Денес, по повод одбележувањето на Глобалниот ден на изборите, во просториите на Државната изборна комисија (ДИК) се одржа едукативна работилница со ученици од средните училишта на Град Скопје на која што преку интерактивен пристап учесниците се запознаа со значењето на изборите, избирачкото право и отпорноста кон дезинформациите.

Младите  во текот на работилницата имаа можност да разменат и да ги спртотивстават своите мислења, поврзани со важноста и неопходноста од нивна активна партиципација во изборите. Преку интерактивните активности, со  меѓусебни прашања за дилемите и веродостојноста на информациите кои секојдневно ги добиваат преку различни видови на медиуми, младите учесници одговорите ги добија од стручната служба на ДИК со цел да се создаде силна основа за нивно непречано учество во изборите.

„Активното учество на младите во изборниот процес е клучно за развој на одговорно и демократско општество. Затоа е важно да сте информирани и да знаете како функционира системот, како се спроведуваат изборите, како се гарантираат вашите права, и колкава е важноста на вашиот глас, рече претседателот на ДИК  Бојан Маричиќ.

Во своето обраќање претседателот на учесниците им порача дека демократијата се одржува, а не опстојува сама  по себе, ниту е дадена сама по себе, повикувајќи ги да бидат активни, да се информираат и да преземаат одговорност за заедницата и во креирањето на иднината на македонското општество.

Младите учесници ги поздрави и потпретседателот на Државната изборна комисија, Абдуш Демири, кој  потенцираше дека симболиката што ДИК ја прави денес е да се покаже местото на младите во демократијата и во развојот на општетствата преку нивното учество во изборниот процес, низ сите негови фази.

„Важно е младите да ја разберат улогата на Државната изборна комисија и изборниот процес, а наша задача е да отвориме можности да се стекнете со информиции кои ќе ве поттикнат да бидете информирани учесници во демократските процеси“, истакна потпретседателот на Државната изборна комисија, на работилницата на која присуствуваа сите членови на Комисијата.

Државната изборна комисија, со поддршка од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). го одбележува Глобалниот ден на изборите со цел да даде поголема сила на значењето на овој ден потенцирајќи ја важноста на изборниот процес како темел на демократијата и упатувајќи порака за посветеноста на ДИК во обезбедување на интегритет и кредибилитет на изборите. Глобалниот ден на изборите за прв пат беше одбележан во 2005 година, кога изборни експерти од целиот свет се состанаа  со цел да го зајакнат развојот на демократијата на глобално ниво.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content