Претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ, заедно со членовите на Комисијата, остварија работна средба со амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Н.Е. Килиан Вал. Средбата помина во знак на потврда на досегашните резултати, но и дефинирање на области во кои ќе се засилува соработката, во пресрет на претстојните законски измени.

На средбата, амбасадорот Вал упати високо признание до Комисијата, истакнувајќи дека Државната изборна комисија е институција од голема доверба и претставува успешна приказна во државата. Оваа висока оценка се совпаѓа со заедничкиот заклучок дека финалниот Извештај на ОБСЕ/ОДИХР е објективен и реален приказ на успешно спроведениот изборен процес, со што дополнително се зајакнува кредибилитетот на институцијата.

Во овој контекст, раководството на Комисијата потенцираше дека се свесни за предизвиците нотирани во Извештајот од ОДИХР за Локалните избори 2025 година, при што беше нагласена цврстата заложба и посебниот ангажман на кој ќе се работи во наредниот период за целосно имплементирање на дадените препораки. Членовите на Комисијата го брифираа амбасадорот за веќе доставените предлози до работната група за измени на Изборниот законик истакнувајќи дека очекуваат овие предлози да бидат прифатени во целост, со цел да се обезбеди оперативна ефикасност и највисок степен на правна сигурност на изборните процеси, почитувајќи ги исклучиво професионалните и меѓународните стандарди.

Амбасадорот Вал потврди дека Мисијата на ОБСЕ дополнително ќе ја интензивира поддршката за Државната изборна комисија, при што соговорниците се согласија дека оваа засилена соработка ќе биде насочена кон остварување на клучните стратешки цели за поголема транспарентност и инклузивност на изборниот систем. Во таа насока, заедничките активности во наредниот период ќе се фокусираат на финализирање на Регистарот на ризици од корупција, како составен дел од Политиката за интегритет на институцијата, како и активности поврзани со едукација на терен, со различни таргет групи.

На крајот од средбата, беше изразена благодарност до Амбасадорот Вал за неговата лична посветеност во текот на мандатот, при што беше заклучено дека поддршката од ОБСЕ останува витален столб за понатамошниот демократски развој и целосното усогласување на изборните процеси со меѓународните стандарди.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content