Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ, заедно со членовите на Комисијата, оствари работна средба со амбасадорот на Швајцарија, Н.Е. Кристоф Зомер, на која во фокусот беа измените на Изборниот законик и зајакнувањето на институционалниот капацитет на ДИК како клучен столб во напредокот на земјата кон Европската Унија.
На состанокот членовите на ДИК изразија голема благодарност за досегашната соработка и за постојаната поддршка од Владата на Швајцарија, при што претседателот Маричиќ ги претстави клучните планови за зајакнување на довербата во изборниот систем, истакнувајќи дека ова партнерство, реализирано преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), е од пресудно значење за реформите бидејќи директно помага во модернизацијата на изборните процеси.
Амбасадорот Зомер изрази задоволство од досегашниот напредок и постигнатите резултати, нагласувајќи дека Швајцарија во ДИК препознава проактивен партнер со капацитет за лидерство во реформските процеси и потврди дека швајцарската влада останува посветена на поддршката, што е особено значајно годинава додека Швајцарија претседава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа и кога зачувувањето на изборните стандарди и демократските вредности се во врвот на приоритетите.
Во насока на овие заложби, потпретседателот на ДИК, Абдуш Демири, рече дека во текот на оваа недела се очекува објавувањето на Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за спроведените Локални избори 2025, што ќе послужи како водич за идните реформски чекори.
Тема на состанокот беа и претстојните измени на Изборниот законик, при што беше заеднички констатирано дека ДИК мора да биде активен учесник во овој процес, при што Маричиќ укажа дека тоа е можност за отстранување на правните недоречености, додека пак членовите на Комисијата ги образложија предизвиците со финансирањето на медиумските кампањи, потенцирајќи дека само со вградување на нивните искуствени препораки може да се создаде применлив закон кој гарантира фер и демократски изборен процес. На средбата, на која присуствуваше и директорката на ИФЕС, Јоана Козма, беше потенцирано дека Швајцарија за ДИК не е само донатор, туку партнер со кој се делат исти цели и вредности на кои ќе се работи и во иднина со цел заштита на демократската волја на граѓаните и дополнително зацврстување на јавната доверба во целиот систем.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА




