Со обуката на тема „Идентификација, проценка и управување со ризици од корупција“, наменета за членовите и вработените во Државната изборна комисија, а организирана во соработка и со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, официјално започна првата практична фаза од изработката на Регистарот на ризици од корупција на ДИК.
Во своето воведно обраќање, претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ, истакна дека справувањето со овој комплексен општествен предизвик е исклучително актуелно прашање, особено заштитата на изборната администрација од коруптивни влијанија. Тој потенцираше дека најдобра одбрана на ДИК не е реакцијата откако пропустот веќе ќе се случи, туку создавањето на отпорен внатрешен систем преку прецизна превенција. Повикувајќи се на меѓународната практика Маричиќ рече дека „одржливоста на изборните тела не се мери само со нивната техничка подготвеност за спроведување избори, туку со нивната способност однапред да ги предвидат и неутрализираат внатрешните и надворешните ризици по нивниот интегритет“.
Тој упати посебна благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје и амбасадорот, Н.Е. Килиан Вал за долгогодишната поддршка, како и до претставниците претседателот на ДКСК, г. Адем Чучуљ, нагласувајќи дека меѓуинституционалната кохезија ја потврдува заедничката заложба за нулта толеранција кон коруптивните ризици.
На настанот, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Вал, истакна дека поддршката на слободни, демократски и инклузивни избори е една од основните заложби на ОБСЕ, а досегашната соработка со ДИК и ДКСК веќе донесе конкретни резултати во унапредувањето на изборниот интегритет. Тој нагласи дека изработката на Регистарот на ризици од корупција претставува практична и одржлива алатка која треба да се докаже во пракса.
„Изработката на Регистарот на ризици од корупција не е само техничка вежба, туку и важна инвестиција во институционалната отпорност, транспарентноста и довербата на јавноста.”, рече амбасадорот Вал.
Изработката на овој стратешки документ кој треба да изгради долгорочна отпорност и внатрешен имун систем на институцијата преку прецизна превенција и мапирање на секоја ранлива точка во оперативните процедури, се одвива под менторство на експертката, г-ѓа Анета Арнаудовска, чие стручно искуство е целосна гаранција дека спецификите на работењето на ДИК ќе бидат преточени во документ со највисоки меѓународни стандарди.
Оваа активност, на која како гости беа и претставниците од Државната комисија за спречување корупција, се надоврзува на долгогодишната поддршка од страна на Мисијата на ОБСЕ и е дел од Политиката на интегритет, каде напредокот на ДИК е реален и мерлив.
Официјалните показатели потврдуваат сериозен раст во усогласеноста на Комисијата со антикорупциските политики, која од 61% во 2023 година се искачи на 73% во 2025 година.
Обуката, која ја модерираше Наталија Русу, шефица на одделот за Демократизација при Мисијата на ОБСЕ во Скопје, својот работен дел опфати и практични симулации за идентификација на процеси и подпроцеси, како и дискусија за предностите од воведувањето на меѓународниот стандард ИСО 37001. Со овој чекор, ДИК испраќа јасна порака дека превенцијата и отчетноста се секојдневна практична заложба на институцијата.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА






