Државната изборна комисија денеска ја одржа својата 16-та седница, на која беа спроведени клучните процесни и правни дејствија за подготовка на Предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, согласно роковите во Роковникот за извршување на изборните дејствија и соодветните одредби од Изборниот законик.

Во согласност со член 68 од Изборниот законик, како и член 31, став (2), точка 5 и 5-а од истиот, Државната изборна комисија спроведе ждрепка за утврдување на редоследот на кандидати за градоначалник на Општина Брвеница, врз чија основа ќе се изврши печатењето на гласачките ливчиња. По спроведената процедура и влечењето на редните броеви од страна на овластените претставници на предлагачите на листите, Комисијата го утврди следниот официјален редослед на кандидатите за градоначалник на Општина Брвеница на гласачкото ливче:

Реден број 1: Кандидатот за градоначалник предложен од Коалицијата „Твоја Македонија“ – ВМРО-ДПМНЕ;

Реден број 2: Кандидатот за градоначалник предложен од Коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ);

Реден број 3: Кандидатот за градоначалник предложен од Група избирачи – Душан Богдановски;

Реден број 4: Кандидатот за градоначалник предложен од Коалицијата „ВЛЕН“;

Реден број 5: Кандидатот за градоначалник предложен од Група избирачи – Арифе Идризи;

Реден број 6: Кандидатот за градоначалник предложен од Коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ).

На денешната седница, согласно усвоениот дневен ред беше предвидено спроведување на ждрепка за распределба на локациите за поставеност на рекламни паноа и билборди на територијата на Општина Брвеница, согласно член 78-а од Изборниот законик и Упатството за распределба на рекламни паноа и билборди по пат на ждрепка. Претседателот на Државната изборна комисија. Бојан Маричиќ,  констатираше дека во предвидениот законски рок до ДИК не е пристигната ниту една понуда од општинните, Градот Скопје и правните лица кои стопанисуваат со рекламни паноа и билборди за овие избори. Со оглед на тоа што не беа доставени понуди со локации и ценовници, Комисијата утврди дека е безпредметно одржување на ждрепка за распределба на рекламни паноа и билборди за Предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница.

Покрај овиe точки, Државната изборна комисија едногласно го усвои Записникот од претходната 15-та седница и донесе Решение за дополнување на Решението за формирање на работна група за спроведување на постапката на случаен избор за формирање на општинските изборни комисии за временски период од 2026–2031 година, под бр. 4-1484/1 од 10.06.2026 година.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content