Потпретседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Абдуш Демири заедно со членовите Светлана Карапетрова, Борис Кондарко и Дитмире Шеху, учествуваа на тркалезна маса посветена на унапредување на изборните реформи. Во фокусот на дискусијата беа предизвиците со моменталната правна рамка, интегритетот на изборните кампањи и механизмите за надзор врз нивното финансирање.
Главниот акцент беше ставен на клучните препораки од Извештајот на ОДИХР за Локалните избори 2025 година и суштинската потреба истите да се преточат во конкретни и применливи законски решенија. Говорниците потенцираа дека сега е моментот за конечно донесување нов Изборниот законик, со што целосно би се исполниле обврските од Реформската агенда.
Во таа насока, потпретседателот Абдуш Демири нагласи дека за ДИК приоритет е функционалноста на реформите, а не само нивното формално донесување. „Не е доволно само да ги препишеме препораките на ОДИХР во законот, мора да бидат применливи и на терен. ДИК инсистира на јасни законски решенија кои ќе ги отстранат сите недоречености во делот на изборната администрација и техничкото спроведување на изборите. Нашата експертиза е на располагање на Работната глупа која работи на Избориот законик, за да осигураме дека новите правила ќе значат подобар и потранспарентен процес“, истакна Демири.
Од страна на учесниците беше заклучено дека е потребна силна политичка волја и координирано дејствување на сите институции за да се затвори кругот на долгогодишните препораки и да се зајакне довербата на граѓаните во изборниот систем.
Настанот беше организиран во рамки на проектот „Отпорни институции за демократско управување и избори на Балканот“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада во Скопје, Швајцарската програма за поддршка на изборите, имплементирана од ИФЕС, како и проектот на ОДИХР „Поддршка на изборните реформи во Западен Балкан“, финансиран од Европската Унија.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА









