На 79-та седница на Државната изборна комисија, која се одржа на 19 јули 2020 година, се одлучуваше по поднесените приговори во постапката за заштита на избирачкото право на подносителите на листите на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите од гласањето.

Во определениот законски рок, согласно член 148 од Изборниот законик, до Државната изборна комисија беа поднесени приговори од повеќе подносители на листи и тоа Левица, Коалиција Алијанса за Албанците и алтернатива, СДУ, Единствена Македонија, МОРО – Работничка партија, Интегра – македонска конзервативна партија, Глас за Македонија и ВМРО-ДПМНЕ и Коалција „Обнова за Македонија“ и согласно член 69-а од Изборниот законик беа поднесени приговори од Коалиција „Можеме“ и ВМРО-ДПМНЕ и Коалција „Обнова за Македонија“.

По однос на приговорите кои беа доставени од страна на Левица, беа отфрлени вкупно 1478 приговори кои не ги исполнуваа условите од член 147 став (3) од Изборниот законик, бидејќи истите беа поднесени без потпис и печат.

Државната изборна комисија изврши детален увид и во останатите приговори и едногласно ги одби поради тоа што истите не беа поткрепени со факти и докази. Ниту еден од подносителите на приговорите во своите приговори немаше постапено согласно законската рамка и ја немаше искористено можноста која е дадена согласно Изборниот законик да се постапува во случај на евентуални нерегуларности во изборниот процес.

Во прилог на приговорите не беше доставен соодветен доказ за наводите кои беа наведени во нив, а во Записникот бр.16 и Записникот бр.21 за секое избирачко место кое е предмет на приговор, немаше забелешка од ниту еден член од избирачките одбори, ниту од овластените претставници од подносителите на листите (согласно член 116 став 3 од Изборниот законик), кое исто беше утврдено по повеќекратните проверки и увид во записниците од страна на Државната изборна комисија.

Исто така не беше постапено и согласно член 117 став (6)  каде  е наведено дека доколку забелешките на претставниците на подносителите на листите не се евидентирани во записникот, тие имаат право да ги достават до општинската изборна комисија во рок од 5 часа од составувањето на записникот и забелешките согласно одредбите од член 116 став 3 да бидат основа за приговор.

Државната изборна комисија ги констатираше бројките кои беа сумирани од страна на избирачките одбори и општинските изборни комисии, односно бројките се потврдени а мандатите поделени соодветно освоените гласови.

Државната изборна комисија се заблагодари на сите кои учествуваа во овој изборен процес, со што истакна дека изборната администрација беспрекорно ги спроведе овие избори и овозможи да се одвиваат во мирна атмосфера. Постапувајќи согласно Изборниот законик и подзаконските акти донесени од Државната изборна комисија, изборната администрација овозможи секој граѓанин да го оствари правото на глас и обезбеди спроведување на фер и демократски избори.

Skip to content