На седницата на Државната изборна комисија беа разгледани Приговорите за предвремено започната изборна кампања, поднесени од анонимен подносител и Алијанса за албанците и алтернатива и истите беа едногласно одбиени како неосновани. Кон приговорите не беа приложени соодветни докази.

Имајќи предвид дека Локалните избори 2021 година ќе се спроведуваат со користење на уредите за биометриска идентификација на гласачите поради што изборниот процес и работата на изборните органи и на изборната администрација е посложена, како и поради зголемените законски надлежности на општинските изборни комисии за локалните избори,  Државната изборна комисија го донесе Правилникот за критериумите за определување на надоместок на членовите на изборните органи и изборната администрација за спроведување на Локалните избори 2021 година, со кој се зголемува надоместокот на овие категории согласно критериумите утврдени во истиот. Членовите на Државната изборна комисија и во овој изборен процес нема да го искористат законското право и нема да земат никаков надоместок.

Понатаму беше донесено Упатството за начинот на гласање на избирачки места со помалку од 10 избирачи.

Согласно член 149 став (1) од Изборниот законик секој избирач на кого му е повредено личното избирачко право во секоја фаза од изборниот процес може да поднесе приговор до општинската изборна комисија и за таа цел Државната изборна комисија го донесе Упатството за начинот и постапката за решавање на приговори во надлежност на општинските изборни комисии.

Бидејќи со законските измени во Изборниот законик се овозможува и запишување на избирач во Избирачкиот список по усвоен приговор за заштита на личното избирачко право, додека процесот на гласање е во тек, Државната изборна комисија оваа процедура ја пропиша во Посебно упатство за процедурата за остварување на избирачкото право на избирачот кој на денот на гласање ги исполнува законските услови да биде запишан во избирачкиот список, со Прилог посебен образец за запишување на избирач во избирачкиот список на денот на гласањето, како составен дел на Упатството.

Државната изборна комисија ги донесе обрасците за медиа планот и извештајот за реализирани услуги за радиодифузери, медиа планот и извештајот за реализирани услуги за печатени медиуми и медиа планот и извештајот за реализирани услуги за електронски медиуми (интернет портали), како и обрасците Број 23-а – приговор за заштита на лично избирачко право, Образец по член 107 од Изборниот законик – Неможност за остварување на гласачкото право, Број 22 а- записник за утврдување на резултати од гласањето за избор на градоначалник на Градот Скопје, Број 22 Б – записник за утврдување на резултати од гласањето за избори за членови на Совет на Градот Скопје, во кој исто се вметнати измените од Изборниот законик.

На седницата беше прифатено Барањето за добивање овластување за набљудувачи  за Локалните избори 2021 година, поднесено од Амбасада на Руската федерација во Република Северна Македонија.

Државната изборна комисија ги извести општинските изборни комисии кои имаат потврдени листи на кандидати согласно член 8 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси да бараат изземање на претседателите при работата во комисиите во делот на одлучување и потврдување на резултатите од гласањето.

Побарано е претседателите на општинските изборни комисии да постапуваат по горенаведениот член од Законот и да не именуваат лица за секретари или заменици секретари спротивно на Законот, а веќе именуваните лица кои се во блиско сродство со претседателите да се разрешат и истовремено сите да потпишат Изјава за непостоење на судир на интереси.

Исто така, Државната изборна комисија донесе Заклучок за задолжување на општинската изборна комисија Центар, која потребно е да подготви и до Државната изборна комисија да достави комплетен Извештај за досегашната работа и начин на постапување по определени активности и напатствија, како и да ги достави сите записници од одржаните седници. Државната изброна комисија побара општинските изборни комисии доследно да го почитуваат Изборниот законик и сите акти и упатства донесени од Државната изборна комисија.

На седницата на Државната изборна комисија беа разгледани барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии, по што по барањата кои беа прифатени од страна на Комисијата се спроведе случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content