Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 5-та седница ја донесе Одлуката за доделување на финансиски средства на 11 општински изборни комисии, со што се овозможува исплата на заостанатите надоместоци за изборните органи во општините со блокирани жиро-сметки.

Во рамки на образложението на предлог-одлуката, претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ, истакна дека оваа едногласно усвоена Одлука е наменета за надоместоци на изборните органи за Локалните избори 2025 година и повторните избори за градоначалници спроведени во 2026 година, со која се решава проблемот со доцнењето на исплатата поради блокирани жиро-сметки на општините. Тој нагласи дека Одлуката е донесена врз основа на заклучокот на Владата од 29.04.2026 година, со што истовремено се потврдува и посветеноста и заложбата на ДИК за целосно исплаќање на сите лица вклучени во спроведувањето на изборните процеси.

Вкупниот износ од 107.201.924,00 денари, наменет за општините Арачиново, Делчево, Струга, Пехчево, Тетово, Кривогаштани, Василево, Желино, Гостивар, Врапчиште и Зрновци, е обезбеден од буџетски средства на државата, по претходно поднесени барања и ургенции до Министерство за финансии од страна на ДИК за доследно почитување на член 88 став 5 од Изборниот законик. Исплатата се однесува на надоместоците согласно Правилникот на ДИК за Локалните избори 2025 година и Повторните избори за градоначалници (2026 година) во општините каде што истите беа спроведени.

Средствата ќе бидат префрлени денеска на посебни наменски сметки на општините за изборни активности, со што се гарантира нивна реализација за исплата на надоместоците на избирачките одбори и општинските изборни комисии, и покрај општинските блокирани жиро сметки.

Со усвојувањето на оваа одлука и со Правилникот за измена и дополнување на критериумите за надоместок (бр. 08-4741/1 од 14.11.2025 година), ДИК заедно со засегнатите страни, успешно го премости повеќемесечниот предизвик со кој се соочуваа дел од општините во врска со исплатите на надоместоците на изборните органи. На овој начин се обезбедува заслужена валоризација на трудот на илјадници граѓани кои беа дел од изборната администрација, штитејќи го достоинството на сите кои професионално ги извршија своите задачи.

На денешната седница, покрај оваа клучна точка, Државната изборна комисија го усвои и Записникот од претходната 4-та седница, додека во точката Разно немаше дополнителни дискусии.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content