Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ, заедно со членовите на Комисијата и генералната секретарка, денеска одржаа работна средба со раководството на Заедницата на единиците на локалната замоуправа (ЗЕЛС),  претседателот и градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и потпретседателот и градоначалник на општина Центар Горан Герасимовски. На средбата беше потврдена заложбата за зајакната координација меѓу ДИК и локалните заедници, со фокус на системско решавање на сите прашања поврзани со техничко-оперативната реализација на изборните дејствија.

На состанокот од страна на членовите на Комисијата беше нагласено дека меѓусебната поврзаност на ДИК и општините е клучна за успешен изборен процес, при што ДИК ја води севкупната организација, а локалните самоуправи се примарен партнер во обезбедувањето на неопходните услови на терен. Претседателот на ДИК, Маричиќ, укажа дека периодот по завршувањето на Локалните избори 2025, во пресрет на официјалниот извештај од ОБСЕ/ОДИХР, е најсоодветен момент за конструктивна анализа на сите досегашни согледувања. Според него, крајната заложба е научените лекции да се преточат во одржливи системски решенија кои дополнително ќе ја зајакнат ефикасноста и на ДИК и на општините во иднина.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изрази целосна подготвеност и отвореност за дијалог во насока на надминување на досегашните предизвици, со цел тие да не се повторуваат во идните изборни циклуси.

Претседателот Маричиќ нагласи дека ДИК и општините мора да ја продолжат и зајакнат соработката, што како суштински чекор кон формализирање и унапредување на истата иницираше потпишување на Меморандум за стратешка соработка, кој според него ќе послужи како основа за долгорочно партнерство и координираност со цел поголема ефективност и ефикасност во текот на подготовките и спроведувањето на изборниот процес.

Преку оваа иницијатива, ДИК и раководството на ЗЕЛС го потврдија заедничкиот интерес за професионализација на изборниот процес, ставајќи ги ефикасноста и системската соработка во служба на демократијата и граѓаните.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content