Со давањето свечена изјава во Собранието на Република Северна Македонија, официјално започна мандатот на новоизбраните членови на Државната изборна комисија. Според одлуката за избор на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија, Бр. 08-627/1, донесена на 28 јануари 2026 година, Собранието за претседател го избра Бојан Маричиќ, за потпретседател Абдуш Демири, додека за членови на Комисијата се избрани Александар Даштевски, Ангелчо Ристов, Светлана Карапетрова, Борис Кондарко и Дитмире Шеху.

Новиот претседател на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ, е дипломиран правник на отсекот за меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и магистер по европско и меѓународно право, кој зад себе има богато институционално искуство, како министер за правда и вицепремиер за европски прашања.

Државната изборна комисија брои седум членови, кои согласно законските одредби треба да се државјани на Република Северна Македонија со постојано живеалиште во земјата, да имаат високо образование со најмалку осум години работно искуство и да не се членови на органи на политички партии. Мандатот на членовите на Комисијата изнесува пет години, со право на реизбор.

Новиот состав на Државната изборна комисија беше изгласан од пратениците, со 83 гласа „за“ и без гласови „против“, откако на 15 јануари годинава им истече мандатот на досегашните членови на Државната изборна комисија, кој беше продолжен поради спроведување на дополнителни локални избори во четири општини.

Државната изборна комисија останува посветена на својата уставна и законска улога за обезбедување фер, слободни и демократски изборни процеси, во интерес на граѓаните и демократскиот развој на државата.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content