Членовите на Државната изборна комисија (ДИК), Дитмире Шеху и Светлана Карапетрова, учествуваа на конференцијата „Зајакнување на отпорноста кон родово поврзани манипулации со информации“, во организација на Фондацијата Метаморфозис и Интернешенал ИДЕА и заедно со бројни претставници на институциите, граѓанскиот сектор и медиумите дадоја осврт на предизвиците и решенијата за заштита на изборниот интегритет од штетните наративи.

Шеху се обрати во панел-сесија насловена „Родот, ФИМИ (странско влијание и манипулација со информации) и демократското учество: Како анти-родовите наративи стануваат политички алатки“ каде посочи дека борбата против манипулациите со информации мора да се води исклучиво на факти, транспарентност и демократски вредности и дека голема и важна улога имаат дигиталните платформи и медиумите.

ДИК во рамки на своето институционално функционирање и одлучување доследно ја имплементира родовата перспектива. Во таа насока  веќе подготвуваме детална стручна анализа базирана на егзактни докази, со која прецизно ќе се утврди процентот на излезност на жените, како и нивната застапеност во изборните органи на самите избирачки места. Ова истражување е клучно бидејќи сè уште детектираме средини каде гласањето е речиси стопроцентно машко, што бара системски одговор“, истакна Шеху, најавувајќи ја претстојната голема конференција на ДИК посветена токму на учеството на жените во изборите, каде ќе се разменат податоци со домашните и меѓународните партнери.

Шеху посочи дека ДИК развива процеси кои се транспарентни и во духот на родовата еднаквост.

„Усвоивме Родов акциски план 2026-2028 со кој дополнително ги зајакнуваме капацитетите на Комисијата за унапредување на еднаквите можности и инклузивноста во изборните процеси. Довербата во изборите се гради секој ден преку транспарентност, професионалност и градење на институција која постојано одговара на современите предизвици“, рече Шеху.

Општиот заклучок од дискусијата беше дека координираните анти-родови кампањи, кои особено се интензивираат во изборни периоди, шират недоверба кон институциите и директно го поткопуваат правото на граѓаните на информиран и слободен избор.

Во вториот дел од настанот се одржа практична работилница на која присутните учесници имаа можност да идентификуваат и анализираат повеќе штетни анти-родови наративи, како и да дефинираат конкретни начини и форми за идно застапување пред институциите на системот со цел заштита на изборниот интегритет и родовата еднаквост.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content