Во рамки на спроведувањето на активностите за претстојните локални избори, денеска членовите на Државната изборна комисија одржаа работна средба со делегацијата набљудувачи предводена од Шефот на Канцеларијата за набљудување на избори при ОБСЕ/ОДИХР, Матео Мекачи. Ова е прва средба на Делегацијата на ОДИХР, која вчера пристигна во државата, со што се потенцира улогата и значењето на ДИК во спроведувањето на изборите.
Во фокус на средбата беа тековните активности на Државната изборна комисија поврзани со организирањето и спроведувањето на изборниот процес, како и за улогата и надлежностите на ДИК и останатите институции вклучени во истиот.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, изрази задоволство за присуството на експертите од ОДИХР во државата кое е значајно за подобра координација и комуникација со претставниците од ДИК во пресрет на локалните избори.
Соговорниците ја поздравија одличната соработка што Државната изборна комисија и ОДИХР во континуитет ја остваруваат, потенцирајќи ја својата подготвеност непречено да се одвива размената на информации и појаснувања во текот на целиот изборен процес, во интерес на навремено и правилно информирање за текот и специфичноста на сите изборни дејствија. Мекачи ја изрази својата заложба и понатаму ОДИХР да обезбедува и дава поддршка на Државната изборна комисија.
Делегацијата на ОДИХР информираше за плановите и начинот на набљудување на изборите, вклучувајќи го методолошкиот пристап, составот и обемот на набљудувачи. Беше нагласена важноста на непречена соработка помеѓу нив и службата на Државната изборна комисија, како и помеѓу институциите и меѓународните набљудувачи, со цел правилно информирање за текот на изборниот процес.
Делегацијата набљудувачи на ОДИХР кои пристигнаа вчера во нашата држава брои 14 члена, а се очекуваат да пристигнат уште 94 долгорочни набљудувачи кои ќе го следат целиот процес, како и дополнителни 250 краткорочни набљудувачи кои ќе бидат присутни на избирачките места на денот на изборите.





ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА