки места во Република Северна Македонија за двата изборни циклуси.

Истовремено, ДИК го донесе Правилникот за критериумите за определување на надоместок на членовите на изборните органи и изборната администрација за спроведување на Изборите за претседател на Република Северна Македонија и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија. Овој Правилник се однесува на членовите на ОИК, ИО, вработените во стручната служба, ПО на ДИК, помошните тела и сите стручни лица ангажирани за успешно спроведување на изборите. Овие ангажирани лица надоместокот за нивниот ангажман ќе го добијат врз основа на повеќе критериуми и градации, односно врз основа на нивната вклученост во изборните дејствија.

Имено, надоместоците се определени врз основа на сложеноста и обемот на работата, особено имајќи предвид дека ќе се спроведуваат два изборни циклуси, кои несомнено бараат повеќе вклученост, дејствија, задачи и активности.  Исто така, за висината на надоместокот кај ОИК и ИО во предвид се земени и бројот на ИМ кај ОИК, како и бројот на запишани гласачи кај ИО.

Согласно горенаведеното, надоместокот за ОИК ќе биде зголемен за 50 % во споредба со Изборите од 2021 година, а додека за ИО, претседателот на ИО со најмалку избирачи ќе добие надомест од 16.000 денари за двата вида избори, а претседателот на ИО со најмногу избирачи ќе добие надомест од 24.000 денари за двата вида избори.

Додека пак, членовите и заменик членовите на ИО ќе земат надоместок од 12.000 до 20.000 денари за двата вида избори.

Со оглед на фактот дека започнува изборната кампања за изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година, ДИК информираше дека склучувањето на договорите за платено политичко рекламирање помеѓу политичките партии и медиумите според член 76-д став (5) од Изборниот законик, треба да биде во рамките на износите предвидени во меѓусебните задолжителни писмени договори за распределбата на износите на средствата помеѓу соодветните политички партии. Доколку за користење на платено политичко рекламирање од страна на партиите се надминат износите наведени во писмените договори, ДИК нема законски основ да врши исплата на средства за платено политичко рекламирање кон медиумите за делот на износот кој не е предвиден во истите договори. Дотолку повеќе, ако не потпишат меѓусебни договори, ДИК нема законски основ да врши никакви исплати.

Ова ќе се објави на веб страницата на Државната изборна комисија и ќе се достави до сите медиуми и политички партии – подносители на листи за изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Исто така, по барањата за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и за Изборите на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година поднесени од: Здружението за развој на опшествено – социјални иновации „ВАКЕ УП“ – Скопје, Здружението на граѓани ЦИВИЛ – Центар за слобода – Скопје, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество Инклузива Куманово, Фондацијата Ромите за демократија – Скопје, Еуроњуз Албанија, Новинската агенција Ројтерс, Европската прес фото агенција – ЕПА, Ал Џазира Балкан, Гласот на Америка – македонска редакција, Парламентарното Собрание на Советот на Европа – ад хок комисија за набљудување претседателските избори во Република Северна Македонија, Националниот демократски институт за Надворешни работи, Вашингтон САД – подружница Република Северна Македонија, Центарот за развој на изборни системи, реформи и обука (тренинг центар) на Централна Изборна Комисија на Грузија, Топ Канал Албанија – отсек Косово, ОБСЕ / ОДИХР – Канцеларија за демократски институции и човекови права- (ТРЕТО ДОПОЛНУВАЊЕ – краткорочни набљудувачи), Амбасадата на Република Словачка во Скопје, Центарот за развој на изборни системи, реформи и обука (тренинг центар) на Централна Изборна Комисија на Грузија и Европската асоцијација за дијалог и демократија – Берген, Норвешка, ДИК издаде овластувања за набљудување.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата ДИК спроведе Ждрепка за распределба на локациите на рекламните паноа и билборди врз основа на член 78-а од Изборниот законик за Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Истовремено, ДИК ги потврди листите на кандидати за Изборите на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година, кои што во законски утврдениот рок требаше да бидат корегирани согласно укажувањата на ДИК.

Следствено на тоа, се спроведе жрепка за утврдување на редоследот на листите на кандидати за избор на пратеници врз основа на член 31, став 2, точка 5 од Изборниот законик за Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, по која се утврди единствената листа на кандидати.

Согласно одредбите од Изборниот законик, Државната изборна комисија утврдената единствена листа на кандидати ќе ја објави во Службен весник на Република Северна Македонија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата ДИК во законски определениот рок ги утврди листите на кандидати за Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година.

Имајќи предвид дека определени подносители на листи на кандидати потребно е да постапат по укажувањата на ДИК и да направат корекции во листите во одредени изборни единици, истите ќе се разгледуваат и потврдуваат на наредната седница на ДИК.

Истовремено, по барањата за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и за Изборите на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година поднесени од: Амбасадата на Република Унгарија во Република Северна Македонија, Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, Албанскиот сервис на Гласот на Америка, ОБСЕ/ОДИХР Канцеларија за демократски институции и човекови права и Амбасадата на Црна Гора  во Република Северна Македонија, ДИК издаде овластувања за набљудување.

На седницата ДИК согласно член 93 и член 95 од Изборниот законик го утврди изгледот и содржината на гласачкото ливче за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија 2024 година, додека пак посебните скриени заштити на гласачкото ливче беа утврдени на затворениот дел на седницата.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата ДИК одлучуваше по барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии и по истите беше извршен случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии чии барања за изземање беа прифатени од Државната изборна комисија.

Притоа, ДИК апелираше до општинските изборни комисии да пристапат со поголема професионалност во извршувањето на обврските и задачите кои се должни да ги спроведуваат согласно Изборниот законик и подзаконските акти донесени од ДИК.

Честите барања за изземање не треба да бидат основ за неактивност на ОИК бидејќи во составот на ОИК има членови и нивни заменици, а ОИК може да работи полноважно со мнозинство членови. Особено важно е што ОИК е составен од државни службеници кои согласно Изборниот законик се должни да ги спроведуваат изборните дејствија, а дотолку повеќе што истите се ослободени од работните обврски во институциите каде имаат засновано работен однос и земаат паричен надоместок согласно правилниците на ДИК, со една единствена причина работата да се извршува законски, професионално и без никаков застој или доцнење на роковите.

Понатаму, во ДИК има назначени координатори кои ја контролираат и ја олеснуваат работата на ОИК и затоа е потребно да има поголема одговорност, отчетност и ажурност од нивна страна.

Исто така, ДИК ја нагласи важноста од учество во обуките кои ги спроведуваат сертифицираните обучувачи, на сите ОИК и ИО, без разлика дали се ново избрани или не, бидејќи овој процес е задолжителен и неговата крајна цел е максимална професионализација на изборните органи.

Истовремено, ДИК издаде овластувања за набљудување (вкупно 13) по поднесеното барање од Централната изборна комисија на Република Косово за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Изборите на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата ДИК ги донесе изменувањата и дополнувањата на роковниците за извршување на изборни дејствија за спроведување на Изборите за Претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, имајќи ги предвид изменувањата и дополнувањата во Изборниот законик, кои се однесуваат на изборната кампања, доставувањето на извештаите со образец за примени донации на трансакциска сметка за изборна кампања, пропишан од страна на министерот за финансии, во кои се содржани сите потребни податоци, институциите до кои ќе се доставуваат извештаите, како и сите останати активности поврзани со изборната кампања.

Имено, од моментот на потврдувањето на кандидатските листи за двата изборни циклуси (претседателски и избори за пратеници во Собранието), па до започнувањето на изборната кампања не смеат да се трошат средства од трансакциската сметка која што е наменета за изборна кампања. Исто така, кандидадите имаат право да организираат по еден јавен настан за промоција на нивните потврдени листи на кандидати и изборни програми.

Понатаму, ДИК ја донесе Одлуката за објавување на описите на избирачките места, за кои стручната служба по нивното објавување на веб страницата на Државната изборна комисија со соопштение преку електронските медиуми ќе ги информира граѓаните за начинот на објавување на истите.

Истовремено, ДИК по барањата за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година, поднесени од: ОБСЕ/ОДИХР – Канцеларија за демократски институции и човекови права (за 31 лице),  Центарот за континуирани обуки во избори, Молдавија (за две лица), Амбасадата на Република Албанија во Република Северна Македонија (за 3 лица) и Центарот за безбедносни истражувања, Скопје (за 29 лица), издаде овластувања за набљудување.

Врз основа на тоа ќе бидат издадени беџови за секој акредитиран набљудувач кој ќе мора да го почитува Кодексот за правилата на набљудување на изборите и изборната постапка на домашни и странски набљудувачи, донесен од Државната изборна комисија.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата ДИК поврзано со претходно одржаниот настан потпишување на Кодексот за фер и демократски избори за претстојните претседателски избори, а со оглед на фактот дека истата беше прозвана од дел од кандидатите во врска со работењето на Комисијата најпрво ја информираше јавноста со следното:

  • Кандидатите и политичките партии мора да го познаваат Изборниот законик доколку учествуваат во изборниот процес, како и надлежноста на ДИК, а не неосновано да изнесуваат непроверени и паушални напади за работата на Комисијата.
  • ДИК не е политичка партија, ниту политички противник на било кој од кандидатите и оваа реакција нема за цел да им прави промоција на истите, туку е нужна бидејќи Комисијата неможе да премолчува пред напади, притисоци и невистини кои се насочени кон нејзината работа и одлучување.
  • ДИК нема надлежност да организира јавни политички дебати.
  • ДИК не е надлежна за распределување на финансиските средства на политичките партии и кандидатите, туку тоа е предвидено во Изборниот законик.
  • ДИК не е овластен предлагач на Изборниот законик и не ги определува правилата во изборите.
  • Кандидатите, доколку имаат забелешки околу законската регулатива, истите треба да ги решаваат во Собранието, заедно со политичките партии.
  • ДИК единствено го спроведува Изборниот законик и се грижи за организацијата на изборниот процес согласно своите законски надлежности.

Со горенаведеното, ДИК има за цел да покаже дека нема да дозволи никакви мешања и влијание врз нејзината работа од страна на политичките партии и кандидтатите во нејзината надлежност и со оваа реакција го штити својот професионален углед и институционален интегритет како и угледот и сликата на изборниот процес.

На седницата, ДИК ја донесе Одлуката за заклучување на Избирачкиот список. По спроведените промени на податоците за граѓаните во Избирачкиот список кои произлегоа од Јавниот увид, како и ажурирањето на податоците во Избирачкиот список согласно законските одредби, Државната изборна комисија го заклучи Избирачкиот список со следната состојба:

  • За Изборите за Претседател на Република Северна Македонија, кои ќе се одржат на 24 април 2024 година:
    • вкупен број на гласачи запишани во Избирачкиот список во Република Северна Македонија – 1.814.317.
  •  За Изборите за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија кои ќе се одржат на 8 мај 2024 година:
    • вкупен број на гласачи запишани во Избирачкиот список во Република Северна Македонија – 1.815.350.

Истовремено, Државната изборна комисија го донесе Упатството за начинот на гласање на избирачки места со помалку од 10 избирачи, согласно кое граѓаните од 120 избирачки места на подрачјето од 33 општински изборни комисии, каде се евидентирани помалку од 10 гласачи, своето уставно загарантирано право на глас ќе го остварат во најблиското избирачко место со над 10 избирачи.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На 91-та седница на Државната изборна комисија, која се одржа на 27 март 2024 година, беа разгледувани и донесени следните подзаконски акти:

  • Упатството за начинот за утврдување на идентитетот на гласачот, во кое се предалага откако ќе го остварат своето избирачко право и откако по сопствен избор ќе гласаат или само за претседателски или само за парламентарни избори, граѓаните потоа НЕМА да можат повторно во текот на денот да дојдат на избирачкото место и да гласаат за оној вид на избори за кои не гласале и претходно не го искористиле даденото право на избор. Според Упатството избирачкиот одбор задолжителнио ќе ги прашува граѓаните за кој вид на избори сакаат да гласаат, а граѓаните имаат право да изберат и да се изјаснат за кој вид на избори ќе гласаат и тоа:
    само за претседателски избори,
    само за парламентарни избори или
    и за претседателски и за парламентарни избори.

Следствено на тоа, Државната изборна комисија информираше дека Упатството за начинот за утврдување на идентитетот на гласачот, кое е сеуште во сила ќе се применува во првиот круг на гласање, во кое дополнително ќе стои измената согласно преодната одредба од измените на Изборниот законик која ќе се применува само за изборите во 2024 година, односно избирачите да може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржување на изборите.

  • Упатството со кое се уредува начинот и постапката за чување, обработка и бришење на податоците за отпечатоци од прсти од електронскиот избирачки список, кои во електронски облик се внесени во централниот систем инсталиран во просториите на Државна изборна комисија и во уредите за биометриска идентификација на гласачите.
  • Упатството за начинот на именување на членови на избирачките одбори по предлог на политичките партии за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година, во кое за потребите на политичките партии при формирањето на избирачките одбори, во прилог на истото е содржано конкретно и прецизно појаснување на постапката.
  • По завршувањето на рокот за поднесување на пријави, утврден во член 50-а став 8 од Изборниот законик за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларни канцеларии на Република Северна Македонија, Државната изборна комисија утврди дека на Претседателските избори 2024 година своето право на глас во странство ќе можат да го остварат вкупно 2.571 граѓани во 31 ДКП и конзуларни канцеларии и тоа во: Абу Даби, Белград, Берлин, Берн, Бон, Брисел, Вашингтон, Венеција, Виена, Детроит, Загреб, Камбера, Копенхаген, Лондон, Љубљана, Мелбурн, Минхен, Њујорк, Осло, Париз, Прага, Рим, Стокхолм, Торонто, Хаг, Чикаго, Анкара, Варшава, Мадрид, Пекинг, Софија и согласно на тоа го усвои Заклучокот за усвојување на извештајот во врска со поднесените пријави со кои граѓаните се пријавуваа за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларни канцеларии на Република Северна Македонија во странство.
  • Воедно, Државната изборна комисија го донесе и Решението за неспроведување на гласањето во дипломатско – конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Северна Македонија во странство по поднесените листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија за Изборна единица 7. Сите избирачи кои се пријавиле за гласањето а кои ги исполнуваат законските услови, ќе бидат запишани во изводите и во посебните изводи од Избирачкиот список за гласање во Република Северна Македонија, на избирачките места според адреса на живеење, каде ќе можат да го остварат своето гласачко право на Избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија кои ќе се одржат на 8 мај 2024 година.
  • Заради успешно спроведување на изборите и олеснување на работата на изборната адимистрација, Државната изборна комисија ги донесе Прирачникот за едукација на општинските изборни комисии и Прирачникот за едукација на избирачките одбори.
  • Државната изборна комисија ги усвои Образецот број 16а за гласање, сумирање и утврдување на резултати од ИО за избирачко место за избор за Претседател на Република Северна Македонија и Образецот бр.21 за сумирањето на резултатите од гласањето.

Понатаму, Државната изборна комисија одлучуваше по барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии и по истите беше извршен случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии чии барања за изземање беа прифатени од Државната изборна комисија.

Истовремено, по поднесените барања за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година од страна на Меѓународна организација за изборни системи ИФЕС – канцеларија во Северна Македонија и Набљудувачката мисија за изборите на ОБСЕ ПА, Државната изборна комисија издаде овластувања за набљудување.

На седницата беше спроведена и ждрепка за распределба на локациите на рекламните паноа и билборди врз основа на 78-а од Изборниот законик за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија.

Исто така, Државната изборна комисија по Известувањето од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за одземена дозвола на радио дифузер направи измена на регистрите на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за изборите за претседател на Република Северна Македонија и за изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беше спроведена ждрепка со која се утврди редоследот на листите на кандидати за избор на Претседател на Републиката за 2024 година.

Овластените претставници на подносителите на листите на кандидати според азбучниот редослед на името на кандидатот влечеа број по кој се утврди единствената листа на кандидати:

1.            Стево Пендаровски со реден број 1.

2.            Гордана Сиљановска – Давкова со реден број 2.

3.            Стевчо Јакимовски со реден број 3.

4.            Бујар Османи со реден број 4.

5.            Билјана Ванковска – Цветковска со реден број 5.

6.            Арбен Таравари со реден број 6 и

7.            Максим Димитриевски со реден број 7.

Согласно одредбите од Изборниот законик, Државната изборна комисија утврдената единствена листа на кандидати ќе ја објави во Службен весник на Република Северна Македонија.

Истовремено, Државната изборна комисија спроведе и ждрепка за распределба на локациите на рекламните паноа и билборди врз основа на член 78-а  од Изборниот законик за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата Државната изборна комисија одлучуваше по поднесените Листи за кандидат за претседател на Република Северна Македонија 2024 година. Имајќи предвид дека Листите на кандидати беа поднесени согласно законски утврдените услови и во законски утврдениот рок Комисијата ги потврди Листите за кандидати за претседател на Република Северна Македонија 2024 година по редоследот на нивното доставување во Државната изборна комисија, со што на Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година ќе учествуваат следните кандидати:

–        Стево Пендаровски

–        Стевчо Јакимовски

–        Максим Димитриевски

–        Арбен Таравари

–        Билјана Ванковска – Цветковска

–        Бујар Османи и

–        Гордана Сиљановска Давкова.

Истовремено, на седницата беше донесено Упатството за изгледот на беџовите за идентификација на изборните органи, изборната администрација, овластените претставници на подносителите на листа на кандидат, меѓународните и домашните набљудувачи за изборите за претседател на Република Северна Македонија и изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои Државната изборна комисија ги издава како исправа за идентификација.

Исто така, Државната изборна комисија, по поднесените барања за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година од страна на ОБСЕ/ОДИХР, издаде 34 овластувања за набљудување.

Врз основа на тоа ќе бидат издадени беџови за секој акредитиран набљудувач кој ќе мора да го почитува Кодексот за правилата на набљудување на изборите и изборната постапка на домашни и странски набљудувачи.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беа донесени Решението за изменување и дополнување на Решението за регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за избори за претседател на Република Северна Македонија бр.09-696/1 од 29.2.2024 година и Решението за изменување и дополнување на Решението за регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија бр.09-698/1 од 29.2.2024 година, во кои се впишуваат и оние радиодифузери, телевизии,  радиостаници и електронски медиуми (интернет портали) кои навремено доставиле корегирани ценовници во законски предвидениот рок од 72 часа, согласно член 75-ѓ став (11) од Изборниот законик.

Истовремено, Државната изборна комисија во врска со Упатството со Методологија за примена на член 21 став (2), (3) и (4) од Изборниот законик за избор на претседател, членови и нивни заменици во општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје, донесено на 85-та седница на Државната изборна комисија, одржана на 6 и 7 март 2024 година, во делот на тоа дали во предвид ќе се земе резидентното или нерезидентното население при примена на методологијата, а по повод пресудата на Вишиот управен суд, информираше дека за спроведување на член 21 став (2) од Изборниот законик, во општините во кои живеат најмалку 20% од граѓаните припадници на другите заедници каде се одразува принципот на соодветна и правична застапеност на сите заедници, изборот ќе го врши по национална припадност според Пописот на населението од 2021 година, притоа земајќи го предвид резидентното население.

Исто така, Државната изборна комисија информираше дека согласно преодната одредба од измените на Изборниот законик која ќе се применува само за изборите во 2024 година, избирачите ќе може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржување на изборите.

Односно, на Претседателските избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ (сила на закон или по рок на важност) им истекле личните документи од 24 јули 2023 година до денот на одржување на изборите 24 април 2024 година, а на Изборите за избор на пратеници во Собранието, ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ (по сила на закон или по рок на важност) им истекле личните документи од 8 август 2023 година до денот на одржување на изборите 8 мај 2024 година.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата Државната изборна комисија ја донесе Одлуката за дополнување на Годишниот план за јавни набавки по програма 21 (за потребите на Изборите за претседател на Република Северна Македонија и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија) како и Изменувањето и дополнувањето на Одлуката за утврдување на потреба од формирање на помошни тела на Државната изборна комисија за спроведување на Избор за Претседател на Република Северна Македонија и Избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои ќе се одржат на 24 април 2024 година и на 8 мај 2024 година, за потребите на Комисијата за непречено функционирање на изборниот процес.

Понатаму, Комисијата го дополни Упатството за начинот и постапката за поднесување, прием и потврдување на кандидатските листи за избор на претседател на Републиката (бр.08-528/1 од 17.2.2024 година), со што кандидатот за претседател може да овласти друго лице кое истовремено ќе биде и овластен претставник на подносител на листа за претседател, кој ќе може во негово име и за негова сметка да ги презема неопходните дејствија согласно Изборниот законик пред изборните органи и други надлежни државни институции, а поврзани со постапката за организација на Изборите за Претседател на Републиката, а врз основа на ова генерално овластување кандидатот за претседател може да го овласти истото лице да може во име и за сметка на кандидатот за претседател да овластува и други лица за преземање на определени дејствија во изборниот процес согласно Изборниот законик.

Истовремено, Комисијата го донесе и Упатството за примена на член 112-а од Изборниот законик, за лица со попреченост, со цел на истите да им се овозможи на соодветен начин да влезат, односно пристапат во гласачкото место за да го остварат своето право на глас. За истата цел е донесено и Упатството за гласање на слепи лица и лица со оштетен вид, со кое доколку лицето со оштетен вид одбие да гласа со помош на шаблон и Браева азбука ќе има право да побара од избирачкиот одбор да гласа со помош на друго лице.

Државната изборна комисија го донесе и Упатството за работата на Општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје, кое ги уредува и разработува нивните обврски и процедури за работа во рамките на нивните законски надлежности.

Понатаму, на оваа седница е донесена и измената на Упатството за примена на член 21 став (2), (3) и (4) од Изборниот законик за избор на претседател, членови и нивни заменици во Општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје, во кое како критериум за избор е земен пописот на населението од 2021 година, наместо пописот од 2022 година.

Исто така, на седницата беа разгледувани барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии и по истите беше извршен случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии чии барања за изземање се прифатени од Државната изборна комисија.

Имено, за целта на транспарентноста на изборниот процес, а за олеснување на постапката за кандидирање на кандидати за претседател на Републиката и кандидати за избор на пратеници во Собранието во Државната изборна комисија, Комисијата информираше дека на својата веб страница ќе ги објави и донесените акти на Централниот регистар на Република Северна Македонија, во кои е уредена целокупната постапка за обезбедување на единствен даночен број и трансакциска сметка со назнака „за изборна кампања“.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

 Државната изборна комисија, на 83-та седница, одржана на 27 февруари 2024 година го донесе Јавниот повик со кој ги известува сите граѓани на Република Северна Македонија дека Јавниот увид на податоците во избирачкиот список ќе започне на 28 февруари 2024 година и истиот ќе трае до 18 март 2024 година до 24:00 часот.

Се повикуваат сите заинтересирани граѓани на Република Северна Македонија, кои сакаат да извршат увид во своите податоци во избирачкиот список, тоа да го направат по електронски пат на официјалната веб страница на Државната изборна комисија и лично во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, кои ќе работат секој ден во периодот 08:00 – 20:00 часот и кои се сместени во седиштето на општините, што е објавено на веб страницата на Државната изборна комисија.

За таа цел, Државната изборна комисија го донесе и Упатството за спроведување на Јавен увид во Избирачкиот список за Претседателски избори 2024 и Парламентарни избори 2024 година.

Понатаму, Комисијата донесе Одлука во врска со Барањето за донесување на одлука согласно член 48 став 1 од Законот за Влада на Република Македонија, поднесено од Министерството за труд и социјална политика, со која го отфрлува Барањето, имајќи предвид дека истото не ги исполнува законски утврдените услови од наведениот член, за надлежно постапување на Државната изборна комисија, со оглед на тоа дека истото не се однесува на правно, финансиско и кадровско прашање кое е поврзано со организација на изборите и се однесува на редовното работење на институцијата.

Истовремено, Државната изборна комисија го донесе Упатството за набљудување на изборите и изборната постапка, чија чел е давање насоки за начинот на акредитирање на набљудувачи на изборите и спроведувањето на набљудувањето на изборите и изборната постапка од страна на акредитираните набљудувачи. Барање за стекнување својство на набљудувач може да поднесат: домашни здруженија и странски организации, меѓународни организации и претставници на странски земји.

Следствено на горенаведениот акт го донесе и Кодексот за набљудување на изборите за Претседател на Република Северна Македонија и изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 2024 година, кој ги утврдува правилата за набљудување на изборите за Претседател на Република Северна Македонија кои ќе се одржат на 24 април 2024 година и изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија кои ќе се одржат на 8 мај 2024 година, и процедурата за вршење на набљудувачката мисија на акредитираните набљудувачи, а во функција да се подобри интегритетот и транспарентноста на изборниот процес.

Заради целта за спроведување на легитимен и транспарентен изборен процес, Државната изборна комисија, донесе Заклучок за останување во сила на следните правилници и упатства, кои се од исклучително значење за сите изборни органи на кои ќе се спроведе задолжителна едукација, а се од значење и за учесниците во изборите, гласачите и медиумите:

– Упатство за важечки и неважечки ливчиња, бр. 10-689/1 од 3.3.2020 година

– Упатство за распределба на рекламни паноа и билборди по пат на ждрепка (согласно член 78-а од Изборниот законик), бр. 10-691/1 од 3.3.2020 година

– Упатство за пријавување и гласање на немоќно или болно лице, бр. 11-1764/1 од 25.8.2021 година

– Упатство за гласање на лица кои се наоѓаат во куќен притвор (член 113 од Изборниот законик), бр. 10-694/1 од 3.3.2020 година

– Упатство за гласање на избирачите кои се членови на избирачките одбори кои го спроведуваат гласањето во дипломатско – конзуларните претставништва односно конзуларните канцеларии (член 113-б од Изборниот законик), бр. 10-690/1 од 3.3.2020 година

– Упатство за начинот и постапката за решавање на приговори во надлежност на Државната изборна комисија, бр. 11-2486/1 од 10.10.2021 годинa

– Упатство за начинот и постапката за пријавување и гласање во посебни установи за вонсемејна грижа (домови за стари лица), бр. 10-783/1 од 9.3.2020 година

– Упатство за начинот и постапката за решавање на приговори во надлежност на општинските изборни комисии, бр. 11-2350/1 од 1.10.2021 година

– Упатство на општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје за обезбедување, чување, ракување и дистрибуција на изборниот материјал, бр. 11-2223/1 од 23.9.2021 година

– Упатство за ангажирање на лица од редот на вработените во секторите за информатичките технологии во државната, јавната, општинската и администрацијата на Градот Скопје или надворешни ИТ лица, бр. 11-2117/1 од 17.9.2021 година

– Упатство за прием, сместување и чување на УБИГ кои се наоѓаат во просториите на ДИК, бр.11-1922/1 од 9.9.2021 година.

Државната изборна комисија го донесе Планот за комуникација и координација помеѓу изборните органи, кој има за цел постигнување на поефикасна, полесна и воедначена соработка помеѓу Државната изборна комисија и општинските изборни комисии при подготовката и спроведувањето на Изборите за Претседател на Република Северна Македонија и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година и добивање на исти одговори за настанатите тековни проблеми во нивното работење, односно идентичен одговор за исти прашања.

Согласно Акцискиот план за унапредување на родовата сензитивност на Државната изборна комисија, Комисијата донесе Упатство за родово чувствителни документи, со кое се воспоставуваат правила за креирање родово чувствителни документи во Државната изборна комисија. Преку ова Упатство се промовира инклузивност, се почитува различност и се поддржува еднаквоста во псимените комуникации.

Начинот на кој ќе се реализира систематското собирање и презентација на податоци поделени по пол во Државната изборна комисија и изборните органи на пониско ниво, е утврден во Упатството за собирање и презентирање на податоци разделени по пол, донесено на оваа седница.

Истовремено, Државната изборна комисија ја донесе Одлуката со која се утврдува максималниот износ на средствата потребни за изнајмување на простории во приватна сопственост за спроведување на гласањето на оние избирачки места каде не постојат јавни објекти кои ги задоволуваат законските услови за спроведување на истото, а согласно  решенијата за утврдување на избирачките места во делот на објектот за гласање.

Исто така, Комисијата го усвои Годишниот извештај за завршната сметка на Државната изборна комисија  за 2023 година.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На 82-та седница на Државната изборна комисија, одржана на 20 февруари 2024 година,  е донесен Правилникот за регулирање на постапката за собирање на потписи и начинот за определување на нотар, кон кој во прилог е содржано посебно Појаснување на постапката на собирање потписи за  подршка на поднесена листа на кандидат за Претседател на Републиката како и за поднесена  листа на кандидати за пратеници кога поднесената листа е од „група избирачи“.

Потписите се собираат во службените просториите на подрачното одделение и канцеларија на Државната изборна комисија, пред службено лице вработено во Државната изборна комисија.

Kora потписи се собираат пред нотар, потписите се собираат во службените простории на нотарот, согласно правилата за депонирање на потписи.

Собирањето на потписи започнува на 23 февруари 2024 година и трае до 8 март 2024 година до 24:00 часот. За време на собирањето на потписите подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија ќе работат секој ден од 8:00 часот до 20:00 часот, додека последниот ден на 8 март 2024 година до 24:00 часот.

Потписите се собираат на обрасци кои се пропишани од страна на Државна изборна комисија и истите се објавени на интернет страната на Државна изборна комисија https://www.sec.mk/.

Истовремено, Државната изборна комисија, го усвои Заклучокот за останување во сила и примена на Правилникот за начинот на постапување на полицијата за време на спровеедување на избори бр.11-1763/1 од 28 август 2021 година.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија ги известува радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет портали), кои ќе обезбедуваат платено политичко рекламирање за учесниците во изборната кампања за Избори за градоначалник на општина Маврово и Ростуше и градоначалник на општина Центар Жупа во 2022 година, дека се должни да се регистрираат во Државната изборна комисија, во рок од 3 дена од денот на распишување на изборите.

Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет портали) доставуваат „Барање за упис во регистар на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали)“ до Државната изборна комисија, задолжително со прилог тековна состојба издадена од Централен регистар на Република Северна Македонија, не постара од 30 дена.

Барањата за упис со прилог тековна состојба се поднесуваат електронски на следната електронска адреса: [email protected] или во архивата на ДИК на бул.„Св. Кирил и Методиј“ бр.54, 1000 Скопје (најдоцна до 24:00 часот на 07 февруари 2022 година).

Врз основа на поднесените барања за упис, Државната изборна комисија ќе изготви „Регистар на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали)“ кои ќе даваат услуги на платено политичко рекламирање за време на Изборите за градоначалник на општина Маврово и Ростуше и градоначалник на општина Центар Жупа во 2022 година. Регистарот со уредно поднесени и прифатени барања за упис во регистар на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) ќе биде јавно објавен на интернет страната на Комисијата.

Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) се должни во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес (најдоцна на 9 февруари, 24:00 часот).

Радиодифузерите и печатените медиуми согласно усвоеното Упатство за начинот и постапката за потврдување на просечно постигнатата цена за платено политичко рекламирање бр.11-281/1 од 04.02.2022 година од страна на Државната изборна комисија се должни ценовниците за секој медиум одделно за платено политичко рекламирање да ги применуваат и за време на изборната кампања и притоа просечната цена (аритметичка средина) по секунда за едно деноноќие добиена според различните ценовно-рекламни временски периоди и тоа: Период 1 – од 00:00 до 08:00 часот, Период 2 – од 08:00 до 16:00 часот и Период 3 – од 16:00 до 24:00 часот кај радиодифузерите за платено политичко рекламирање, како и цената за закуп на рекламен простор во печатениот медиум да не ја надминува вкупната просечна цена на рекламирање на секој радиодифузер одделно пресметана во последните пет изминати изборни циклуси одржани на ниво на цела територија на државата, а за електронските медиуми (интернет порталите) цената за закуп на рекламен простор на интернет порталот за платено политичко рекламирање да не ја надминува просечната цена за рекламирање пресметана, за последните пет изминати изборни циклуси.

За Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) кои не учествувале на сите изминати 5 изборни циклуси цената за платено политичко рекламирање не може да ја надминува просечната цена на рекламирање пресметана во последните пет изминати изборни циклуси.

Државната изборна комисија е должна да ги потврди и објави на нејзината веб страна доставените ценовници со просечно пресметаните цени утврдено од радиодифузерите и печатените медиуми, како и да ги објави ценовниците со цените утврдени од електронските медиуми (интернет порталите), согласно член 75-ѓ став (3) и (9) од ИЗ, во рок од 10 дена од истекот на рокот за доставување на ценовниците утврдени во ставот (3) на овој член.

Доколку Државната изборна комисија утврди неправилности во ценовниците од радиодифузерите и печатените медиуми го известува соодветниот медиум да изврши корекција на ценовникот во рок од 72 часа од приемот на известувањето.

Архивата на Државната изборна комисија ќе работи на прием на барања за упис во регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) на ден 06.02.2022 година (недела), од 10:00 до 18:00 часот.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Известување за регистрација и доставување на ценовници на медиумите за платено политичко рекламирање

На седницата на Државната изборна комисија се одлучуваше по поднесени приговори од подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласањето кое се спроведе за Општина Дебар.

Имено, во определениот законски рок, согласно член 148 од Изборниот законик, до Државната изборна комисија беа поднесени приговори од Коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Државната изборна комисија ги одби доставените приговори како несоновани поради тоа што истите не беа поткрепени со соодветни факти и докази по наводите во нив.

По однос на двата приговори кои се однесуваат на нарушување на принципот на тајно гласање, истите беа одбиени поради тоа што не ги исполнуваат условите од член 151 став (1), алинеја 2 од Изборниот законик, бидејќи не е загрозена тајноста на гласање на другите лица и согласно став (3) од истиот член, резултатот од ова избирачко место не влијае врз вкупните резултати. Понатаму, во прилог на приговорите не беше доставен соодветен доказ за наводите кои беа наведени во нив, а во Записникот бр.16 за секое избирачко место кое е предмет на приговор, немаше забелешка од ниту еден член од избирачките одбори, ниту од овластените претставници од подносителите на листите (согласно член 116 став 3 од Изборниот законик), кое исто беше утврдено по повеќекратните проверки и увид во записниците од страна на Државната изборна комисија, кои уредно беа потпишани од целиот состав на Избирачкиот одбор.

По однос на останатите приговори Државната изборна комисија констатираше дека најпрво подносителот на приговорот не го искористил правото и можноста која е дадена согласно Изборниот законик да се постапува во случај на евентуални нерегуларности во изборниот процес, да се стават свои забелешки за евентуални неправилности доколку биле евидентирани преку своите овластени претставници во записниците на избирачките одбори или општинските изборни комисии, како за постапката за гласање така и за сумирање и утврдување на резултатите, додека пак по извршениот увид во целокупниот избирчаки материјал во избирачките места наведени во приговорите, по барање на член на Комисијата на Државната изборна комисија, согласно член 147 став (10) од Изборниот законик, се утврди дека податоците целосно се совпаѓаат согласно податоците наведени во Записникот бр.16, гласачките ливчиња во гласачката кутија, потпишаните лица во изводите од Избирачкиот список и извештајот од уредот за биометриска идентификација на гласачите.

Исто така Државната изборна комисија констатира дека подносителот не постапил и согласно член 117 став (6)  каде  е наведено дека доколку забелешките на претставниците на подносителите на листите не се евидентирани во записникот, тие имаат право да ги достават до општинската изборна комисија во рок од 5 часа од составувањето на записникот и забелешките согласно одредбите од член 116 став (3) да бидат основа за приговор.

По однос на приговорот во кој беше наведено дека во неколку избирачки места е направено кршење на постапката на предавање на доверливиот изборен материјал, на начин што вреќите во кои се ставани гласачките ливчиња не биле пломбирани со сигурносна лента од страна на Избирачките одбори, истиот беше одбиен бидејќи иако е утврдена таквата фактичката состојба станува збор за формален пропуст, затоа што наводот се однесува за постапката при транспорт на изборниот материјал, односно наводите не се однесуваат конкретно по постапката за гласање или за сумирање и утврдување на резултатите, по кои немаат никаква забелешка членовите на избирачкиот одбор ниту пак овластените претставници. Дополнително на ова поради таквиот пропсут Државната изборна комисија од проверката на изборниот материјал не утврди никакви недостатоци и неправилности во самиот изборен материјал.

Имено, по овој приговор беше направен увид во изборниот материјал согласно член 147 став (10), (11) и (12) од Изборниот законик и беше утврдено следното:

– согласно став (10) податоците од изборниот материјал целосно се совпаѓаат и

– согласно став (11) и (12) од истиот член за споредување на податоци на отпечатоци од прсти за избирачките места по кои беше побарано и ги исполнуваа законските услови за ваква проверка, Државната изборна комисија ја спроведе техничката проверка и врз основа на прибавениот извештај утврди дека нема дупло совпаѓање на податоците од соодвтните избирачки места со референтните податоци од базата на избирачкиот список (согласно член 147 став 11), а кое нешто помеѓу останатото укажува и дека техничката опрема за биометриска идентификација на гласачите е функционална и по овој основ и намена.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата беше донесена Дополната на заклучокот за известување за конечност на резултати од гласањето за избор на градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје, по одржан втор изборен круг на ден 31 октомври 2021 година, за соодветните општини.

Имено, по конечноста на постапката по поднесени приговори во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите, се потврди конечност на резултатите од гласањето за избор на градоначалник на општините Желино, Брвеница, Студеничани и Старо Нагоричане.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

По известувањето од Собранието на Република Северна Македонија дека е констатирано престанување на мандатот на пратениците кои се избрани за градоначалници на општините, Државната изборна комисија која ја спроведува постапката согласно Изборниот законик ги извести кандидатите од листите на кандидати за пратеници кои доаѓаат на место на пратениците на кои им престанал мандатот.

Од листата на кандидати за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на овластениот подносител ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „Обнова на Македонија“ кандидатите Тони Јаревски, Зоран Коцевски, Драган Ковачки и Грација Бакраческа, а од листата на кандидати за пратеници на Собранието на Република Северна Македонија на овластениот подносител Коалиција Можеме, кандидатите  Љубица Спасова и Драгољуб Филипоски потпишаа изјави за прифаќање на кандидатура, со што на седницата на Државната изборна комисија беше констатирано дека стануваат пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, за остатокот од мандатот согласно член 153 став 1 од Изборниот законик.

Државната изборна комисија на седницата го усвои и до Собранието на Република Северна Македонија го достави Извештајот за преземените работи согласно член 153 од Изборниот законик, за прифаќање на остатокот на мандатот за пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, а на новите пратеници им издаде уверенија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беше донесена Дополната на заклучокот за известување за конечност на резултати од гласањето за избор на градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје, по одржан втор изборен круг на 31 октомври 2021 година, за соодветните општини.

На седницата се разгледуваше и одлучуваше по поднесени приговори од подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласањето.

Во законски определениот рок до Државната изборна комисија беа поднесени приговори од повеќе подносители на листи и тоа Трајно Македонско Радикално Обединување ТМРО, Демократска унија за интеграција – ДУИ и Група Избирачи Енвер Пајазити.

Имено, бидејќи приговорите поднесени од Трајно Македонско Радикално Обединување ТМРО, не се поднесени согласно член 148 од Изборниот законик, односно не се поднесени преку овластен претставник, не се потпишани од овластениот претставник и се доставени до општинската изборна комисија, Државната изборна комисија едногласно ги отфрли.

Дел од приговорите поднесени од Демократска унија за интеграција – ДУИ и сите приговори поднесени од Група Избирачи Енвер Пајазити беа едногласно одбиени поради тоа што не беа поткрепени со факти и докази. Во наводите на приговорите немаше никакви образложенија за наводите за несовпаѓање на податоците од записниците, додека во самите записници и  дневниците на настани, немаше никакви забелешки од овластените претставници на подносителите на листи на кандидати или од членовите или замениците на избирачките одбори.

Во врска со ова беше истакнато дека подносителите на приговорите не го искористиле правото и можноста која е дадена согласно Изборниот законик да се постапува во случај на евентуални неправилности во постапката на гласање и сумирање на резултатите, да се стават свои забелешки за евентуални неправилности доколку биле евидентирани.

Исто така, во прилог на приговорите не беа доставени други соодветени факти или докази за наводите кои беа изнесени во нив (согласно член 116 став 3 од Изборниот законик), што беше утврдено по повеќекратните проверки и увид во записниците и останатиот доверлив изборен материјал од страна на Државната изборна комисија.

По неколку приговори поднесени од Демократската унија за интеграција ДУИ, од страна на Државната изборна комисија согласно член 148 став 3 од Изборниот законик, а во врска со член 108-а точка 10 од истиот закон, по предлог на член на Државната изборна комисија беше извршен увид во гласачкиот материјал, но беше констатирано дека сите податоци се совпаѓаат, а наводите од приговорите се неосновани и истите беа одбиени.

Само по однос на приговорот поднесен од Демократска унија за интеграција, за Избирачкото место 2107 Желино, беше констатирано дека едно лице гласало со неважечка лична карта, а во Извештајот од уредот за биометриска идентификација на гласачите нема совпаѓање со податоците од Записникот бр.16 и согласно тоа Државната изборна комисија го прифати приговорот и го поништи гласањето на ова гласачко место.

Донесените акти ќе бидат објавени на веб страницата на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата беше донесен Заклучокот за известување за конечност на резултати од гласањето за Избор на градоначалници на општините и Градоначалник на Град Скопје, по одржан втор изборен круг на 31 октомври 2021 година, за соодветните општини, како и Дополната на заклучокот за известување на конечност на резултати од гласањето за избор на членови на Совет на општините и совет на Град Скопје, по одржано прегласување во прв круг од 31 октомври 2021 година, за соодветните општини.

Донесените заклучоци ќе бидат објавени на веб страницата на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата беа прифатени барањата за добивање овластување за набљудувачи за Локалните избори 2021 година поднесени од повеќе организации и амбасади.

Државната изборна комисија одлучуваше по приговори за заштита на лично избирачко право и по приговори поднесени од гласачи кои се одбиени по барање за гласање во своите домови како болни и немоќни лица.

На седницата беа донесени Препораки за работа на избирачките одбори за забрзување на постапката на гласањето во избирачките места, кои се доставени до општинските изборни комисии и избирачките одбори, а произлегуваат од анализата и искуствата на работата на избирачките одбори во првиот круг и се во функција на подобрување на постапката на гласањето во вториот изборен круг.

Имено, во избирачките места каде има запишано поголем број на гласачи, каде се групирани повеќе гласачки места во еден објект за гласање или во гласачките места каде ќе чекаат на ред за гласање повеќе гласачи, избирачките одбори треба да се грижат за организацијата на гласањето и за редот, а начин што:

  1. Еден член или заменик на избирачки одбор да излезе пред гласачките места, а по потреба и пред објектот за гласање за да им помага и да ги упатува гласачите до нивното гласачко место, поради полесно распоредување и намалување на редот за чекање,
  2. Избирачкиот одбор во избирачкото место да пушта континуирано гласачи и тоа веднаш после завршената идентификација на претходниот гласач со техничката опрема, а притоа водејќи сметка зад секој од параваните за гласање да има истовремено само по еден гласач.
  3. Идентификацијата со отпечаток од прст во техничката опрема (фингерпринт), Избирачкиот одбор да ја врши со по една проверка од секој показалец (десен па лев), а потоа доколку не најде совпаѓање, веднаш да се продолжи со пронаоѓање (идентификација) на гласачот преку МРЗ-читачот на техничката опрема или преку внес на ЕМБГ,
  4. Истовремено додека трае идентификацијата во техничката опрема, членот на Избирачкиот одбор кој ракува со изводот од избирачкиот список, треба да го пронајде гласачот и да го припреми изводот од Избирачкиот спиок за ставање на потпис (или отпечаток),
  5. За побрзо и полесно пронаоѓање на на гласачите во изводот од Избирачкиот список, избирачкиот одбор може да стави бележници за означување (стикери) на листовите за секоја почетна буква од презимињата на гласачите.

Исто така, како и во првиот круг остануваат препораките доколку има гужва во избирачкото место, избирачкиот одбор да не губи време со принтање на статистички извештаи за излезноста од техничката опрема, туку тоа да го направи телефонски до општинската изборна комисија според бројот на потпишани избирачи во Избирачкиот список кои гласале.

Бидејќи денес, на полноќ завршува изборната кампања Државната изборна комисија апелираше до политичките партии, кандидатите и медиумите да го почитуваат изборниот молк и Изборниот законик.

Истовремено, Државната изборна комисија ги повика сите граѓани да излезат и да гласаат слободно. Гласањето е тајно, гласачките ливчиња се заштитени и не е можно да бидат злоупотребени.

Исто така, Државната изборна комисија побара од општинските изборни комисии и избирачките одбори да се однесуваат и да работат професионално, одговорно, без оглед на било каква партиска припадност. Тие се должни да го почитуваат Изборниот законик, упатствата, актите на Државната изборна комисија, како и насоките добиени на обуките, се со цел спроведување на регуларен изборен процес, што е од заеднички инстерес за сите.

Триесет и шестата седница останува отворена за што јавноста ќе биде дополнително известена.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content