Раководството на Државната изборна комисија (ДИК) оствари работна средба со директорот на Управата за водење на матичните книги (УВМК), г. Фатон Фазлиу, на која главни теми на разговор беа зајакнувањето на соработката и воспоставување брза и поефикасна оперативна комуникација.
Претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ, истакна дека за зачувување на довербата на граѓаните во целокупниот изборен процес, клучна важност има навременото и континуирано ажурирање на Избирачкиот список. Тој предложи, во рамките на законските надлежности на двете институции, да се разгледаат можностите за воспоставување на дигитален начин за добивање на податоците за промени по основ на смрт, со цел навремено евидентирање на овие измени од терен и елиминирање на административните застои.
Директорот на Управата за водење на матичните книги, Фатон Фазлиу, ја поздрави иницијативата на ДИК за воспоставување поблиска и почеста директна меѓуинституционална комуникација, особено помеѓу подрачните одделенија и канцеларии на двете институции. Тој истакна дека Управата, и покрај реалните оперативни предизвици и недостигот од човечки ресурси, останува целосно посветена на исполнување на законските обврски и за изнаоѓање поефикасни начини за проследување на податоците, со цел навремено и точно ажурирање на Избирачкиот список. Во насока на долгорочно и системско решение, Фазлиу ја нагласи можноста што ја нуди Националната платформа за интероперабилност, за ДИК да има увид во податоците и континуирана, автоматизирана размена на информации.
Повикувајќи се на позитивните наоди во Извештајот за Локалните избори 2025 на ОБСЕ/ОДИХР, потпретседателот на ДИК, Абдуш Демири, истакна дека Комисијата во континуитет ја унапредува транспарентноста и го зајакнува интегритетот на ДИК, посочувајќи дека ваквите меѓуинституционални активности и блиска соработка со УВМК директно придонесуваат за уште поголема прецизност на Избирачкиот список, со што дополнително се зголемува јавната доверба во целокупниот изборен процес.
На состанокот, членовите на Комисијата ја нагласија потребата од доследно почитување на законски утврдената динамика за доставување на податоците, потенцирајќи дека брзата размена на информации може да спречи недоследности во Избирачкиот список. Тие укажаа дека и покрај постоечките сигурносни заштитни механизми и примената на биометриската идентификација со отпечатоци од прсти, која во пракса целосно оневозможува каква било злоупотреба при гласањето, секое задоцнување во ажурирањето на податоците остава простор за неосновани сомнежи во јавноста, што директно влијае врз перцепцијата за интегритетот на изборниот процес.
Соговорниците се договорија во претстојниот период да потпишат Меморандум за соработка со кој прецизно ќе се регулираат меѓусебните обврски и протоколи за постапување, а заедничка работна група составена од претставници на двете институции ќе ги дефинира техничките и оперативните чекори за реализација на договорените активности.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА



