
Државната изборна комисија ја одржа својата 12-та седница, на која Претседателот на Државната изборна комисија информираше дека со Решение за распишување на предвремени избори за Градоначалник во Општина Брвеница со број 09-5125/1од 07.08.2026 година, донесено од Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, беа распишани предвремени избори за избор на Градоначалник во Општина Брвеница кои е предвидено да се одржат на ден 18.10.2026 година.
Со цел целосно запазаување на сите законски рокови и процедури кои согласно Решението и Изборниот законик почнуваат да течат од денот на објавување на решението за распишување на избори, Државната изборна комисија има обврска да ги донесе сите потребните подзаконски акти и да го утврди Роковниот за изборните дејствија со што ќе се овозможи навремена, законита и ефикасна подготовка на изборниот процес во оваа општина.
Во таа насока Државната изборна комисија ги разгледа и едногласно ги усвои Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на изборните активности за предвремените избори за избор на градоначалник на Општина Брвеница, Упатството за начинот и постапката за утврдување на просечно постигнатата цена и најниската цена за платено политичко рекламирање за радиодифузери, печатени медиуми и електронски портали (интернет портали) кои не учествувале на последните пет изборни циклуси, Одлуката за утврдување на потреба од формирање на помошни тела на Државната изборна комисија, како и останатите акти неопходни за подготовка и спроведување на предвремените избори за избор на градоначалник на Општина Брвеница.
Со усвојувањето на Роковникот, Државната изборна комисија ги утврди роковите и активностите што ќе се спроведуваат во изборниот процес, согласно одредбите од Изборниот законик, со што официјално започнува реализацијата на изборните дејствија за предвремените избори за избор на градоначалник на Општина Брвеница.
Во рамките на седницата, Комисијата го усвои и Упатството за начинот и постапката за утврдување на просечно постигнатата цена и најниската цена за платено политичко рекламирање за радиодифузери, печатени медиуми и електронски портали кои не учествувале на последните пет изборни циклуси, со цел обезбедување еднаква примена на законските одредби кои се однесуваат на платеното политичко рекламирање во текот на изборната кампања.
Дополнително, Државната изборна комисија ја утврди потребата од формирање на помошни тела за спроведување на изборните активности, донесе одлука за доставување барање до Министерството за внатрешни работи за податоци за ажурирање на Избирачкиот список, како и заклучок за доставување на барање до основните судови за обезбедување на податоците потребни за негово ажурирање, во согласност со одредбите од Изборниот законик.
Во рамките на седницата беа усвоени и обрасците за постапката за поднесување на листи на кандидати, донесен е заклучок за важноста и примената на подзаконските акти донесени од Државната изборна комисија кои ќе се применуваат во изборниот процес, а членовите на Комисијата информираа и за набљудувањето на изборите.
Исто така, Државната изборна комисија изврши избор на претседател, заменик-претседател, членови и нивни заменици на Општинската изборна комисија Брвеница, со што се создадени услови за непречено спроведување на сите изборни активности согласно законските рокови и надлежности.
12-та седница на Државната изборна комисија
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

