Државната изборна комисија ја одржа 6-та седница на која едногласно беа донесени две клучни одлуки насочени кон обезбедување на техничката подготвеност и ефикасното функционирање на Интегрираниот систем за биометриска идентификација на гласачи (ИСБИГ).

Поради потребата од експертска поддршка во Секторот за информатичка технологија при Стручната служба на ДИК и со цел квалитетно извршување на редовните обврски поврзани со одржувањето на системот за биометриска идентификација на гласачите, Комисијата ја донесе Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за формирање на стручна работна група од надворешни експерти за ИКТ за техничка анализа и обезбедување на целосна функционалност, одржување и заштита на Интегрираниот систем за биометриска идентификација број 08-585/1 од 26.02.2026 година,  со која  конкретно се определуваат задачите на експертите поврзани со правење анализа и предлог за функционирање, одржување и заштита на Интегрираниот систем за биометриска идентификација, врз основа на добиените искуства од досегашната примената на ИСБИГ.

На истата седница, Комисијата  ја донесе Одлуката за определување на координатор, заменик координатор и членови на работната група за изработка на анализа и предлог за функционирање, одржување и заштита на Интегрираниот систем за биометриска идентификација. Оваа група која брои 10 членови е задолжена најдоцна до 25 мај 2026 година да подготви детална стручна анализа за досегашната примена на биометриската идентификација, да изготви предлог за техничките можности за негово понатамошно функционирање и заштита, како и да изврши проценка на пазарната вредност за понудениот предлог и потребните услуги.

Покрај овие одлуки, на дневниот ред на седницата беа разгледани и усвоени записникот од претходната седница на Комисијата, како и точката разно. Сите точки од дневниот ред беа разгледани и донесени со целосен консензус и без пријавени за дополнителни дискусии.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content