Денес, Државната изборна комисија во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи, ИФЕС одржа едукативна работилница за претставници на граѓанските организации и здруженија во Република Северна Македонија.  Работилницата беше наменета за организации и здруженија кои изразуваат интерес за набљудување на изборниот процес на претстојните Избори за Претседател на државата и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Целта на оваа едукативна сесија беше присутните да се запознаат со процесот на акредитација на домашни набљудувачи како и со правата и одговорностите кои тие ги имаат согласно Изборниот закон. Преку презентација на Упатството за набљудување на изборите и изборната постапка и запознавање со Кодексот за набљудување на изборите за Претседател на Република Северна Македонија и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 2024 година, претставниците на организациите и здруженијата детално се запознаа со правилата за набљудување, со стручните и технички можности на процесот.

Преку примена на интерактивна методологија од страна на обучувачите, лицата кои ја посетија работилницата  симулираа процес на набљудување и практично се соочија со ситуации кои се случуваат на денот на изборите. На тој начин, потенцијалните набљудувачи на изборите се стекнаа со познавања во областа на набљудување на избори, ги унапредија своите знаења и вештини и добија одговори на сите прашања кои беа предмет на нивен интерес. 

Дел од сесијата беше фокусирано наменет за тоа кој дел од изборниот процес  се набљудува од страна на акредитираните набљудувачи, како се евидентираат евентуалните забелешки кои набљудувачите ги стекнале на избирачките места и како за истите се известува по завршување на изборите.

Оваа едукативна работилница е предвидена во Програмата за едукација на други чинители во изборниот процес, пракса која Државната изборна комисија за прв пат ја воспоставува во своето работење.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content