По повод Глобалниот ден на изборите, кој секоја година се одбележува во првиот четврток во февруари, на 1 февруари оваа година Стручната служба на Државната изборна комисија организира прв Отворен едукативен ден за граѓаните. Ова е прв пат од своето постоење Државната изборна комисија да ги отвори своите врати за граѓаните, а интенцијата е ваквите денови да станат редовна пракса.

На овој ден сите заинтересирани граѓани се добредојдени во просториите на Државната изборна комисија, каде ќе можат да проследат едукативна презентација преку која ќе се информираат околу остварувањето на своето избирачко право со особен фокус на водењето на Избирачкиот список.

Воедно граѓаните ќе можат да постават и прашања до вработените во Стручната служба на ДИК.

Во три термини во текот на денот, и тоа во 11:00, 13:00 и 15:00 часот, заинтересираните граѓани ќе можат да ја проследат едукативната тура во седиштето на ДИК (Бул. Св. Кирил и Методиј бр.54, 4-ти кат), или пак да се информираат околу остварувањето на своето избирачко право во некое од подрачните одделенија и канцеларии ( http://www.sec.mk/16000-2/ ).

Сите заинтересирани за централните настани во седиштето на ДИК, ги покануваме 10 минути пред одбраниот термин (11:00. 13:00 или 15:00 часот) да дојдат пред главниот влез на зградата на седиштето.
Групата од главниот влез до салата на 4-ти кат ќе ја водат вработени со беџови на Стручната служба на ДИК.

Важно за медиумите:

Изјава за медиумите по повод одбележувањето на Глобалниот ден на изборите во седиштето на ДИК закажуваме за во четврток, 1 февруари, во 12:00 часот.

Вашите екипи ќе можат да ги проследат едукативните тури и да снимаат кадри за ваши потреби.

Отворениот едукативен ден во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК е отворен и за локалните ТВ и радио станици  кои можат да ги посетат и да проследат како тече одбележувањето на Глобалниот ден на изборите.

Skip to content