Претседателот Маричиќ заедно со членовите на Државната изборна комисија остварија работна средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Северна Македонија, Н.Е. Ола Сулстром, на која една од главните теми на разговор беа тековните активности и приоритети на ДИК, како и претстојните изборни процеси во двете држави.
Комисијата го брифираше амбасадорот дека сите оперативни и логистички подготовки течат според планираниот Роковник за извршување на изборните дејствија за спроведување на предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница во 2026 година. Во таа насока амбасадорот Сулстром информираше дека и Амбасадата на Кралството Шведска е во фаза на интензивни организациски подготовки за нивните претстојни избори, по што соговорниците разменија искуства и мислења за предизвиците со кои се соочуваат двете страни.
На средбата од страна на амбасадорот Сулстром беше потврдено дека Кралството Шведска останува значаен партнер и поддржувач на ДИК во реализацијата на реформите и модернизацијата на изборниот процес. Заеднички беше истакната и заложбата за засилување на оперативната соработка во претстојниот период со меѓународната организација International IDEA, со посебен акцент врз дигитализацијата, зајакнувањето на сајбер-безбедноста и унапредувањето на транспарентноста.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА





