Државната изборна комисија (ДИК) изразува сериозна загриженост во однос на доцнењето и нецелосната исплата на надоместоците за членовите на изборните органи за Локалните избори 2025 година од страна на одредени скопски општини и апелира до градоначалниците и до Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) за доследно почитување на законските одредби при реализацијата на овие исплати.
Иако илјадници граѓани својата задача ја извршија професионално, одговорно и во согласност со највисоките стандарди, недозволиво е тие сè уште да се соочуваат со нерегулирани обврски или со обиди за незаконско намалување на предвидените износи. Во таа насока, ДИК упатува јасно укажување дека секоја одлука на општините со која самостојно се ревидира висината на надоместоците е правно неоснована и ништовна.
Единствениот орган надлежен за донесување на Правилникот за надоместоци е Државната изборна комисија, согласно членот 31 од Изборниот законик. Овој акт е задолжителен за сите субјекти и неговото селективно применување претставува директно кршење на законот и го урива достоинството на изборната администрација.
Иако најголемиот дел од општините во државата веќе ги исполнија своите законски обврски, загрижувачки е фактот што дел од скопските општини сè уште ја одложуваат оваа постапка, и покрај навремените укажувања за планирање на овие средства во општинските буџети уште од јули минатата година. Дополнително, потсетуваме дека согласно членот 88 став 4 од Изборниот законик, средствата за спроведување на локалните избори се обезбедуваат од општинските буџети.
Со цел заштита на правата на изборната администрација, што е клучно за интегритетот на секој изборен процес, како и спречување на дополнителни трошоци на товар на општинските буџети поради веќе најавени тужби од страна на членовите на изборните органи, ДИК иницира итна координативна средба со раководството на ЗЕЛС и градоначалниците на засегнатите општини, која треба да се одржи во текот на оваа недела со цел надминување на проблемите и изнаоѓање брзо решение за овој проблем.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА


