Денеска членовите на Државната изборна комисија одржаа работен состанок со претставници на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) со цел меѓусебната координација и усогласување на активностите со цел успешно извршување на сите неопходни дејствија и создавање услови за непречено спроведување на изборите.
Со оглед дека се работи за организација на локални избори каде што општините имаат одредени законски надлежности и обврски на состанокот беа договорени и утврдени обврските околу логистичка и техничка поддршка при спроведувањето на определени активности.
Двете страни ја истакнаа својата заложба кон исполнување на законските обврски со цел да се овозможи фер, транспарентен и демократски изборен процес. Посебен акцент беше ставен на важноста од соработка и меѓусебна координација меѓу Државната изборна комисија и општините, како предуслов за успешно организирање и спроведување на изборите.
Државната изборна комисија и претставниците на ЗЕЛС нагласија дека со заеднички ангажман и одговорност, остануваат целосно посветени на обезбедување изборен процес кој ќе ја одрази волјата на граѓаните бидејќи квалитетното спроведување на изборите е од суштинско значење за градењето доверба кај граѓаните и за унапредување на демократските процеси во државата.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА