Државната изборна комисија на денешната четврта седница, со која претседаваше претседателот Бојан Маричиќ, едногласно го усвои Правилникот за дополнување на Правилникот за критериумите за определување на надоместок на членовите на изборните органи, изборната администрација и ангажираните лица по налог на Државната изборна комисија за организирање и спроведување на изборен процес, со бр. 08-4741/1 од 14.11.2025 година. Со овој чекор, Државната изборна комисија ги отстранува сите дилеми и различни толкувања на законот од страна на општините, со што се прекинува повеќемесечниот застој и се овозможува итна исплата на надоместоците за граѓаните ангажирани во изборниот процес.

Донесувањето на овој подзаконски акт е резултат на работната средба на Комисијата со градоначалниците на Градот Скопје и скопските општини, на која заеднички беше детектирана потребата од попрецизни насоки за исплата. Иако Изборниот законик во членот 88, став 4, јасно ја дефинира надлежноста на локалната самоуправа за овие трошоци, различното толкување на засегнатите страни во врска со законските обврски доведоа до непотребно одложување на исплатите кон членовите на изборните органи.

„Како што најавив на претходната седница, остваривме средба со претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалниците на скопските општини, со цел заеднички да изнајдеме најефикасен начин за исплата на овие обврски. Иако Изборниот законик е јасен, член 88 став 4, во пракса се соочивме со административни пречки и различни толкувања. Токму затоа, со овој Правилник што денес го усвојуваме го дефинираме соодносот на исплата, со што ДИК ги отстранува сите дилеми и нуди решение кое е во интерес и на општините и на изборната администрација која го очекува својот заслужен надоместок. Верувам дека со ова, процесот конечно ќе се финализира без понатамошни одложувања“, рече претседателот на ДИК, Маричиќ.

Со дополнувањата на Правилникот, Државната изборна комисија воведува правно обврзувачка поделба на финансиските обврски за исплата на надоместоците за Локалните избори 2025 година. Согласно новите ставови во членот 3, надоместокот за општинските изборни комисии во Скопје е целосна обврска на буџетите на матичните општини, додека од буџетот на Град Скопје ќе се изврши исплата на надоместокот за Изборната комисија на Град Скопје.

Во член 19, новите ставови (2), (3) и (4) го дефинираат соодносот на обврските помеѓу Градот Скопје и општините во негов состав. Во општините каде градоначалникот е избран во првиот изборен круг, општината е должна да покрие 70% од висината на надоместокот, додека преостанатите 30% се обврска на Градот Скопје. Од друга страна, во општините каде изборот се одвивал во два круга, соодветната општина ја презема одговорноста за целосна исплата на надоместоците за двата изборни круга од сопствениот буџет. Правилникот предвидува и обврска за Град Скопје да ги надомести средствата на оние општини кои во меѓувреме извршиле целосна исплата во случаите каде е предвидена поделба на трошоците.

Дополнително, под точка разно, претседателот Маричиќ информираше дека Комисијата е активно ангажирана и за надминување на проблемот со исплатата на надоместоците и во општините со блокирани сметки, за што веќе е испратен официјален допис и ургенција до Министерството за финансии со цел да се овозможи непречена исплата согласно законските прописи.

Како дел од редовните активности, на денешната седница едногласно беше усвоен и записникот од 3-та седница на ДИК.

Линк до видеото од седницата: https://www.youtube.com/watch?v=jqAcFQisHCA

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content