Потпретседателот на Државната изборна комисија, Абдуш Демири, заедно со членовите Ангелчо Ристов, Александар Даштевски , како и генералниот секретар на ДИК, Ивана Костадиноска, учествуваше и се обрати на 13-тиот Годишен состанок на телата за управување со избори (EMBs), кој на 17 и 18 јуни 2026 година се одржува во Батуми, Грузија, во организација на Централната изборна комисија на Грузија.
На третата тематска сесија посветена на „Вештачката интелигенција и социјалните мрежи во изборните процеси: можности и ризици“, Демири говореше на тема „Улогата на телата за управување со избори во заштитата на изборниот интегритет во ерата на вештачката интелигенција и социјалните мрежи“.
Во своето обраќање, тој истакна дека дигиталната трансформација носи нови можности за изборните администрации, но истовремено отвора и сериозни предизвици за зачувување и одржување на довербата во изборните процеси. Според него, во услови кога вештачката интелигенција овозможува создавање на сè поубедливи дезинформации и манипулативни содржини, заштитата на изборниот интегритет повеќе не се однесува само на изборните процедури, туку и на информативниот амбиент во кој граѓаните ги формираат своите ставови и одлуки.
Демири нагласи дека изборните институции мора да се приспособуваат на брзите технолошки промени и да развиваат нови капацитети за препознавање и справување со дигиталните ризици, притоа останувајќи доследни на принципите на транспарентност, непристрасност и заштита на демократските вредности.
Осврнувајќи се на искуствата на Државната изборна комисија, тој истакна дека Комисијата континуирано ги следи современите технолошки трендови и можностите за нивна примена. Воедно, ги претстави дигиталните решенија што ДИК веќе ги применува за зајакнување на интегритетот на изборниот процес, меѓу кои биометриската идентификација на гласачите и софтверскиот систем за случаен избор на членови на избирачките одбори.
Во обраќањето беше нагласена и потребата од соодветна законска рамка за справување со предизвиците што ги носат дигиталните платформи и социјалните мрежи во изборниот процес. Демири посочи дека тековните активности за реформа на Изборниот законик претставуваат можност за воспоставување појасни институционални надлежности и поефикасни механизми за заштита на изборниот интегритет во дигиталниот простор.
Тој потенцираше дека успешното справување со организираните дигитални закани бара координиран пристап и тесна соработка меѓу изборните институции, медиумските регулатори, технолошките компании, граѓанското општество и меѓународните партнери.
На крајот од своето излагање, Демири порача дека технолошкиот развој е неизбежен, но дека зачувувањето на довербата во демократските процеси зависи од способноста на институциите навремено да се адаптираат и да обезбедат услови за кредибилни, транспарентни и инклузивни избори. Годишниот состанок на телата за управување со избори претставува една од најзначајните меѓународни платформи за размена на искуства и добри практики меѓу изборните администрации. Годинашниот форум е посветен на влијанието на дезинформациите, вештачката интелигенција и социјалните мрежи врз изборните процеси и демократските институции, а учесниците дискутираат за можните механизми за зајакнување на отпорноста на изборните системи и јавната доверба во изборните резултати.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА






