Потпретседателот на Државната изборна комисија, Абдуш Демири, и членот на Комисијата, Светлана Карапетрова, зедоа активно учество на меѓународната конференција на тема „Нови технологии и изборен интегритет во Босна и Херцеговина: улога, ограничувања и одговорност“, која се одржа во Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина во Сараево.

Во рамките на трите работни панели, претставниците на Државната изборна комисија на Република Северна Македонија, заедно со своите колеги од Естонија и Албанија, како и со домашни и меѓународни експерти, ги споделија искуствата, предизвиците и институционалните капацитети потребни за успешно воведување и управување со дигиталните алатки при гласањето и сумирањето на резултатите.

Потпретседателот на ДИК Абдуш Демири, беше говорник на панелот со наслов „Технологија и доверба: Контекст за зајакнување на изборниот интегритет во БиХ“, на кој го сподели практичното искуство на Северна Македонија и посочи дека воведувањето на биометриската идентификација на гласачите беше важен чекор за зголемување на довербата во изборниот процес на јавноста. Демири нагласи дека клучот за зајакнување на демократските стандарди и заштита на гласот на граѓаните не е само во технологијата, туку во институционалната отпорност, професионалната подготвеност и капацитетот на изборната администрација успешно да управува со процесите на терен. Во рамки на дискусијата Демири ја потврди целосната подготвеност и отвореност на ДИК за професионална соработка и споделување на практичното и експертско знаење со колегите од Босна и Херцеговина.

Учесниците на конференцијата се согласија дека технологијата е моќна алатка за намалување на изборните манипулации, но дека за целосен успех е неопходна транспарентна комуникација со јавноста и силна поддршка од сите државни институции.

Настанот кој беше организиран од страна на Националниот демократски институт (НДИ) во Босна и Херцеговина, со поддршка на Комисијата за борба против корупцијата на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, свечено го отвори претседавачот со Претставничкиот дом, Дарко Бабаљ, а со завршно излагање и клучни пораки ја затвори претседавачот со Комисијата за борба против корупцијата на ПСБиХ, Бранислав Бореновиќ.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content