Државната изборна комисија ја одржа 13-та седница, на која беа разгледани и едногласно усвоени точките од дневниот ред, кои се однесуваат на подготовката и организацијата на Предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница, закажани за 18 октомври 2026 година.

Согласно Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на Предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница, 2026 година, Комисијата го усвои Упатството за спроведување на јавниот увид во Избирачкиот список и Јавниот повик за проверка на податоците во Избирачкиот список, кој официјално започнува на 22 август и ќе трае до 10 септември 2026 година. Во овој период, граѓаните на општина Брвеница ќе можат да извршат увид во нивните податоци и да поднесат барања за запишување, бришење или измена лично во Подрачното одделение на ДИК во Тетово, секој ден од 08:00 до 20:00 часот, вклучувајќи ги и деновите од викенд и празници, а на 10 септември до 24:00 часот, или пак електронски на [email protected].

Врз основа на поднесените барања за упис во Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) и ценовници, Комисијата ги донесе Решението и Регистарот за упис на 21 медиум (2 телевизии, 3 радио станици и 16 електронски медиуми) кои ќе обезбедуваат платено политичко рекламирање за учесниците во изборната кампања за Предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница.

Со цел обезбедување висок интегритет и транспарентност на изборниот процес, Државната изборна комисија го донесе Кодексот за набљудување на Предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница, со кој детално се уредуваат правилата, обврските и процедурите за непристрасно постапување и извршување на своите должности, согласно Изборниот законик,  на сите домашни и меѓународни набљудувачи.

На седницата исто така беа усвоени и повеќе оперативни одлуки, меѓу кои Одлуката за утврдување на изгледот на беџовите за идентификација, како и дополнување на Одлуката за формирање на помошни тела на ДИК потребни за организирање и спроведување на изборните активности.

Државната изборна комисија информира дека подготовките  за организирање на Предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница се одвиваат според предвидената динамика и согласно утврдениот Роковник. Комисијата останува целосно посветена на обезбедувањето законит, транспарентен и професионално спроведен изборен процес, а сите усвоени акти, информации и известувања граѓаните можат да ги најдат на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

13-та седница на Државната изборна комисија

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content