Денес, во организација на Државната изборна комисија, шест од вкупно седум кандидати за претседател на Република Северна Македонија го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори за претстојните претседателски избори.

Со потпишување на овој кодекс, кандидатите Стево Пендаровски, Гордана Сиљановска Давкова, Бујар Османи, Билјана Ванковска Цветковска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски се обврзаа и ветија дека ќе се придржуваат и активно ќе го промовираат Кодексот кој што треба да придонесе за фер и демократски избори.

Потписниците се согласија дека нема да вршат никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи финансирани од Буџетот на државата, буџетите на општините и Градот Скопје, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал.

Со потпишувањето на овој кодекс кој е сет од етички правила за однесување за време на претседателските избори, кандидатите како учесници во изборите се обврзаа дека ќе ги почитуваат сите закони, правила и прописи кои се релевантни за изборите, како и почитувањето на владеење на правото при организирање и спроведување на Изборите за Претседател 2024 година.

Исто така, сите се согласија и се обврзаа дека нема да користат говор на омраза и нема да вршат никаква дискриминација и омаловажување врз основа на пол преку своето делување и со своите активности ќе учествуваат во зацврстување на фундаменталните вредности на демократијата и придонесуваат за градењето на довербата во изборниот систем.

Кандидатот за претседател на државата, Стевчо Јакимовски не го потпиша Кодексот за фер и демократски избори но изјави дека истиот ќе го почитува.

Чинот на потпишување на Кодексот за фер и демократски избори се одржа во Државната изборна комисија и на истиот присуствуваа претставници на медиумите и дипломатскиот кор во државата.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content