Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ, заедно со членовите на Комисијата, учествуваа на завршната конференција „Заштита на демократијата и изборниот интегритет: Мониторинг на злоупотребата на административните ресурси, политичкото рекламирање и кампањите на трети страни”, организирана од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).

На конференцијата, која е дел од проектот BRIDGE финансиран од Владата на Обединетото Кралство и Швајцарската агенција за соработка, во фокус на панелите беа клучните ризици од злоупотреба на административните ресурси и влијанието на политичкото рекламирање врз интегритетот на изборните процеси.

Во рамки на дискусиите, претставниците на ДИК ја истакнаа посветеноста на институцијата во претстојниот период за зајакнување на механизмите за транспарентност и отчетност. Посебен акцент беше ставен на искуствата од Локалните избори 2025 година и потребата од континуирана дигитализација на процесите со цел заштитата на изборниот интегритет и спречувањето на каков било облик на злоупотреба на ресурсите.  Учеството на ДИК на овој настан е уште една потврда за долгогодишното и цврсто партнерство помеѓу ДИК и ИФЕС. Како институција, високо ја цениме нивната стратешка поддршка во клучните реформски процеси, особено во делот на дигитализација и градењето на капацитетите на изборната администрација, што е од суштинско значење за одржување на довербата во демократските процеси.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content