На седницата на Државната изборна комисија беа донесени Решението за изменување и дополнување на Решението за регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за избори за претседател на Република Северна Македонија бр.09-696/1 од 29.2.2024 година и Решението за изменување и дополнување на Решението за регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија бр.09-698/1 од 29.2.2024 година, во кои се впишуваат и оние радиодифузери, телевизии,  радиостаници и електронски медиуми (интернет портали) кои навремено доставиле корегирани ценовници во законски предвидениот рок од 72 часа, согласно член 75-ѓ став (11) од Изборниот законик.

Истовремено, Државната изборна комисија во врска со Упатството со Методологија за примена на член 21 став (2), (3) и (4) од Изборниот законик за избор на претседател, членови и нивни заменици во општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје, донесено на 85-та седница на Државната изборна комисија, одржана на 6 и 7 март 2024 година, во делот на тоа дали во предвид ќе се земе резидентното или нерезидентното население при примена на методологијата, а по повод пресудата на Вишиот управен суд, информираше дека за спроведување на член 21 став (2) од Изборниот законик, во општините во кои живеат најмалку 20% од граѓаните припадници на другите заедници каде се одразува принципот на соодветна и правична застапеност на сите заедници, изборот ќе го врши по национална припадност според Пописот на населението од 2021 година, притоа земајќи го предвид резидентното население.

Исто така, Државната изборна комисија информираше дека согласно преодната одредба од измените на Изборниот законик која ќе се применува само за изборите во 2024 година, избирачите ќе може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржување на изборите.

Односно, на Претседателските избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ (сила на закон или по рок на важност) им истекле личните документи од 24 јули 2023 година до денот на одржување на изборите 24 април 2024 година, а на Изборите за избор на пратеници во Собранието, ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ (по сила на закон или по рок на важност) им истекле личните документи од 8 август 2023 година до денот на одржување на изборите 8 мај 2024 година.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content