Државната изборна комисија (ДИК) на ден 8 јули 2026 година, во полн состав ја одржа 9-тата седница, на која со консензус беа усвоени повеќе акти во насока на прецизирање на постапките за попис на имотот, потоа усогласување и замена на официјалните печати на изборните органи, како и спроведување на континуирана едукација на јавноста во вонизборен период.

На почетокот на седницата, членовите на ДИК едногласно ги усвоија новиот Правилник и Процедурата за начинот на вршење на попис и усогласување на сметководствената состојба на средствата и обврските со фактичката состојба. Овие акти се донесуваат согласно законските обврски за сметководство на буџетските корисници и имаат за цел да обезбедат максимална точност, транспарентност и реално прикажување на институционалниот имот и деловните книги.

Поради меѓусебната поврзаност на предложените акти и во насока на поефикасно одлучување, а согласно член 42 став 2 и став 3 од Деловникот за работа на ДИК, Комисијата спроведе единствено разгледување и гласање за пакетот одлуки кои се однесуваат на изборните печати и штембили. Со тоа, едногласно беа изгласани одлуките за изменување, дополнување и замена на печатите и штембилите кои ги користат Државната изборна комисија и нејзините подрачни одделенија, општинските изборни комисии (вклучувајќи ја и Изборната комисија на Град Скопје), како и за избирачките места во надлежност на ОИК Гази Баба, Василево, Зелениково, Карбинци, Конче, Петровец и Чучер Сандево.

На седницата беше едногласно усвоена и Годишната програма за едукација на други чинители во изборите вон изборен процес за 2026 година. Донесувањето на оваа програма е законска обврска на ДИК, согласно член 31 став 2 точка 6-а од Изборниот законик, за обезбедување континуирана обука за сите учесници во изборниот процес. Главната цел е воспоставување одржлив систем на едукација меѓу два изборни циклуси кој ќе придонесе за продлабочување на знаењата, подобро разбирање на регулативата и практична подготвеност за сите засегнати страни. Со реализација на овие континуирани обуки во воннизворен период, ДИК се стреми кон долгорочно зајакнување на интегритетот, отпорноста кон нерегуларности, како и зголемување на транспарентноста и јавната доверба во изборниот процес.

9-та седница на Државната изборна комисија

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content