Државната изборна комисија ја одржа својата 2-ра седница на која беа разгледани и едногласно усвоени повеќе акти клучни за оперативното и финансиското работење на институцијата, со посебен фокус на отчетноста и транспарентноста во трошењето на буџетските средства.

Комисијата едногласно го усвои Конечниот извештај за спроведените повторни избори за градоначалници во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа од јануари 2026 година, заедно со финансискиот преглед, кој е законска обврска на Државната изборна комисија да го достави до Собранието на Република Северна Македонија и да го објави на својата веб-страница.

Како точка на дневниот ред беше усвоен и Годишниот извештај за завршната сметка на Државната изборна комисија за 2025 година, преку кој Комисијата дава детален увид во финансиското работење за изминатата изборна година. Според Извештајот, од вкупниот буџет за 2025 година во износ од 623.659.000,00 денари, реализирани се 559.531.966 денари, односно 89,72% од доделените средства. Анализата на трошоците покажува дека 75% од вкупниот буџет биле наменети за платено политичко рекламирање за локалните избори (64,14%) и надоместоци за изборната администрација (10,66%). Државната изборна комисија раководела совесно и одговорно со државните средства, при што се остварени значителни заштеди. Неискористените средства во износ од 981.752 евра се вратени во Буџетот на Република Северна Македонија.

На седницата беше донесена и Одлука за формирање на стручна работна група од надворешни ИКТ експерти, чиј фокус ќе биде техничката анализа, одржувањето и заштитата на Интегрираниот систем за биометриска идентификација. Со оваа Одлука се предвидува формирање три специјализирани експертски групи кои ќе ги покријат клучните аспекти на процесот: анализа на досегашните искуства, истражување на меѓународните практики и подготовка на потребните софтверски и хардверски предуслови за долгорочна функционалност и безбедност на системот.

Дополнително, беше усвоен Правилникот за критериумите за определување на надоместок на членовите на изборните органи и изборната администрација кои спроведувале гласање во казнено-поправните домови или установите за вонсемејна грижа, како и Правилникот за условите и начинот на користење на службена платежна картичка и средства за репрезентација. Со овие акти дополнително се уредуваат внатрешните процедури со цел обезбедување максимална професионалност и економичност во работењето.

Државната изборна комисија останува посветена на принципите на законитост и отчетност, продолжувајќи со транспарентното управување со ресурсите и во текот на 2026 година.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content