
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ, заедно со членовите на Комисијата, одржаа работна средба со делегација на Канцеларијата за демократски институции и човекови права – ОДИХР при ОБСЕ, на која во фокусот на разговорите беа изборните реформите и идните приоритети на ДИК во рамките на регионалниот проект „Унапредување на изборните реформи во Западен Балкан“.
Претседателот Маричиќ изрази благодарност за поддршката од Мисијата за набљудување на изборите за време на Локалните избори во 2025 година, нагласувајќи дека Финалниот извештај на ОДИХР ја потврдува успешноста на процесот и високиот степен на доверба што ДИК ја ужива кај сите засегнати страни.
Иако конечниот Извештај на ОДИХР ја потврдува успешната на изборите, претставниците на ОДИХР го потенцираа фактот дека веќе неколку изборни циклуси по ред се нотираат истите препораки, укажувајќи на итна потреба од решавање на отворените прашања со новите измени на Изборниот законик.
Комисијата истакна дека треба да се искористи моментот за спроведување на суштински реформи и дека очекува поддршка од сите засегнати страни за целосно прифаќање на препораките на ДИК за измени на Изборниот законик, нагласувајќи дека ДИК е подготвена да биде активен учесник во овој процес, со својата експертиза и техничкото искуство на терен.
Во дискусијата членовите на ДИК дадоа детални објаснувања за теренските предизвици, појаснувајќи дека дел од забелешките во Извештајот за Локалните избори 2025 година се резултат на законски недоречености.
За време на средбата беше поздравена континуираната соработка, при што делегацијата на ОДИХР ја потврди поддршката за надминување и на оние препораки кои не бараат законски измени, особено во делот на транспарентноста, едукацијата и професионализацијата на администрацијата. ДИК ја нагласи важноста на проектот „Унапредување на изборните реформи во Западен Балкан“ и изрази очекување за негово продолжување.
Работната посета на делегацијата ОДИХР, во состав Ранко Вукчевиќ, советник за избори, Раул Мурешан, координатор на регионалниот проект „Унапредување на изборните реформи во Западен Балкан“ и Наталија Василевска, соработник на проектот, се реализира по објавувањето на Конечниот извештај за локалните избори во 2025 година и вклучува средби и со други државни институции, граѓанското општество и меѓународната заедница.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

