1. РЕШЕНИЈА ЗА ПОТВРДЕНИ ЛИСТИ НА ПОДНОСИТЕЛИ НА ЛИСТИ НА КАНДИДАТИ ЗА ПРАТЕНИЦИ ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ 2024 ГОДИНА И РЕДОСЛЕД НА ЛИСТИТЕ НА ГЛАСАЧКОТО ЛИВЧЕ

Државната изборна комисија ги потврди листите на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија и го утврди нивниот редоследот на гласачкото ливче.

1. КОАЛИЦИЈА ЗА ЕВРОПСКА ИДНИНА “(Социјалдемократски сојуз на Македонија-СДСМ, Либерално демократска партија – ЛПД, Нова социјалдемократска партија – НСДП, ВМРО Народна партија – ВМРО-НП, Партија за движење на Турците-ПДТ, Демократски сојуз на власите-ДСВМ, Сојуз на Ромите од Македонија, Странка на демократска акција на Македонија, Демократска обнова на Македонија-ДОМ, Десница, Партија на пензионерите-ПП, Партија за демократски просперитет на Ромите, Партија за општествен и екомоски напредок – ПОЕН, Српска Странка во Македонија-ССМ) – за ИЕ1, ИЕ2, ИЕ3, ИЕ4, ИЕ5, ИЕ6

2. Коалиција “ТВОЈА МАКЕДОНИЈА“ ВМРО-ДПМНЕ (ВМРО-Демократска партија за македонско национално единство), Социјалистичка партија на Македонија, Демократска партија на Србите во Македонија – ДПСМ, Демократски сојуз – ДС, Македонска акција – МААК, Движење на национално единство на Турците – ДНЕТ, Српска Напредна странка во Македонија – СНСМ, Бошњачка народна партија – БНП, Демократски сили на Ромите – ДСР, Партија на обединети демократи на Македонија – ПОДЕМ, Партија на Власите од Македонија, ГЛАС за Македонија – ГЛАС, Нова Либерална Партија – НЛП, Социјалдемократска Унија – СДУ, Роми Обединети од Македонија – РОМ, Демократска партија на Ромите – ДПР, Работничко Земјоделска Партија на Република Македонија, Обединета Партија за еднаквост на Ромите – ОПЕР, Достоинство, Трајно Македонско Радикално Обединување – ТМРО, Обединети за Македонија – ОМ, Македонски концепт – МКонцеп- за ИЕ1, ИЕ2, ИЕ3, ИЕ4, ИЕ5, ИЕ6

3. Коалиција ХРАБРО ЗА МАКЕДОНИЈА (ГРОМ, ИНТЕГРА, ПЦЕР од РСМ) предводена од Граѓанска опција за Македонија – ГРОМ- за ИЕ1, ИЕ2, ИЕ3, ИЕ4, ИЕ5, ИЕ6

4. Коалиција „ЕВРОПСКИ ФРОНТ’’ / Koalicioni “FRONTI EUROPIAN”- за ИЕ1, ИЕ2, ИЕ3, ИЕ4, ИЕ5, ИЕ6

5. Политичка Партија ЛЕВИЦА- за ИЕ1, ИЕ2, ИЕ3, ИЕ4, ИЕ5, ИЕ6

6. КОАЛИЦИЈА ВЛЕН / KOALICIONI VLEN- за ИЕ1, ИЕ2, ИЕ3, ИЕ4, ИЕ5, ИЕ6

7. Движење ЗНАМ – За Наша Македонија- за ИЕ1, ИЕ2, ИЕ3, ИЕ4, ИЕ5, ИЕ6

8. ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА- за ИЕ 1, ИЕ2, ИЕ3, ИЕ4, ИЕ5

9. Политичка партија НОВА АЛТЕРНАТИВА Скопје- за ИЕ 1, ИЕ2, ИЕ3, ИЕ4

10. Политичка партија АВАЈА- за ИЕ3, ИЕ4, ИЕ5, ИЕ6

11. ЕВРОПСКО ГРАЃАНСКО ДВИЖЕЊЕ- за ИЕ6

12. Македонска Ера Трета/Македонски независни листи – Суверенисти- за ИЕ1, ИЕ2, ИЕ3, ИЕ4, ИЕ5, ИЕ6

13. ТВОЈА ПАРТИЈА- за ИЕ 1, ИЕ2, ИЕ3,ИЕ4

14. РОДИНА МАКЕДОНИЈА- за ИЕ1, ИЕ2, ИЕ3, ИЕ4, ИЕ5, ИЕ6

15. Политичка партија ДЕСНА- за ИЕ 1, ИЕ2, ИЕ3, ИЕ4

16. Политичка партија ДЕМОКРАТИ Скопје- за ИЕ 1, ИЕ2, ИЕ3, ИЕ4, ИЕ5, ИЕ6

17. РАБОТНИЧКА ПАРТИЈА- за ИЕ1, ИЕ5

2. РЕШЕНИЈА ЗА ОТФРЛЕНИ ЛИСТИ НА ПОДНОСИТЕЛИ НА ЛИСТИ НА КАНДИДАТИ ЗА ПРАТЕНИЦИ ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ 2024 ГОДИНА

8. ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА- за ИЕ6

9. Политичка партија НОВА АЛТЕРНАТИВА Скопје- за ИЕ5 и ИЕ6

15. Политичка партија ДЕСНА- за ИЕ5 и ИЕ6

17. РАБОТНИЧКА ПАРТИЈА- за ИЕ2, ИЕ3, ИЕ4 и ИЕ6

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Согласно член 78-а став 5 и 6 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“, број 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 44/11, 51/11, 54/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16, 142/16, 67/17,125/17,35/18, 99/18,140/18, 208/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“, број 98/19, 42/20, 74/21, 215/21 и 5/24), Државната изборна комисија спроведува ждрепка со која ќе ги распореди локациите на рекламните паноа и билборди кои се нудат за политичко рекламирање од страна на правните лица кои стопанисуваат со истите, а во врска со Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои ќе се одржат на 08 мај 2024 година.

Се повикуваат претставниците на правните лица да достават понуди за рекламни паноа и билборди со локации и ценовници до Државната изборна комисија за Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, согласно Упатството за распределба на рекламни паноа и билборди по пат на ждрепка со број 10-691/1 од 03.03.2020 година, објавено на веб страната на Државната изборна комисија, најдоцна до петок, 12.04.2024 година, до 10:00 часот.

Максималниот број на рекламни паноа и билборди кои може да се користат за политичко рекламирање изнесува 50% од вкупниот број на територијата на определена општина, градот Скопје, односно на територијата на кое определено правно лице стопанисува со истите за Изборите за за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Ждрепката за распределба на рекламни паноа и билборди ќе се одржи во малата сала на први спрат на Државната изборна комисија на 12.04.2024 година во 12:00 часот.

Овластените лица на правните лица кои доставиле понуди за распределба на рекламни паноа и билборди кои ќе учествуваат во ждрепката потребно е со себе да имаат овластување од правното лице.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата ДИК одлучуваше по барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии и по истите беше извршен случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии чии барања за изземање беа прифатени од Државната изборна комисија.

Притоа, ДИК апелираше до општинските изборни комисии да пристапат со поголема професионалност во извршувањето на обврските и задачите кои се должни да ги спроведуваат согласно Изборниот законик и подзаконските акти донесени од ДИК.

Честите барања за изземање не треба да бидат основ за неактивност на ОИК бидејќи во составот на ОИК има членови и нивни заменици, а ОИК може да работи полноважно со мнозинство членови. Особено важно е што ОИК е составен од државни службеници кои согласно Изборниот законик се должни да ги спроведуваат изборните дејствија, а дотолку повеќе што истите се ослободени од работните обврски во институциите каде имаат засновано работен однос и земаат паричен надоместок согласно правилниците на ДИК, со една единствена причина работата да се извршува законски, професионално и без никаков застој или доцнење на роковите.

Понатаму, во ДИК има назначени координатори кои ја контролираат и ја олеснуваат работата на ОИК и затоа е потребно да има поголема одговорност, отчетност и ажурност од нивна страна.

Исто така, ДИК ја нагласи важноста од учество во обуките кои ги спроведуваат сертифицираните обучувачи, на сите ОИК и ИО, без разлика дали се ново избрани или не, бидејќи овој процес е задолжителен и неговата крајна цел е максимална професионализација на изборните органи.

Истовремено, ДИК издаде овластувања за набљудување (вкупно 13) по поднесеното барање од Централната изборна комисија на Република Косово за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Изборите на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата ДИК ги донесе изменувањата и дополнувањата на роковниците за извршување на изборни дејствија за спроведување на Изборите за Претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, имајќи ги предвид изменувањата и дополнувањата во Изборниот законик, кои се однесуваат на изборната кампања, доставувањето на извештаите со образец за примени донации на трансакциска сметка за изборна кампања, пропишан од страна на министерот за финансии, во кои се содржани сите потребни податоци, институциите до кои ќе се доставуваат извештаите, како и сите останати активности поврзани со изборната кампања.

Имено, од моментот на потврдувањето на кандидатските листи за двата изборни циклуси (претседателски и избори за пратеници во Собранието), па до започнувањето на изборната кампања не смеат да се трошат средства од трансакциската сметка која што е наменета за изборна кампања. Исто така, кандидадите имаат право да организираат по еден јавен настан за промоција на нивните потврдени листи на кандидати и изборни програми.

Понатаму, ДИК ја донесе Одлуката за објавување на описите на избирачките места, за кои стручната служба по нивното објавување на веб страницата на Државната изборна комисија со соопштение преку електронските медиуми ќе ги информира граѓаните за начинот на објавување на истите.

Истовремено, ДИК по барањата за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година, поднесени од: ОБСЕ/ОДИХР – Канцеларија за демократски институции и човекови права (за 31 лице),  Центарот за континуирани обуки во избори, Молдавија (за две лица), Амбасадата на Република Албанија во Република Северна Македонија (за 3 лица) и Центарот за безбедносни истражувања, Скопје (за 29 лица), издаде овластувања за набљудување.

Врз основа на тоа ќе бидат издадени беџови за секој акредитиран набљудувач кој ќе мора да го почитува Кодексот за правилата на набљудување на изборите и изборната постапка на домашни и странски набљудувачи, донесен од Државната изборна комисија.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, членовите на Државната изборна комисија остварија координативен состанок со претставници од ЗЕЛС предводени од претседателот Орце Ѓорѓиевски, каде се разговараше за меѓусебната соработка и координација во спроведување на активностите за претстојните Избори за претседател и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, ја потенцираше потребата од соработка со општините во изборниот процес и неопходноста да бидат обезбедени технички, логистички и просторни услови од нивна страна, со цел Општинските изборни комисии да бидат во можност да ги спроведуваат изборните активности.

Потпретседателката на Државна изборна комисија, Дитмире Шеху, побара од ЗЕЛС поддршка околу прашањето за пристап на лицата со попреченост кон избирачките места односно да се има во предвид пристапноста до избирачките места од секој аспект како тие би можеле непречено да го остварат своето право на глас.

На координативниот состанок претставниците на ДИК и ЗЕЛС разговараа и за безбедноста на избирачките места при процесот на носење и складирање на изборните материјали на ден пред изборите.

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски ја искажа својата посветеност и подготвеност заедно со Државната изборна комисија да бидат обезбедени сите просторно- технички услови, со цел изборите да бидат организирани според сите меѓународни стандарди во фер, демократски и инклузивен процес.

.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата ДИК поврзано со претходно одржаниот настан потпишување на Кодексот за фер и демократски избори за претстојните претседателски избори, а со оглед на фактот дека истата беше прозвана од дел од кандидатите во врска со работењето на Комисијата најпрво ја информираше јавноста со следното:

  • Кандидатите и политичките партии мора да го познаваат Изборниот законик доколку учествуваат во изборниот процес, како и надлежноста на ДИК, а не неосновано да изнесуваат непроверени и паушални напади за работата на Комисијата.
  • ДИК не е политичка партија, ниту политички противник на било кој од кандидатите и оваа реакција нема за цел да им прави промоција на истите, туку е нужна бидејќи Комисијата неможе да премолчува пред напади, притисоци и невистини кои се насочени кон нејзината работа и одлучување.
  • ДИК нема надлежност да организира јавни политички дебати.
  • ДИК не е надлежна за распределување на финансиските средства на политичките партии и кандидатите, туку тоа е предвидено во Изборниот законик.
  • ДИК не е овластен предлагач на Изборниот законик и не ги определува правилата во изборите.
  • Кандидатите, доколку имаат забелешки околу законската регулатива, истите треба да ги решаваат во Собранието, заедно со политичките партии.
  • ДИК единствено го спроведува Изборниот законик и се грижи за организацијата на изборниот процес согласно своите законски надлежности.

Со горенаведеното, ДИК има за цел да покаже дека нема да дозволи никакви мешања и влијание врз нејзината работа од страна на политичките партии и кандидтатите во нејзината надлежност и со оваа реакција го штити својот професионален углед и институционален интегритет како и угледот и сликата на изборниот процес.

На седницата, ДИК ја донесе Одлуката за заклучување на Избирачкиот список. По спроведените промени на податоците за граѓаните во Избирачкиот список кои произлегоа од Јавниот увид, како и ажурирањето на податоците во Избирачкиот список согласно законските одредби, Државната изборна комисија го заклучи Избирачкиот список со следната состојба:

  • За Изборите за Претседател на Република Северна Македонија, кои ќе се одржат на 24 април 2024 година:
    • вкупен број на гласачи запишани во Избирачкиот список во Република Северна Македонија – 1.814.317.
  •  За Изборите за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија кои ќе се одржат на 8 мај 2024 година:
    • вкупен број на гласачи запишани во Избирачкиот список во Република Северна Македонија – 1.815.350.

Истовремено, Државната изборна комисија го донесе Упатството за начинот на гласање на избирачки места со помалку од 10 избирачи, согласно кое граѓаните од 120 избирачки места на подрачјето од 33 општински изборни комисии, каде се евидентирани помалку од 10 гласачи, своето уставно загарантирано право на глас ќе го остварат во најблиското избирачко место со над 10 избирачи.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, претседателот на Државната изборна комисија, Проф. Д-р Александар Даштевски присуствуваше и се обрати на настан организиран од Охридскиот институт на кој што се потпиша Декларацијата за фер, слободни и демократски избори и против говорот на омраза, од страна на младинските крила на политичките партии.

Целта на оваа декларација беше обединување на младинските крила на политичките партии и нивно обврзување јавно да промовираат слободни и фер избори и да го отфрлат говорот на омраза.

Претседателот Даштевски даде поддршка на младите политичари и ја нагласи важноста на овој настан и посветеноста на нашите институции за негување на демократската култура.

„Младите се иднината на нашата држава, а нивната вклученост во обликувањето на нашите изборни процеси е клучна. Со потпишувањето на оваа декларација, нашите млади лидери не само што се обврзуваат на почитување на принципите на демократијата, туку и ветуваат дека ќе се погрижат гласот на секој граѓанин да биде слушнат и секој глас да биде важен. Слободните и фер избори се камен-темелник на секоја демократија. Кога изборите се спроведуваат на транспарентен и непристрасен начин, тоа ја поттикнува довербата во демократскиот процес и го зајакнува социјалното ткиво на нашето општество.“- се обрати пред младите Даштевски.

Даштевски апелираше за почитување на оваа декларација бидејќи со превземањето на вакви храбри чекори од страна на младите крила на политичките партии не само што се обезбедуваат слободни и фер избору туку на тој начин напредува и демократијата во нашето општество.

„Додека одиме напред, да не ја изгубиме од вид огромната одговорност што доаѓа со оваа декларација. Треба да работиме неуморно на елиминирање на каква било форма на изборна злоупотреба, вклучително и заплашување на гласачи, поткуп или какви било други обиди за поткопување на темелите на изборниот процес.

Исто така, да се стремиме да создадеме инклузивна средина која поттикнува учество од сите сегменти на општеството, вклучително и маргинализираните заедници и недоволно застапените групи. Секој граѓанин мора да се чувствува слободен да го искористи своето демократско право без страв или дискриминација.

Како заклучок, би сакал да ги пофалам младинските крила на нашите политички партии за нивното лидерство и визија во преземањето на овој храбар чекор кон обезбедување слободни и фер избори. Да ја почитуваме оваа декларација не само со зборови, туку и со дела, додека продолжуваме да градиме иднина во која ќе напредува демократијата и ќе се слуша гласот на секој граѓанин.“- додаде Даштевски.

.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

ДО

СИТЕ МЕДИУМИ и

ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ – Подносители на листи за Изборите за Претседател на РСМ и Изборите за пратеници во Собранието на РСМ

Склучувањето на договорите за платено политичко рекламирање помеѓу политичките партии и медиумите според член 76-д став (5) од Изборниот законик, треба да биде во рамките на износите предвидени во меѓусебните задолжителни писмени договори за распределбата на износите на средствата помеѓу соодветните политички партии.

Доколку за користење на платено политичко рекламирање од страна на партиите се надминат износите наведени во писмените договори, ДИК нема законски основ да врши исплата на средства за ППР кон медиумите за делот на износот кој не е предвиден во истите договори.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, во организација на Државната изборна комисија, шест од вкупно седум кандидати за претседател на Република Северна Македонија го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори за претстојните претседателски избори.

Со потпишување на овој кодекс, кандидатите Стево Пендаровски, Гордана Сиљановска Давкова, Бујар Османи, Билјана Ванковска Цветковска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски се обврзаа и ветија дека ќе се придржуваат и активно ќе го промовираат Кодексот кој што треба да придонесе за фер и демократски избори.

Потписниците се согласија дека нема да вршат никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи финансирани од Буџетот на државата, буџетите на општините и Градот Скопје, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал.

Со потпишувањето на овој кодекс кој е сет од етички правила за однесување за време на претседателските избори, кандидатите како учесници во изборите се обврзаа дека ќе ги почитуваат сите закони, правила и прописи кои се релевантни за изборите, како и почитувањето на владеење на правото при организирање и спроведување на Изборите за Претседател 2024 година.

Исто така, сите се согласија и се обврзаа дека нема да користат говор на омраза и нема да вршат никаква дискриминација и омаловажување врз основа на пол преку своето делување и со своите активности ќе учествуваат во зацврстување на фундаменталните вредности на демократијата и придонесуваат за градењето на довербата во изборниот систем.

Кандидатот за претседател на државата, Стевчо Јакимовски не го потпиша Кодексот за фер и демократски избори но изјави дека истиот ќе го почитува.

Чинот на потпишување на Кодексот за фер и демократски избори се одржа во Државната изборна комисија и на истиот присуствуваа претставници на медиумите и дипломатскиот кор во државата.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, Државната изборна комисија во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи, ИФЕС одржа едукативна работилница за претставници на граѓанските организации и здруженија во Република Северна Македонија.  Работилницата беше наменета за организации и здруженија кои изразуваат интерес за набљудување на изборниот процес на претстојните Избори за Претседател на државата и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Целта на оваа едукативна сесија беше присутните да се запознаат со процесот на акредитација на домашни набљудувачи како и со правата и одговорностите кои тие ги имаат согласно Изборниот закон. Преку презентација на Упатството за набљудување на изборите и изборната постапка и запознавање со Кодексот за набљудување на изборите за Претседател на Република Северна Македонија и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 2024 година, претставниците на организациите и здруженијата детално се запознаа со правилата за набљудување, со стручните и технички можности на процесот.

Преку примена на интерактивна методологија од страна на обучувачите, лицата кои ја посетија работилницата  симулираа процес на набљудување и практично се соочија со ситуации кои се случуваат на денот на изборите. На тој начин, потенцијалните набљудувачи на изборите се стекнаа со познавања во областа на набљудување на избори, ги унапредија своите знаења и вештини и добија одговори на сите прашања кои беа предмет на нивен интерес. 

Дел од сесијата беше фокусирано наменет за тоа кој дел од изборниот процес  се набљудува од страна на акредитираните набљудувачи, како се евидентираат евентуалните забелешки кои набљудувачите ги стекнале на избирачките места и како за истите се известува по завршување на изборите.

Оваа едукативна работилница е предвидена во Програмата за едукација на други чинители во изборниот процес, пракса која Државната изборна комисија за прв пат ја воспоставува во своето работење.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Членовите на Државната изборна комисија остварија средба со претседателот Џељаљ Бајрами и членовите на Комисијата за следење евентуални нерегуларности и кривични дела поврзани со изборите во Јавното обвинителство, на која се разговараше за подготвеноста на двете институции за претстојните претседателски и парламентарни избори.

На координативната средба, претставниците на двете институции разменија информации за активностите поврзани со изборниот процес, за предизвиците со кои се соочуваат за време на избори а беа разгледани и можни решенија за надминување на истите.

Државната изборна комисија и Комисијата во Јавното обвинителство изразија неопходност за интензивна соработка и комуникација во процесот на спроведување на претстојните избори во државата како и навремена, точна и интензивна информираност за сите евентуални нерегуларности кои може да бидат предмет на кривична одговорност.

На крајот на средбата, претставниците на двете институции заклучија дека координираноста во делувањето согласно своите надлежности е особено значајна за обезбедување на фер и демократски избори и заштита на гласачкото право.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Се известуваат правните лица кои стопанисуваат со рекламни паноа и билборди дека се должни да се придржуваат кон спроведената постапка од Државната изборна комисија за распределба на локации за рекламни паноа и билборди, направена согласно утврдените критериуми од член 78-а став (4) од Изборниот законик.

            Правните лица кои стопанисуваат со рекламни паноа и билборди се должни со политичките партии кои учествуваат по постапката за политичко рекламирање да склучат договор за политичко рекламирање на рекламни паноа и билборди почитувајќи ја класификацијата на учесниците по припадност согласно воспоставените процентуални делови од член 78-а став (4) од Изборниот законик и утврдените пакети на локации на рекламни паноа и билборди, кои правните лица кои стопанисуваат со истите ги имаа понудено како пакет во спроведената жрепка од Државната изборна комисија.

            Правните лица кои стопанисуваат со рекламни паноа не можат да склучат договор за политичко рекламирање на рекламни паноа и билборди со учесници во изборната постапка кои не припаѓаат во соодветниот процентуален дел определен со член 78-а став (4) од Изборниот законик и не може да се воспоставуваат одредби, услови и рокови при склучување на договорот, кои не се предвидени со одредбите со кои што се регулира политичкото рекламирање од Изборниот законик.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На 91-та седница на Државната изборна комисија, која се одржа на 27 март 2024 година, беа разгледувани и донесени следните подзаконски акти:

  • Упатството за начинот за утврдување на идентитетот на гласачот, во кое се предалага откако ќе го остварат своето избирачко право и откако по сопствен избор ќе гласаат или само за претседателски или само за парламентарни избори, граѓаните потоа НЕМА да можат повторно во текот на денот да дојдат на избирачкото место и да гласаат за оној вид на избори за кои не гласале и претходно не го искористиле даденото право на избор. Според Упатството избирачкиот одбор задолжителнио ќе ги прашува граѓаните за кој вид на избори сакаат да гласаат, а граѓаните имаат право да изберат и да се изјаснат за кој вид на избори ќе гласаат и тоа:
    само за претседателски избори,
    само за парламентарни избори или
    и за претседателски и за парламентарни избори.

Следствено на тоа, Државната изборна комисија информираше дека Упатството за начинот за утврдување на идентитетот на гласачот, кое е сеуште во сила ќе се применува во првиот круг на гласање, во кое дополнително ќе стои измената согласно преодната одредба од измените на Изборниот законик која ќе се применува само за изборите во 2024 година, односно избирачите да може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржување на изборите.

  • Упатството со кое се уредува начинот и постапката за чување, обработка и бришење на податоците за отпечатоци од прсти од електронскиот избирачки список, кои во електронски облик се внесени во централниот систем инсталиран во просториите на Државна изборна комисија и во уредите за биометриска идентификација на гласачите.
  • Упатството за начинот на именување на членови на избирачките одбори по предлог на политичките партии за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година, во кое за потребите на политичките партии при формирањето на избирачките одбори, во прилог на истото е содржано конкретно и прецизно појаснување на постапката.
  • По завршувањето на рокот за поднесување на пријави, утврден во член 50-а став 8 од Изборниот законик за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларни канцеларии на Република Северна Македонија, Државната изборна комисија утврди дека на Претседателските избори 2024 година своето право на глас во странство ќе можат да го остварат вкупно 2.571 граѓани во 31 ДКП и конзуларни канцеларии и тоа во: Абу Даби, Белград, Берлин, Берн, Бон, Брисел, Вашингтон, Венеција, Виена, Детроит, Загреб, Камбера, Копенхаген, Лондон, Љубљана, Мелбурн, Минхен, Њујорк, Осло, Париз, Прага, Рим, Стокхолм, Торонто, Хаг, Чикаго, Анкара, Варшава, Мадрид, Пекинг, Софија и согласно на тоа го усвои Заклучокот за усвојување на извештајот во врска со поднесените пријави со кои граѓаните се пријавуваа за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларни канцеларии на Република Северна Македонија во странство.
  • Воедно, Државната изборна комисија го донесе и Решението за неспроведување на гласањето во дипломатско – конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Северна Македонија во странство по поднесените листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија за Изборна единица 7. Сите избирачи кои се пријавиле за гласањето а кои ги исполнуваат законските услови, ќе бидат запишани во изводите и во посебните изводи од Избирачкиот список за гласање во Република Северна Македонија, на избирачките места според адреса на живеење, каде ќе можат да го остварат своето гласачко право на Избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија кои ќе се одржат на 8 мај 2024 година.
  • Заради успешно спроведување на изборите и олеснување на работата на изборната адимистрација, Државната изборна комисија ги донесе Прирачникот за едукација на општинските изборни комисии и Прирачникот за едукација на избирачките одбори.
  • Државната изборна комисија ги усвои Образецот број 16а за гласање, сумирање и утврдување на резултати од ИО за избирачко место за избор за Претседател на Република Северна Македонија и Образецот бр.21 за сумирањето на резултатите од гласањето.

Понатаму, Државната изборна комисија одлучуваше по барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии и по истите беше извршен случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии чии барања за изземање беа прифатени од Државната изборна комисија.

Истовремено, по поднесените барања за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година од страна на Меѓународна организација за изборни системи ИФЕС – канцеларија во Северна Македонија и Набљудувачката мисија за изборите на ОБСЕ ПА, Државната изборна комисија издаде овластувања за набљудување.

На седницата беше спроведена и ждрепка за распределба на локациите на рекламните паноа и билборди врз основа на 78-а од Изборниот законик за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија.

Исто така, Државната изборна комисија по Известувањето од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за одземена дозвола на радио дифузер направи измена на регистрите на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за изборите за претседател на Република Северна Македонија и за изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Членовите на Државната изборна комисија остварија средба со претставниците на МЕТА, компанија сопственик и оператор на социјалните мрежи Facebook, Instagram  и Whats App и претставници на Националниот демократски институт.

На средбата се разговараше за правилата за одговорна кампања и одобрување на политички и изборни реклами на социјалните мрежи, новите правила кои го уредуваат користењето на вештачката интелегенција за креирање реклами за избори и политики, се споделија најдобрите практики за сигурност и безбедност на информациите. Од страна на претставниците на компанијата Мета се споделија информации околу техниките за заштита од ширење на дезинформации, говор на омраза, испраќање на несоодветни и заканувачки содржини на социјалните мрежи како и се споделија информации за користење на канали за решавање на проблеми со ширењето на информациите и пријавување на проблеми.

Значењето на оваа средба е особено од аспект на пласирање и ширење на информации за време на изборен процес и превенција од влијание на гласачи, притисок врз гласачите преку ширење на лажни информации или дезинформации. Се разгледаа и можностите за креирање на најдобри креативни практики и користење на Фејсбук и Инстаграм за изборна кампања, како и воспоставувањето на  контакт со гласачите и нивно вклучување во процесот на точно и непристрасно информирање од страна на Државната изборна комисија.

Двете страни на средбата изразија задоволство од можноста да се соработува во областа на информирањето и заштитата на гласачите од лажни информации, дезинформации и притисоци за време на изборите во насока на спроведување на фер и демократски избори.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, учествуваше на панел дискусија за „Зајакнување на соработката помеѓу институциите за проценка на изборните ризици“, заедно со министри и одговорни лица на институции кои имаат надлежност во областа на изборните ризици.

Во своето излагање на панелот, Претседателот Даштевски истакна дека заштитата на интегритетот и правичноста на изборите е најважна за одржување на принципите на демократијата и дека Државната изборна комисија континуирано се залага за силна меѓуинституционална соработка, каде што различните засегнати страни работат рака под рака со цел справување со предизвиците и заштита на изборниот систем од ризици.

„Во соочувањето со предизвиците од областа на изборните ризици, Државната изборна комисија не може да работи изолирано. Од суштинско значење е заедничкиот пристап кој вклучува повеќе институции на различни нивоа на управување. Соработката поттикнува синергија, здружувајќи ја експертизата, ресурсите и перспективите за да се изградат сеопфатни стратегии кои најсоодветно ќе се справат со ризиците.“ истакна Претседателот Даштевски во своето обраќање на панел дискусијата.

Како клучни партнери во меѓуинституционалната соработка за проценка на изборните ризици, Даштевски ги посочи минстерствата кои што играат важна улога за да се обезбеди непречено спроведување на изборите, агенции за сајбер безбедност, граѓанските организации и медиумите.

На крајот од своето обраќање, претседателот на ДИК апелираше до сите присутни претставници од засегнатите институции и организации да ги негуваат партнерствата и дека само со неуморна работа може да се ублажат изборните ризици.

„Меѓуинституционалната соработка не е само прагматична неопходност, туку морален императив за заштита на интегритетот на нашите изборни процеси. Како претседател на Државната изборна комисија, би апелирал до сите вас да се заложиме да негуваме партнерства, да создаваме сојузи и да работиме неуморно со партнерските институции за да ги ублажиме изборните ризици и да ги поддржуваме демократските идеали врз кои е изградена нашата држава. Заедно, можеме да ја зајакнеме демократијата, осигурувајќи дека гласот на секој граѓанин се слуша и секој глас е важен.“ додаде Даштевски.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беше спроведена ждрепка со која се утврди редоследот на листите на кандидати за избор на Претседател на Републиката за 2024 година.

Овластените претставници на подносителите на листите на кандидати според азбучниот редослед на името на кандидатот влечеа број по кој се утврди единствената листа на кандидати:

1.            Стево Пендаровски со реден број 1.

2.            Гордана Сиљановска – Давкова со реден број 2.

3.            Стевчо Јакимовски со реден број 3.

4.            Бујар Османи со реден број 4.

5.            Билјана Ванковска – Цветковска со реден број 5.

6.            Арбен Таравари со реден број 6 и

7.            Максим Димитриевски со реден број 7.

Согласно одредбите од Изборниот законик, Државната изборна комисија утврдената единствена листа на кандидати ќе ја објави во Службен весник на Република Северна Македонија.

Истовремено, Државната изборна комисија спроведе и ждрепка за распределба на локациите на рекламните паноа и билборди врз основа на член 78-а  од Изборниот законик за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес,  претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски  се обрати на форумот „Граѓанските организации и изборите“ на кој учествуваа претставници на граѓанскиот сектор и претставници од државните институции. Покрај Претседателот Даштевски со поздравни обраќања форумот го отворија и заменичката на шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Сузан Пенкса,   Џевахире Прути Зајази, претставник на  Швајцарска амбасада во Скопје и Иоана Козма, директорка на ИФЕС во Скопје.

На форумот се дискутираше за предизвиците и можностите за учество на граѓанските организации во изборниот процес, за пречките и решенијата за зголемено учество на недоволно застапените групи во изборниот процес како и за предизвиците и можностите за соработка меѓу граѓанските организации кои застапуваат различни таргет групи и меѓу граѓанските организации и релевантните институции вклучени во изборниот процес.

Претседателот Даштевски изрази благодарност до ОБСЕ мисијата во Скопје и ИФЕС, што ја идентификуваа потребата да се разговара на оваа тема бидејќи ова е добар начин да се споделат искуствата од поминати изборни циклуси и да се вкрстат сознанијата и практиките.

„Ние како институција, години наназад бележиме напредок во обезбедување на услови за непречено остварување на правото на глас на граѓаните од различни категории, лица со попреченост, млади гласачи, жени и различни возрасни категории, гласачи од различна националност, согласно законските надлежности и можности. За таа цел сакам да се заблагодарам и на организациите со кои досега сме имале соработка и заедно сме креирале пракса која од една страна била во согласност со потребите на граѓаните а од друга страна за нас значајно што сме овозможиле напредок во изборниот процес. “ истакна Претседателот Даштевски во своето обраќање на форумот.

На крајот од своето излагање, Даштевски апелираше за поголема вклученост на граѓанските организации во креирањето на политиките .

„Имајќи ја предвид нашата заложба за еднаков третман на сите граѓани како и нашата цел за спроведување на фер, слободни и  демократски избори, потенцирам дека сме отворени  за соработка со сите чинители во изборниот процес.“ рече Даштевски.

Државната изборна комисија беше ко организатор на Форумот „Граѓанските организации и изборите“  заедно со ОБСЕ Мисијата во Скопје и ИФЕС.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија оствари координативен состанок со претставници од НДИ на кој што се разговараше за понатамошната соработка за предстојните Избори за Претседател и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

На средбата се разговараше за Кодексот за фер и демократски избори и дополнително двете страни се согласија и ја потврдија досегашната успешна соработка и изразија подготвеност да продолжат и понатаму да работат заедно за унапредување на демократските вредности и практики со цел успешно спроведување на предстојните избори.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија ги известува овластените претставници на подносителите на Листи на кандидат за Претседател на Република Северна Македонија, дека ждрепката за утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати ќе се одржи во понеделник, 25 март 2024 година со почеток во 12:00 часот.

Ждрепката ќе се одржи во седиштето на Државната изборна комисија, голема сала, 4 кат.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Согласно член 78-а став 5 и 6 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“, број 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 44/11, 51/11, 54/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16, 142/16, 67/17,125/17,35/18, 99/18,140/18, 208/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“, број 98/19, 42/20, 74/21 и 215/21), Државната изборна комисија спроведува ждрепка со која ќе ги распореди локациите на рекламните паноа и билборди кои се нудат за политичко рекламирање од страна на правните лица кои стопанисуваат со истите, а во врска со Изборите за Претседател на Република Северна Македонија, кои ќе се одржат на 24 април 2024 година.

Се повикуваат претставниците на правните лица да достават понуди за рекламни паноа и билборди со локации и ценовници до Државната изборна комисија за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија, согласно Упатството за распределба на рекламни паноа и билборди по пат на ждрепка со број 10-691/1 од 03.03.2020 година, објавено на веб страната на Државната изборна комисија, најдоцна до понеделник, 25.03.2024 година, до 10:00 часот.

Максималниот број на рекламни паноа и билборди кои може да се користат за политичко рекламирање изнесува 50% од вкупниот број на територијата на определена општина, градот Скопје, односно на територијата на кое определено правно лице стопанисува со истите за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија.

Ждрепката за распределба на рекламни паноа и билборди ќе се одржи во големата сала на Државната изборна комисија на 25.03.2024 година во 13:30 часот.

Овластените лица на правните лица кои доставиле понуди за распределба на рекламни паноа и билборди кои ќе учествуваат во ждрепката потребно е со себе да имаат овластување од правното лице.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content