Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ и потпретседателот Абдуш Демири остварија работна средба со првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, на која беше истакната заедничката институционална одговорност за унапредување на демократскиот амбиент и за навременото донесување на измените во Изборниот законик.

Раководството на ДИК го брифираше првиот вицепремиер за тековните активности и остварениот напредок, нотиран во Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за Локалните избори 2025. Во рамки на разговорот, ДИК ја нагласи потребата од поддршка за предлог-измените на Изборниот законик пред вицепремиерот Сали, како суштински чекор за пополнување на правните празнини и целосно усогласување со меѓународните препораки на ОБСЕ/ОДИХР. Соговорниците се согласија дека овие реформи, кои во целост ги вклучуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, се директен придонес кон исполнување на европската Реформска агенда и се во интерес на граѓаните и државата.

Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, на средбата истакна дека Владата будно го следи процесот на измени на Изборниот законик и дека останува цврсто посветена на реализација на реформите согласно предвидената динамика, со цел дополнително зајакнување на демократските стандарди и обезбедување услови за легитимни изборни процеси. Тој додаде дека поддршка за предлозите на ДИК за измена на Изборниот законик мора да има од сите засегнати страни и дека истата е клучна во овој процес, особено кога се работи за измени кои се фокусирани на оперативниот интегритет и административната ефикасност при спроведувањето на изборите.

На средбата потпретседателот на ДИК, Абдуш Демири, ги адресираше и тековните предизвици на Комисијата, за кои се очекува навремена и соодветна поддршка од страна на Владата, меѓу кои и исплатата на надоместоците на изборните органи во општините со блокирани сметки.

На крајот од средбата, соговорниците го потврдија заедничкиот фокус и посветеноста за финализирање на законските измени до јуни 2026 година и исполнување на обврските од Реформската агенда, кои носат до 4,2 милиони евра средства од ЕУ, наменети за целосно усогласување со европските стандарди.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content