На 74-та седница на Државната изборна комисија, одржана на 7 јули 2020 година, се одобрија барањата за акредитација поднесени од Австриската амбасада Скопје, Ал Џезира Англиски, Амбасадата на Унгарија во Скопје, Асосиејтед прес, Здружението на Националниот ромски центар, Амбасадата на Швајцарија во Скопје и АКСИОС 2017 Скопје.

Поднесениот приговор за попречување и оневозможување на изборна кампања, согласно член 73 став 1 од Изборниот законик, поднесен од Никола Димитров, кандидат за пратеник и носител на листата во Изборната единица 1 од Коалцијата „Можеме“ беше едногласно отфрлен, бидејќи Државната изборна комисија е ненадлежна за одлучување по овој приговор.

Државната изборна комисија ги усвои Посебниот образец бр.1 Записник за примопредавање на изборниот материјал за гласањето на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација од основниот Избирачки одбор на посебниот Избирачки одбор и Посебниот образец бр.2 Записник за предавање на изборен материјал за гласањето на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација од Општинската изборна комисија на посебниот Избирачки одбор.

Разгледано беше барањето за изземање на заменик член на општинската изборна комисија Чешиново  – Облешево, поради тоа што лицето не е повеќе во работен однос. Избор за нов заменик член не беше спроведен бидејќи општинската изборна комисија е функционална и кратки се роковите до денот на спроведување на гласањето.

На седницата, беа разгледани барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател и членови на посебните избирачки одбори кои ќе го спроведат гласањето на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација и следствено на тоа веднаш беше спроведен избор на претседател и членови на посебните избирачки одбори кои ќе го спроведат гласањето на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација. По однос на пријавувањето за гласање на овие лица, овозможено е покрај постојните начини за пријавување истото да го направат и преку апликацијата https://izolacija.sec.mk.

Државната изборна комисија ја информираше јавноста дека ќе биде организирана и спроведена симулација за безбедно гласање, на едно избирачко место, во која што ќе биде опфатен целиот изборен процес и на која што ќе бидат поканети медиумите, набљудувачите, претставници на Министерството за здравство и претставници на амбасадите во Република Северна Македонија.

Во врска со гласањето кое ќе се спроведува на 13 јули 2020 година и 14 јули 2020 година и имајќи предвид дека се работни денови, Државната изборна комисија препорача сите членови на избирачките одбори кои ќе го спроведуваат гласањето овие денови, да бидат ослободени од работа, без разлика дали истите се во работен однос во државна институција или приватен сектор.

На денот на Предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 15 јули 2020 година забрането е  носење на маски за медицинска заштита на кои има партиски симболи. Истото претставува политичка пропаганда и согласно тоа известено е Министерството за внатрешни работи, да овластените полициски службеници кои ќе го обезбедуваат избирачкото место, покрај во самата просторија определена за гласање, да не дозволуваат лица со вакви партиски симболи да влегуваат во просториите за гласање.

Сите преземени активности, препораки и известувања ќе бидат објавени на веб страницата на Државната изборна комисија.

Skip to content