Државната изборна комисија, на 78-та седница одржана нa 16 јули 2020 година, информираше за состојбата после спроведеното гласање за Избор за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 15 јули 2020 година, врз основа на податоците во доставените записници од општинските изборни комисии, избирачките одбори и целокупниот останат изборен материјал, со што од вкупниот број на избирачи запишани во Избирачкиот список кој изнесува 1.814.236, вкупниот број на избирачи кои гласале изнесува 942.334, вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња изнесува 869.889, вкупниот број на важечки гласачки ливчиња изнесува 910.868 и вкупниот број на неважечки гласачки ливчиња изнесува 31.466.

По однос на распределбата на мандатите за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија според бројот на вкупните гласови што ги добиле листите на кандидати, одделно врз основа на сумираните резултати од општинските изборни комисии за избирачките места во изборните единци за кои се надлежни, ДПА освоила еден мандат во ИЕ 6, Коалицијата „Можеме“ во ИЕ 1 освоила 8 мандати, во ИЕ 2 освоила 7 мандати, во ИЕ 3 освоила 9 мандати, во ИЕ 4 освоила 10 мандати, во ИЕ 5 освоила 8 мандати и во ИЕ 6 освоила 4 мандати, вкупно 46 мандати, Левица во ИЕ 1 освоила 1 мандат и во ИЕ 3 освоила 1 мандат, вкупно 2 мандати, Алијанса на Албанците и Алтернатива во ИЕ 1 освоила 2 мандати, во ИЕ 2 освоила 3 мандати, во ИЕ 5 освоила 1 мандат, во ИЕ 6 освоила 6 мандати, вкупно 12 мандати, ДУИ во ИЕ 1 освоила 2 мандати, во ИЕ 2 освоила 3 мандати, во ИЕ 5 освоила 3 мандати, во ИЕ 6 освоила 7 мандати, вкупно 15 мандати, и ВМРО – ДПМНЕ и Коалиција Обнова на Македонија, во ИЕ 1 освоила 7 мандати, во ИЕ 2 освоила 7 мандати, во ИЕ 3 освоила 10 мандати, во ИЕ 4 освоила 10 мандати, во ИЕ 5 освоила 8 мандати и во ИЕ 6 освоила 2 мандати, вкупно 44 мандати.

Истовремено, Државната изборна комисија информираше дека гласањето кое беше спроведено на 13 јули 2020 година, 14 јули 2020 година и 15 јули 2020 година, со оглед на условите во кои се спроведуваше поради состојбата со Коронавирусот се одвиваше непречено и согласно тоа упати честитки до сите учесници во изборниот процес и нивниот демократски капацитет кој овозможи фер и демократски избори.

Иако во текот на сумирањето на резултатите за гласањето Државната изборна комисија се соочи со голем предизвик и проблем поради хакерскиот напад врз софтверот за внес и пребројување на резултати, Комисијата истакна дека работи согласно Изборниот законик, а резултатите ги објавува по добиените записници број 16 и број 21 од општинските изборни комисии.

Конечниот резултат од спроведеното гласање за Предвремените избори за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 15 јули 2020 година ќе биде објавен од страна на Државната изборна комисија, по завршувањето на постапката со приговорите кои ќе се разгледуваат по две основи и тоа по однос на постапката за гласање, кој што рок почнува од завршувањето на гласањето, 15 јули 2020 година, 21 часот и ќе трае 48 часа и постапката за сумирање и утврдување на резултатите, кој рок почнува да тече од моментот на објавувањето на резултатите од страна на Државната изборна комисија и ќе трае исто така 48 часа. Државната изборна комисија и по двата вида на приговори треба да одлучува во рок од 72 часа од добивањето на приговорите.

Skip to content