Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ, на покана на Фондацијата Метаморфозис учествуваше на конференцијата „Зајакнување на отпорноста кон изборни манипулации со информации“, која се реализираше во рамки на проектот „Справување со изборно поврзани манипулации со информации и странско влијание“.
На сесијата посветена на справувањето со странското мешање и манипулациите со информации (ФИМИ), дезинформациите и заканите по изборниот интегритет претседателот на ДИК, Маричиќ истакна дека во дигиталната ера изборниот интегритет не зависи само од физичката безбедност на изборниот процес, туку и од способноста институциите брзо да реагираат на координирани дезинформациски кампањи. Според него, недоволната регулација на онлајн просторот и слабата институционална координација претставуваат сериозни слабости кои ги користат хибридните закани.
Во своето излагање, претседателот на Државната изборна комисија, Маричиќ, стави посебен акцент на предизвиците и ризиците со кои се соочуваат изборните тела при заштитата на изборниот идентитет, нагласувајќи дека најголемиот притисок врз истиот се случува во градењето перцепција кај гласачите, преку оркестрирани странски манипулации со информации и дезинформации.
„Најдобрата одбрана на изборниот интегритет не е во воведувањето цензура или дигитални блокади, туку во брзината на испорака на вистината од институциите. Изборниот интегритет денес повеќе не се брани само на избирачките места, тој се брани и во дигиталниот простор“, рече Маричиќ.
Во таа насока тој укажа дека Државната изборна комисија е подготвена за целосна координација и градење партнерства со сите општествени чинители, со цел трајно зачувување на довербата на граѓаните во демократските и изборните процеси во земјата.
Во рамки на настанот беше нагласена потребата за поактивно вклучување на земјите кандидатки за ЕУ во Европскиот демократски штит и беше спроведена прва практична симулација на информациски напад за време на избори.
Настанот, во организација на Фондацијата Метаморфозис во соработка со Интернационал ИДЕА (International IDEA), а поддржан од Global Affairs Canada, обедини високи претставници од граѓанскиот сектор, Владата, Директоратот за проширување на Европската комисија, како и амбасадорите на Шведска и Литванија. На панел-дискусиите, покрај Државната изборна комисија, учествуваа и претставници на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Министерството за одбрана, како и меѓународни експерти од European Trust Alliance и European Fact-Checking Standards Network.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА








