Новоименуваниот состав на Државната изборна комисија (ДИК) денеска, 11.02.2026 година, ја одржа 1-вата седница, на која беа разгледани и усвоени повеќе одлуки и заклучоци од Дневниот ред кои се однесуваат на тековното работење и техничката подготвеност на институцијата.
Со цел непречено извршување на специфичните активности кои бараат посебни технички знаења, ДИК донесе одлука за ангажирање надворешни експерти во работна група за ИКТ инфраструктура и обработка на Избирачкиот список. Претседателот Маричиќ појасни дека овој ангажман е наменски и проектно ориентиран, со цел одржување на највисоките безбедносни стандарди на базите на податоци, со ангажман на лицата до јули 2026 година. Дополнително, беше донесена и одлука за определување и исплата на надомест на две лица, ангажирани како помошни тела во подрачните одделенија и во ДИК за Локалните избори 2025 година, кои поради направен технички превид во претходната Одлука за определување и исплата на надомест на ангажираните лица за локалните избори 2025, биле изоставени.
Членовите на Комисијата едногласно го прифатија Известувањето по Нацрт-извештајот на Државниот завод за ревизија за 2024 година. Исто така, во рамките на законските обврски за усогласување на состојбите, беше усвоен и Извештајот за извршениот годишен попис на инвентар (опрема и друг вид на материјал) за 2025 година. Државната изборна комисија продолжува да дејствува како гарант за заштита на демократските процеси, потврдувајќи дека целосното почитување на принципите на транспарентност и одговорност останува основа за секоја донесена одлука.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА





