Во просториите на Државната изборна комисија, се одржа настан на тема „Предизвиците на политичкото финансирање и платеното политичко рекламирање во дигиталната ера – како да се унапредат транспарентноста и отчетноста?“, организиран во рамки на  соработкана ДИК со Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).

Претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ, во своето воведно обраќање пред присутните, ја нагласи важноста од отворена дискусија и продлабочување на знаењата и искуствата за предизвиците на политичкото финансирање и платеното политичко рекламирање во услови на динамичен дигитален развој на глобално ниво како и можностите и предизвиците за унапредување на транспарентноста на изборниот процес. Тој истакна дека следењето на современите трендови и предизвици во оваа област е од особено значење за изборната администрација и за понатамошното зајакнување на довербата во изборниот процес.

Свое воведно обраќање имаше и Јоана Косма, директорка на ИФЕС во Северна Македонија, која ја потенцираше важноста на меѓуинституционалната соработка и размената на меѓународни искуства во насока на унапредување на регулативата и практиките поврзани со политичкото финансирање и платеното политичко рекламирање.

Во рамки на настанот, д-р Магнус Оман, директор на Регионалната канцеларија на ИФЕС и виш советник за политичко финансирање, одржа презентација посветена на актуелните предизвици во областа на политичкото финансирање и платеното политичко рекламирање за време на изборните процеси. Презентацијата опфати меѓународни искуства, добри практики и можни пристапи за унапредување на транспарентноста и отчетноста во дигиталниот простор.

Во дискусијата што следеше, учесниците разменија мислења и искуства во однос на постојната законска рамка, практичните предизвици поврзани со надзорот на политичкото рекламирање на интернет платформите,  и можностите за понатамошно зајакнување на институционалните капацитети во оваа област.

Државната изборна комисија и понатаму ќе продолжи да поддржува активности насочени кон следење на современите изборни предизвици и примена на добри практики кои придонесуваат за зајакнување на довербата на граѓаните во изборниот процес.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content