
Државната изборна комисија ја одржа својата 11-та седница, на која ги разгледа и едногласно ги усвои Одлуката за дополнување на Одлуката за доделување на средства на општинските изборни комисии за надоместоци на избирачките одбори и општинските изборни комисии во општините со блокирани жиро-сметки, Одлуката за ангажирање на лица во Работната група за серверска и мрежна инфраструктура, одржување на бази на податоци и обработка на Избирачкиот список и определување на надоместок на ангажираните лица, како и Годишниот план за вработувања за 2027 година.
Одлуката за дополнување на Одлуката за доделување на средства на општинските изборни комисии е донесена по претходно доставено барање од Општинската изборна комисија Делчево, со кое беше укажано на технички пропуст при пресметката на надоместокот за едно избирачко место при спроведувањето на локалните избори во 2025 година. По добиеното позитивно мислење од Министерството за финансии за обезбедување на потребните средства, Државната изборна комисија донесе дополнување на претходната одлука со цел навремена исплата на законски утврдените надоместоци.
Во рамките на седницата, Државната изборна комисија ја донесе и Одлуката за ангажирање на лица во Работната група за серверска и мрежна инфраструктура, одржување на бази на податоци и обработка на Избирачкиот список, со која се обезбедува континуитет во функционирањето, одржувањето и унапредувањето на информациските системи на Комисијата, како и непречено извршување на тековните активности поврзани со Избирачкиот список.
Дополнително, Комисијата го усвои и Годишниот план за вработувања за 2027 година, кој е изготвен согласно законските обврски и претставува основа за планирање на кадровските потреби на Државната изборна комисија во наредната година, во насока на обезбедување ефикасно и непречено извршување на нејзините законски надлежности.
11-та седница на Државната изборна комисија
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

