Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) одржаа работна средба со министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на која теми на разговор беа унапредување на институционалната соработка и воведување нови дигитални решенија во изборниот процес.
На средбата од страна на претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ беше нагласено дека во ера на современи хибридни закани, дигиталната трансформација и изборниот интегритет се нераздвојни столбови за заштита на легитимитетот на изборниот процес и демократската волја на граѓаните, укажувајќи дека ова се прашања на кои во периодот кој следува ДИК заедно со Министерството за дигитална трансформација треба да работат на технолошка модернизација на изборните дејствија, вклучително и на процесот на прибирање податоци за кандидатските листи и автоматската проверка на документите од судските регистри.
Министерот Андоновски изрази подготвеност за техничка поддршка во дефинирањето на спецификациите за целосна дигитализација на внатрешните процеси на Комисијата, како и за воведување современи софтверски решенија за финансиско управување и административно работење.
Посебен фокус на средбата од страна на членовите на Комисијата беше ставен на системското унапредување и интегритетот на Избирачкиот список, како одговор на препораките на ОБСЕ/ОДИХР за натамошно административно усогласување на базите на податоци. Двете страни се согласија дека воспоставувањето на директни и безбедни дигитални врски помеѓу изворните регистри на МВР и Регистарот на население е клучен чекор за елиминирање на оперативните ризици и одржување на висок степен на прецизност на податоците.
Од страна на соговорниците како резултат на оваа конструктивна средба, беше најавено потпишување на Меморандум за соработка и формирање на оперативни работни групи, со што двете институции ја потврдуваат својата заложба за градење на модерен и безбеден изборен систем каде технологијата служи како штит на демократијата.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА




